Достапни линкови

САД ќе се посветат и на „помалите прашања“ како Македонија на ГС на ОН


Архивска фотографија: Претседателите на САД и на Македонија, Барак Обама и Ѓорге Иванов.

Архивска фотографија: Претседателите на САД и на Македонија, Барак Обама и Ѓорге Иванов.

На маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, САД ќе работат и на прашањата како што е спорот за името меѓу Македонија и Грција, изјави Дин Питман, помошникот државен секретар на САД на брифингот на кој ги претстави американските приоритети за Генералното собрание, кое почнува следната недела, пренесува државната новинска агенција МИА.

Питман одговори на новинарско прашање за тоа дали администрацијата на САД ќе има можност да работи и на ова помало прашање, покрај крупните светски проблеми како војната во Сирија или Арапската пролет.

„Ако погледнеме кој сè ќе биде во Њујорк, таму ќе имаме можност да обрнеме внимание и на помалите прашања, покрај поголемите прашања. Ќе има делегации од секоја земја во светот, најголем дел од функционерите во Стејт департментот исто така ќе бидат во Њујорк, државниот секретар, помошниците секретари, и ќе има можности да се искористи и тоа за ваквите помали прашања, кое знам дека не е мало прашање, бидејќи да беше мало, досега ќе беше решено“, изјави Питман.

Тој подоцна на новинарско прашање го стави спорот за името меѓу Македонија и Грција во категоријата на замрзнати конфликти, како територијалниот спор меѓу Ерманија и Азербејџан, пренесува МИА.

На Генералното собрание во Њујорк од македонска страна предвидено е да присуствуваат премиерот Никола Груевски, кој пред Генералното собрание ќе се обрати на 27 септември, и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Грчката делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос. Грчки дипломатски извори најавија дека е можно и грчкиот премиер Андонис Самарас да дојде во Њујорк, иако помина само еден месец по неговата посета на Њујорк и Вашингтон.

Помошникот секретар Питман најави дека главното прашање на кое САД ќе работат во Њујорк, односно како што рече „слонот во собата“, ќе биде војната во Сирија. Американскиот претседател Барак Обама, кој ќе биде во Њујорк заедно со државниот секретар Џон Кери, ќе се обрати на Генералното собрание во вторник.
XS
SM
MD
LG