Достапни линкови

Лустриран поранешен министер за внатрешни работи


Комисијата за лустрација на денешната седница како наредбодавач лустрира уште еден поранешен министер за внатрешни работи. Комисијата смета дека тој е одговорен за досието „Темел“ за следење на функционери и членови на една опозициска партија од 90-тите години. Портпаролот на Комисијата за лустрација, Предраг Димитровски за МИА изјави дека еден од членовите на Комисијата за лустрација, побарал точката да биде одложена и да се побараат дополнителни документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, што од другите не било прифатено. Досието „Темел“ датира според документите од февруари-март 1995 година, па се до крајот на октомври 1998 година, односно непосредно пред смената на тогашната Влада. Во досието, како што додаде, има документи за студентските протести, состаноци на организаторите на протестите, за митингот на тогашната опозиција, па и за внатрепартискиот раскол. На седницата лустриран е и еден помошник-министер за внатрешни работи, кој е починат и неговите податоци, како што нагласи портпаролот, нема да бидат објавени на веб-страната на Комисијата.
XS
SM
MD
LG