Достапни линкови

Косово не попушта, Македонија исто


Косовската министерка за трговија и индустрија Мимоза Кусари Лила, по разговорите со македонскиот министер за економија, Валон Сарачини во Приштина.
Косовската министерка за трговија и индустрија Мимоза Кусари Лила, по разговорите со македонскиот министер за економија, Валон Сарачини во Приштина.

Министерот за економија Валон Сарачини, денеска во Приштина не успеа да издејствува договор за нормализација на трговските односи со Косово.

„Косово нема да ги укине мерките за забрана на увоз на производи од Македонија се додека Македонија не ги укине воведените мерки“. Ова денеска во Приштина го изјави косовската министерка за трговија и индустрија Мимоза Кусари Лила, по разговорите со македонскиот министер за економија, Валон Сарачини. Министрите изјавија дека и двете влади остануваат посветени на решавањето на проблемите меѓу двете земји и на повторно воспоставување нормални трговски односи.

Сарачини, во Приштина, имал средба и со косовскиот министер за финансии, Бесим Беќај, по што изјави дека македонската влада е заинтересирана за што поскоро надминување на настанатата ситуација, бидејки тоа е од интерес и на економиите и на граѓаните на двете земји.

„Добро е што почнавме дијалог и се надевам дека наскоро ќе ги усогласиме ставовите. Преговорите ќе продолжат и во наредните денови“, изјави Сарачини во Приштина.

Кој е виновен или кој прв почна?

Владата поради непочитување на меѓународните договори за трговија е виновна за косовското ембарго, сметаат стопанствениците. Економистите, пак, посочуваат дека косовските граѓани не треба да се вовлекуваат во трговската војна, откако Македонија реши да се наплаќа за секое возило и патник кој сака да влезе во земјава од Косово.

Се наведува дека вчера премиерот Никола Груевски имал телефонски разговор со неговиот косовски колега Хашим Тачи во обид да се избегне целосната трговска блокада што ја најави косовската влада, но дел од македонските медиуми јавуваат дека од утрово стапила целосна блокада за македонски производи во соседната земја.

Вицепремиерката и министер за трговија на косовската влада Кусари Љиља изјави дека Косово нема да се спушта на ниво на кое ќе ограничи слобода на движење со воведување на такси за државјаните на Македонија и покрај тоа што таква мерка превзема македонската влада.

„Нашите реципрочни мерки се воспоставени за трговијата и компаниите. Ние не можеме да се спуштиме на нивото да воведуваме такси за граѓаните туку на соседната држава ќе и покажеме дека доколку таа одлучи да продолжи да ги третира граѓаните на Косово на тој начин, тогаш загубите ќе ги почувствува директно нејзиното стопанство и нејзиниот буџет“, рече Љиља.

Каде е излезот?

Недоразбирањето треба да се реши во рамки на ЦЕФТА и за тоа не треба да се казнуваат жителите на Косово, смета д-р. Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии:

„Тоа што се случува сега не би требало да се случува бидејќи постои ЦЕФТА, тоа е еден договор за слободна трговија, така што тие евентуални проблеми би требало да се решаваат во рамки на таа спогодба што постои и што е регионална, инаку вака ќе ескалира, како што веќе ескалираше, и на крај пак ќе мора во тие рамки на ЦЕФТА да се најде некоја спогодба“, вели Глигоров.

Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека со ембаргото ќе настане штета која ќе ги засени очекуваните придобивки од владината мерка за условен увоз на пченица.

„Штетата сигурно ќе биде далеку поголема и со тоа меѓусоседските односи на некој начин, барем на економски план ги иритираме и веќе три годни наназад исти проблеми создаваме. Така што, јас мислам дека ефектите од ова ќе бидат полоши и поскапо ќе не чинат нас како стопанственици, како стопанство“, вели Кучи.

Во македонската влада, според дел од медиумите, се размислувало на Приштина да ѝ се понуди на 15 септември Македонија да ја укине забраната за увоз на косовско брашно и таксите кои вчера почнаа да се наплаќаат за граѓаните и возилата од Косово, а за возврат Косово да ја укине актуелната забрана за производи од Македонија. Пред имплементирање на контра мерките, од владата изјавија дека ембарго меѓу две соседни земји нема добро да се одрази на економијата.

„Досега Косово нема реагирано, ниту ни забележале на определени наши одлуки, ниту, пак, со некои наши постапки државата трпела сериозна штета. Напротив, има добра економска соработка меѓу двете земји“, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

„Владата повикува оваа мерка да биде укината и да биде тргната во функција и на двете економии, на субјектите кои партиципираат и на едната и на другата страна“, додаде портпаролот.

Мерката секако негативно ќе се одрази на економскиот раст во Македонија, посебно имајќи предвид дека Македонија бележи суфицит во трговската размена со соседно Косово, вели економската аналитичарка Шенај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи. Косово е на четврто место според извоз од Македонија, појаснува таа и додава:

„Од друга страна, пак, многу малку увезуваме од оваа земја и некаде покриеноста на увозот со извоз е околу 940 пати, а од друга страна имајќи предвид дека самиот извоз во рамките на БДП има позитивен ефект, самото намалување на извозот значи на долг рок ќе има влијание врз намалување на БДП-то на нашата земја, а со тоа и намалување на стапката на раст што ќе ја оствариме“, вели Хаџимустафа.

Во изминативе години Македонија бележеше постојан суфицит во трговската размена со Косово. Вкупната размена меѓу Македонија и Косово во 2012 година изнесува 421 милиони долари, од кои 392 милиони отпаѓаат на извоз. Во осумте месеци од годинава, пак, размената изнесува 145 милиони долари, од кои 132 милиони се извоз. Најизвезувани производи се: нафтени деривати, цемент, производи од челик и железо, како и лекови и цигари.
XS
SM
MD
LG