Достапни линкови

Сирија, дипломатија со мирис на барут


Францускиот претседател Франсоа Оланд, американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг се согласија денеска во Париз да побараат силна и робустна резолуција на Советот за безбедност за отстранувањето на сириското хемсико оружје. Новата резолуција за Сирија, која, според очекувањата, би требало да биде усвоена до крајот на неделава.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека новата резолуција треба да ги постави начините за обезбедување и уништување на складираното хемсико оружје. Но, тој исто така додаде дека опцијата за воени удари останува на маса, во случај Дамаск да не го исполни договореното.

Според Оланд, постигнатата спогодба меѓу Соединетите држави и Русија покажа оти е можно политичко и дипломатско решение на сиријскиот конфликт.

„Што би требало да мислиме за овој договор? Мислам дека тоа е важен чекор, но не и крајна цел“, изјави Оланд кој, во врска со иднината на Сирија повтори дека е за политички договор со кој би се обезбедило, по сменувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад на власт да дојдат, како што рече, вистински демократи, а не џихадисти.

Франција е единствената западноевропска земја која ја потврди готовноста да учествува во воен напад врз сирискиот режим, ако го предводат Соединетите држави. На иста линија е и британскиот премиер Дејвид Камерон, но парламентот одби да одобри воени удари врз Сирија.

Ако дипломатијата не успее, Соединетите држави остануваат подготвени да дејствуваат.
Барак Обама, претседател на САД.
Во нацрт договорот што во саботата во Женева го постигнаа шефовите на дипломатиите на Соединетите држави и на Русија Џон Кери и Сергеј Лавров се бара од Сирија за една недела да достави список со целото нејзино хемиско оружје што потоа би требало да биде уништено до средината на идната година.

Доколку Дамаск не го стори тоа, договореното би било спроведено со резолуција на Советот за безбедност која би предвидувала и употреба на сила. Британија, Кина, Обединетите нации, Арапската лига и НАТО изразија задоволство од договорот.

Сирискиот министер за национална обнова Али Хајдар договорот го оцени како победа за Сирија. Според него, со тоа се избегна војната што пак ќе им помогнело на Сиријците побргу да излезат од кризата.

Опозицската Сириска национална коалиција го критикуваше планот, наведувајќи дека на претседателот Башар ал Асад не може да му се верува. Американскиот претседател Барак Обама оценувајќи дека договорот е важен чекор, сепак предупреди: „Ако дипломатијата не успее, Соединетите држави остануваат подготвени да дејствуваат“.

Обама ја поздрави вклученоста на рускиот претседател Владимир Путин во изнаоѓањето дипломатско решение.

„Го поздравувам што беше вклучен. Го поздравувам кога вели - Ја преземам одговорноста за туркање на мојот клиент, режимот на Асад, да се справи со хемиското оружје“, изјави Обама, кој во врска со иранската нуклеарна програма додаде:

„Се сомневам дека Иранците ова ќе го сфатат како што не треба, односно дека ако не ја удревме Сирија, нема да го удриме и Иран. Од друга страна она што треба да го извлечат од ова лекција е дека има можности за решавање на тие прашања и по дипломатски пат.“

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун денеска ќе ги информира Советот за безбедност и Генералното собрание за содржината на извештајот за употребата на хемиско оружје во Сирија.

Извештајот е подготвен од експерти на Светската организација кои имаат мандат да утврдат дали бил користен отровен гас на 21 минатиот месец во едно предградие на Дамаск, но не и кој го сторил тоа.

Соединетите држави и западните сојузници го обвинија режимот на Асад дека го извршил нападот при што загинале над 1.400 луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG