Достапни линкови

Косово ја укина забраната за македонски производи


Косово ја укина забраната за македонски производи. Од ноќеска на полноќ граничните премини на македонско-косовската граница Блаце и Јажинце се слободни за собраќање. Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски потврди дека по прекинот на косовската забрана престанува да важи и македонската мерка за надомест за влез во земјава. Мерките што беа воведени од македонската страна, според него, по автоматизам се укинуваат по укинувањето од нивна страна на ембаргото.
„Со ова завршуваат немилите процеси кои што беа во изминатите неколку дена помеѓу овие две држави, кои што настанаа како резултат на ембаргото на увоз прво на одредена група македонски производи, а потоа и целосна забрана за македонски производи од страна на Република Косово. Ние воведовме мерки кои што по автоматизам се укинуваат во оној момент кога и косовската Влада ќе ги укине“, изјави Пешевски.
За нормализирањето на состојбата беа информирани и превозниците од „Макамтранс“, кои по косовското ембарго во понеделникот вечерта ги блокираа премините Јажинце и Блаце. Со тоа стартуваше и влезот на камионите со производи од Македонија на Косово.
XS
SM
MD
LG