Достапни линкови

Изабел Ипер – Најбараната европска актерка на „Браќа Манаки“


Најбараната европска актерка и големата ѕвезда на францускиот филм, шеесетгодишната Изабел Ипер, ќе гостува на затворањето на 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што од 14 до 20 септември ќе се одржи во Битола. Таа е добитничка на Наградата за животно дело – Златна камера 300 и дефинитивно е најзвучното име кое ја заокружува листата од десеттината бардови кинематографери чии дела ќе ги видиме на оваа значајна културна манифестација.

По Викторија Абрил пред четири години, потем Дерил Хана, Мики Манојловиќ и единствената Кетрин Денев, на црвениот тепих во Битола, ќе стапне и Французинката Изабел Ипер, омилената актерка на режисерите и на љубителите на седмата уметност.
Ние како организатори сме неверојатно среќни бидејќи не само што е голем уметник, не само што е голем актер, туку е и мајка на три деца и затоа нечесто прифаќа да оди на фестивали и самото тоа што имаме можност да ја донесеме во Македонија е од исклучително значење.
Лабина Митевска, директорка на Фестивалот Браќа Манаки.

Изабел Ипер.
Изабел Ипер.
Со над стотина филмски улоги и уште многу други на театарските сцени, Ипер се смета за една од најбараните актерки на Стариот континент, за која што се вели дека „може да одигра секаква улога“. Иако е меѓу најангажираните и најталентираните, таа е мошне затворена личност, како и повеќето од хероините што ги толкува во филмовите. Не милува да дава интервјуа и тешко открива детали од приватниот живот во јавноста. Ретко прифаќа да гостува на фестивали, а нејзиниот дводневен престој на „Браќа Манаки“ ќе биде веројатно второто доаѓање во Македонија (била приватно во Скопје во средината на 1980-те) и едно од малкуте во регионов (учествувала во снимањето на југословенско-француската копродукција на познатиот режисер Александар Петровиќ, односно при екранизацијата на романот „Селидби“ од Милош Црњански).
Со доделувањето на просторот и објектите на старата касарна, станува збор за вкупно 103 хектари, за што ние изработивме три детални урбанистички плана, единствена општина сме во Македонија која има маркица за филмски студија. Ние ќе го тераме овој проект. Знаеме дека е тешко и дека не зависи сè само од нас, меѓутоа битно е колку и какви услови ќе им дадеме на потенцијалните филмаџии кои ќе доаѓаат во Битола. Имаме објекти за филмските работници, но и простор за изградба на нови филмски студија. Значи, „Битола филмски град“ ни е концепт кој на некој начин значи еден сегмент од фестивалот „Браќа Манаки“ и кој треба да биде заокружен со сопствена продукција. Сакаме да направиме нешто слично на она што го имаат соседите во Софија со студијата „Бојана“. Знаеме дека треба неколку децении да се случи тоа, меѓутоа свесни сме дека големите проекти долго се градат и дека за нив треба навистина големо вложување.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

„Ние како организатори сме неверојатно среќни бидејќи не само што е голем уметник, не само што е голем актер, туку е и мајка на три деца и затоа нечесто прифаќа да оди на фестивали и самото тоа што имаме можност да ја донесеме во Македонија е од исклучително значење“, вели Лабина Митевска, директорка на Фестивалот.

Родена 1953 година во Париз, Изабел Ипер поседува импресивна филмографија играјќи за режисери од врвен ранг и со колеги-актери кои се големи брендови на францускиот и европскиот филм. Снимала со прочуените Бертран Таверние, Жан Лук Годар, Патрис Шеро, Клод Шаброл, Франсоа Озон, но и со Мајкл Чимино, Џозеф Лоуси и Михаел Ханеке. За улогата на Ерика Кохут токму во неговиот „Пијанистка“ од 2001 година, не само што освои бројни награди (меѓу другите и најдобра актерка на Канскиот фестивал), туку критичарите забележаа дека е најзначајната во нејзината исклучително плодна кариера.

Добитничка е на 57 филмски и друг вид награди, сем престижниот Сезар, на два пати била прогласувана за најдобра актерка на фестивалите во Кан, во Венеција и на доделувањето на Европските филмски награди, а носител е и на високиот француски орден „Легија на честа“ во 1999 година.

Изабел Ипер.
Изабел Ипер.
Публиката во Битола ќе може да ја види на 19 септември кога ќе биде прикажан „Дом“ на Урсула Мајер каде Изабел Ипер ја толкува главната улога, а Наградата за животно дело – „Златна камера 300“ ќе ѝ биде врачена на затворањето на 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Инаку, отворањето на манифестацијата која годинава се одвива под мотото „Пушти ја светлината“ и на која ќе бидат прикажани 74 врвни наслови од светската и од македонската продукција, ќе биде во знакот на премиерата на „Соба со пијано“ од Игор Иванов Изи и доделувањето на наградите „Златна камера 300 за животно дело“ на шпанскиот кинематографер Хозе Луис Алкаин, специјалната награда за особен придонес во светската филмска уметност на француската снимателка Ањес Годар и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски професионалци, а чиј прв добитник е режисерот Кирил Ценевски.

Згора на тоа, во градот под Пелистер ќе дојдат претставници од 10 од 12-те филма во главната конкуренција, други познати филмаџии чии остварувања ќе бидат прикажани во преостанатите девет компетиции, а тука е и респектираната српска актерка Мирјана Карановиќ која ќе учествува на Сценаристичкото катче.

Конечно, филмовите во Домот на културата ќе бидат прикажувани на новата современа киноопрема, а градоначалникот на Битола – Владимир Талевски информира дека наголемо се работи на реконструкцијата на поранешното кино „Корзо“ кое е планирано да стане кино и музеј „Манаки“ и на изградбата на филмски студија.

„Со доделувањето на просторот и објектите на старата касарна, станува збор за вкупно 103 хектари, за што ние изработивме три детални урбанистички плана, единствена општина сме во Македонија која има маркица за филмски студија. Ние ќе го тераме овој проект. Знаеме дека е тешко и дека не зависи сè само од нас, меѓутоа битно е колку и какви услови ќе им дадеме на потенцијалните филмаџии кои ќе доаѓаат во Битола. Имаме објекти за филмските работници, но и простор за изградба на нови филмски студија. Значи, „Битола филмски град“ ни е концепт кој на некој начин значи еден сегмент од фестивалот „Браќа Манаки“ и кој треба да биде заокружен со сопствена продукција. Сакаме да направиме нешто слично на она што го имаат соседите во Софија со студијата „Бојана“. Знаеме дека треба неколку децении да се случи тоа, меѓутоа свесни сме дека големите проекти долго се градат и дека за нив треба навистина големо вложување“, вели Талевски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG