Достапни линкови

Лекциите од 24 декември клучни за извештајот на ЕУ


Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Скопје, 01 март 2013.
Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Скопје, 01 март 2013.

Споведувањето на препораките од Извештајот за 24 декември ќе влијае на конечните оценки во извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

Очекувам точен, фер и балансиран извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, вели британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Иако работната група за спроведување на препораките од извештајот на ад хок комисијата за настаните од 24 декември, ја гледа како пример за подобрување на политичкиот дијалог, Ивон порачува дека сега е клучно работната група да ги спроведе сите препораки од извештајот.
Мислам дека клучните работи од извештајот на комисијата се препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од политичките лидери на сите партии да направат се што можат за да ја научат лекцијата од 24 декември.
Кристофер Ивон, британски амбасадор во Македонија.

„Мислам дека клучните работи од извештајот на комисијата се препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од политичките лидери на сите партии да направат се што можат за да ја научат лекцијата од 24 декември. Мислам дека тоа е вистинската цел на извештајот, особено во делот на препораките. Мислам дека она на што треба да се внимава е како тој се спроведува. Извештајот секако го поседуваат политичките партии во Македонија и тој е во интерес на граѓаните на Македонија, но секако таму каде што Британија има право на глас во дискусиите на Европската унија, ќе бидеме многу внимателни како напредува спроведувањето на извештајот“, изјави амбасадорот Ивон.
Евроамбасадорот Аиов Орав и британскиот амбасадор Кристофер Ивон на презентација на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија за 2012.
Евроамбасадорот Аиов Орав и британскиот амбасадор Кристофер Ивон на презентација на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија за 2012.

Помалку или повеќе, од многу нешта зависи содржината на октомврискиот извештај, но проблем е тоа што се фокусираме на формалните, наместо на суштинските работи, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика. Смета дека формалното исполнување на барањата, кога демократскиот процес е во застој, не оди во прилог на реформите во земјава.
Проблемот е многу поширок, ние сега сме практично на стенд бај во тој процес бидејќи имавме едно големо назадување и одиме на една патека, којашто е буквално настрана од главната патека на проширувањето.
Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика.

„Проблемот е многу поширок, ние сега сме практично на стенд бај во тој процес бидејќи имавме едно големо назадување и одиме на една патека, којашто е буквално настрана од главната патека на проширувањето.“

Споведувањето на препораките ќе влијае на конечните оценки во извештајот на Европската Комисија, вели политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани. Сепак смета дека уште поважно е каква е генералната слика за политичкиот дијалог и односите во земјава.

„Мислам дека во делот на усвојување формално ќе биде тоа, како што изгледаше со работата на таа Комисија, но ќе следи работата со имплементирањето што мислам дека ќе биде најтешкиот дел.“

И Ристеска и Рамадани велат дека е неизвесно дали есенва Македонија уште еднаш ќе добие препорака за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Се надеваат дека до објавувањето на извештајот нема да има назадувања и оти земјава нема да биде првата на која ќе и се случи да не и биде повторена препораката за отпочнување преговори со Унијата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG