Достапни линкови

Само седум згрижувачки семејства во Куманово


Центарот за социјални работи Куманово.
Центарот за социјални работи Куманово.

Со оглед на стотина илјади жители во Општина Куманово, сегашните седум згрижувачки семејства се чини не се доволни.

Заинтересираноста на граѓаните за згрижувачки семејства на лицата од социјален ризик во Куманово се зголемува, иако првото семејство е регистрирано уште пред една деценија. Со оглед на стотина илјади жители во оваа Општина, сегашните седум згрижувачки семејства се чини не се доволни, нема листа на чекање, но почувствително е згрижување на лицата со пречки во развојот. Сепак, Тања Божинова, социјален работник во Центарот за социјални работи во Куманово, забележува:
Нормално, според мене, е семејство кое е среќно, задоволно и хумано, кое сака и може да пружи помош на лицата кои ја немале среќата да израснат во семејна средина каква што ја имале родителите, децата и другите од нивната околина. Најважно е семејството да биде хумано и да сака да помогне.
Тања Божинова, социјален работник во Центарот за социјални работи во Куманово.

„Имаме згрижувачки семејства кои успешно работат, имаме многу радосни дечиња кои се згрижени во тие семејства или кои што краткотрајно престојувале таму“, вели Божинова.
Тања Божинова, социјален работник.
Тања Божинова, социјален работник.

За згрижување лица кои имаат потреба од вакви семејства, според Божинова, условите се општи, кои може да ги исполни секое нормално и здраво семејство.

„Намерно споменав нормално, зашто категоријата нормалност сите различно ја дефинираме. Нормално, според мене, е семејство кое е среќно, задоволно и хумано, кое сака и може да пружи помош на лицата кои ја немале среќата да израснат во семејна средина каква што ја имале родителите, децата и другите од нивната околина. Најважно е семејството да биде хумано и да сака да помогне“, вели Божинова.
Процесот на станување згрижувачко семејство е не така лесен за донесување одлука. Најчесто имаат погрешна претстава и информација, кои се обврските на згрижувачите кон згрижените, што тоа значи. Најголем проблем имаме со посветеноста и хуманоста, иако ние како темперамент и како нација тоа го имаме, но треба да се потрудиме за да го развиеме.
Тања Божинова, социјален работник во Центарот за социјални работи во Куманово.

Згрижувачките семејства од државата добиваат одредени права, паричен надоместок, секаква форма на услуга од Центарот за социјална работа, зависно од категоријата на згриженото лице.

Постојат повеќе видови згрижувачки семејства, вели Божинова и додава:

„Интервентно, специјализирано за лица со пречки во развој и општо. Во интервентното згрижувачко семејство лицата остануваат не повеќе од еден месец. Во специјализираното се сместуваат лица со пречки во развој и таа форма се развива сега, а понатаму ќе се згрижуваат и лица жртви на семејно насилство и деца со воспитно социјални проблеми“, вели Божинова.

И во Куманово, како и во државава, најраспространето е општото згрижувачко семејство во кое се сместуваат деца без родители и без родителска грижа. Божинова вели дека се прават усилби за згрижување на лицата со пречки во развојот кои ќе добијат семејна грижа, а не институционална, за нивната полесна понатамошна инклузија во општеството.

„Процесот на станување згрижувачко семејство е не така лесен за донесување одлука. Најчесто имаат погрешна претстава и информација, кои се обврските на згрижувачите кон згрижените, што тоа значи. Најголем проблем имаме со посветеноста и хуманоста, иако ние како темперамент и како нација тоа го имаме, но треба да се потрудиме за да го развиеме“, вели Божинова и објаснува дека формата згрижувачко семејство е замислена како времена и краткотрајна, за помош на лицата кои се нашле во состојба од социјален ризик.

Истовремено се работи и со биолошките семејства, вели таа.

„Да се зајакнат капацитетите и способноста на биолошкото семејство за да може лицето сместено во згрижувачко семејство да се врати, да може понатаму да функционира согласно потребите и ресурсите кои што ги користи семејството, а нормално и ресурсите и потребите на лицето кое што се нашло во состојба на социјален ризик“, вели Божинова.

Таа појаснува дека сето ова е направено за лицата од социјален ризик во биолошките семејства да бидат прифатени такви какви што се.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG