Достапни линкови

Вести

Нимиц не носи нов предлог за името

Медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц во понеделник во Атина не доаѓа со нов предлог за решавање на прашањето за името, јавува Македонската информативна агенција, повикувајки се на дипломатски извори. Последните денови грчките медиуми објавија неколку анализи за престојоната посета на Нимиц на Атина и Скопје, при што уште еднаш наласија дека последниот предлог кој Нимиц во април им го претстави на амбасадорите Јолевски и Василакис не е прифатлив за Грција. Весникот „То Вима“ напиша дека „последниот предлог ’Горна Република Македонија’ бил одбиен од грчката страна “затоа што е јасно дека Атина не прифаќа поставување на геграфската одредница пред уставното уредување“. „Катимерини“, пак, во својата анализа се задржа на географската одредница „северна“ и пишува дека „предлогот ’Република Северна Македонија’ е тежок за варење, но може да биде основа за разговор“.

види ги сите денешни вести

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева - шест месеци во руски притвор

Алсу Курмашева
Алсу Курмашева

Алсу Курмашева работеше околу 25 години како новинарка во татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). И тогаш пред шест месеци, како што вели, „тоа за миг се претвори во криминал“.

Тоа се случи на 18 октомври кога Курмашева, руско-американска двојна државјанка, беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како странски агент, според рускиот кривичен закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други.

Таа подоцна беше обвинета за ширење невистини за руската војска, а доколку биде осудена се соочува со казна затвор до 10 години. РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинар на тој медиум.

Таа отпатувала во Русија за да ја посети и да се грижи за нејзината мајка и првично била приведена додека го чекала нејзиниот лет за враќање на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и биле одземени пасошите.

„На 18 октомври минатата година бев затворена под обвиненија кои сè уште немаат смисла во мојата глава“, напиша таа во неодамнешната порака објавена од еден месечник на татарски јазик во Казан.

Курмашева го опиша рускиот затвор - без простор за движење
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

Курмашева, која живее во Прага со нејзиниот сопруг Павел Буторин, кој исто така работи за РСЕ во Прага и нивните две ќерки, на возраст од 12 и 15 години, ги опиша нејзините затворски услови како лоши и рече дека нејзиното здравје се влошило бидејќи немала пристап до третман.

Алсу пишува дека „некои од нејзините болести се засилиле“, но дека лековите и редовното вежбање „и даваат сила да издржи и да ја поднесе болката“.

„Ја држат во нехумани услови само поради фактот што е Американка“, рече Буторин.

„Сакам руската влада да ми објасни мене и моите деца зошто ја држат Алса како заложник. Таа не е опозициска политичарка. Таа не е активист. Таа не е криминалец. Нејзиниот притвор е незаконски. Таа не припаѓа во затвор“, вели Буторин.

Многу критичари и групи за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за странски агенти за да го потисне секое несогласување.

Москва, исто така, беше обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД.

„Руските власти спроведуваат жална криминална кампања против незаконски притворената Алсу Курмашева“, рече претседателот на РСЕ, Стивен Капус.

Друг американски новинар, репортерот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, е во притвор од март 2023 година под обвинение за шпионажа, што тој и неговиот весник жестоко го негираат, велејќи дека 32-годишниот само ја вршел својата работа како овластен новинар кога бил уапсен.

Во февруари, 23 земји ја номинираа Курмашева за светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано во 2024 година.

Основана во 1997 година, таа е годишна награда која се доделува на лице или група луѓе за исклучителен придонес во одбраната и промоцијата на слободата на печатот низ целиот свет и покрај опасностите и прогонот со кои се соочуваат.

За Курмашева наградите се нешто на што нема доволно време да се фокусира.

Наместо тоа, нејзината цел, како што вели, е едноставна:

„Мојата најголема желба е да си одам жива и здрава од овде“.

Почнува кампањата за парламентарните избори

илустрација
илустрација

Од денеска (18 април) официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници.

Во тек е и кампањата за претседателските избори, па двете кампањи, ќе се одвиваат паралелно во текот на следните четири дена, вклучувајќи го и денешниот, по што на 22 април настапува 48-часовниот молк за претседателските избори. И покрај молкот за претседателските, кампањата за парламентарните избори ќе продолжи и во текот на овие два дена, што е ситуација која е единствена досега во изборните циклуси.

Кампањата за изборите за пратеници ќе трае до 6 мај по што ќе започне дводневниот молк пред 8 мај-денот на одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Активности ќе има и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

Коалицијата „Европски фронт“ најави активности во Скопје за конститутивна седница на победничко собрание од Парламентарните избори на 8 мај 2024 и претставување на претседателскиот кандидат Бујар Османи, како и централен митинг во Куманово.

Во Куманово митинг ќе има и Движењето ЗНАМ и претседателскиот кандидат Максим Димитриевски.

Во Штабот на Коалиција Вреди кај плоштадот Скендербег во Скопје е најавена перс-конференција на претседателскиот кандидат Арбен Таравари и на носителите на листите на кандидати за пратеници во сите изборни единици.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на изборната програма ја продолжува со митинг во Велес, на кој ќе се обратат и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев и носителот на листа на ИЕ3 Борислав Крмов.

Најавени се активности и на останатите учесници на изборите со кандидатски листи Коалцијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра, партиите Македонска Ера Трета, Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија...

Со потпишување Кодекс за фер и демократски избори претставници на повеќето од политичките партии вчера се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

САД ги вратија енергетските санкции за Венецуела

Знамињата на САД и Венецуела (илустрација)
Знамињата на САД и Венецуела (илустрација)

Американската влада соопшти дека нема да ја обнови лиценцата за нафта на Венецуела која истекува денеска (18 април).

Според американски медиуми, администрацијата на претседателот Џо Бајден на тој начин одлучила повторно да воведе казнени мерки како одговор на неисполнувањето на обврските од предизборната кампања од страна на претседателот Николас Мадуро.

Мадуро ќе бара трет мандат на изборите на 28 јули годинава.

Во последниве месеци, Вашингтон постојано се закануваше дека повторно ќе воведе енергетски санкции доколку Мадуро не ги исполни ветувањата кои делумно ги ублажија американските казнени мерки.

Изборниот договор меѓу владата и венецуелската опозиција, поддржан од САД, исто така одигра улога.

Широките санкции за нафтената индустрија во Венецуела првпат беа воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во 2019 година по изборната победа на Мадуро, која САД и другите западни влади не ја признаа.

Во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за употребата на динарот во Косово

KOSOVO-SERBIA/
KOSOVO-SERBIA/

Во Брисел денеска ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а се очекува повторно главна тема да биде одлуката на Централна банка на Косово да ја забрани употребата на динарот во Косово.

Тоа е петтата рунда од дијалогот за оваа одлука на официјална Приштина.

„Одиме со надеж дека ќе најдеме решение за динарот, иако не сум оптимист, имајќи ја предвид неподготвеноста на Приштина да бара решенија преку компромис“, рече Петар Петковиќ, директор на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија.

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во понеделникот изјави дека ќе биде домаќин на главните преговарачи на Белград и Приштина подоцна оваа недела за нова рунда разговори, со цел да се најде привремено решение за луѓето засегнати од одлуката на Централната банка на Косово да го укине динарот.

Американскиот Конгрес на 20 април ќе гласа за помошта за Украина и Израел

Американскиот конгрес во Вашингтон, САД
Американскиот конгрес во Вашингтон, САД

Претставничкиот дом на САД на 20 април ќе го одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот, изјави претседавачот Мајк Џонсон.

Гласањето е по повеќе од два месеци откако пакетот беше одобрен во Сенатот.

Надлежниот комитет претстави закон што ќе обезбеди 60,84 милијарди долари за Украина и регионалните партнери, од кои 23,2 милијарди долари ќе бидат искористени за обнова на резервите американско оружје и објектите.

Поддршката за Израел изнесува вкупно 26,38 милијарди долари, вклучително и средства за покривање на трошоците за американските воени операции како одговор на неодамнешните напади.

Средствата наменети за Индо-пацификот изнесуваат 8,12 милијарди долари.

Грузискиот парламент го одобри првото читање на контроверзниот закон за „странски агенти“

Грузија - Протестни собири против „Законот за агенти“, „Законот за Русија“.
Грузија - Протестни собири против „Законот за агенти“, „Законот за Русија“.

Грузискиот парламент го одобри првото читање на контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“ што владејачката партија го протурка низ законодавниот дом и покрај предупредувањата од Западот и лутите протести од Грузијците кои го нарекуваат предлог-законот копија на рускиот закон за странски агенти што Москва го користеше со години за да го притисне несогласувањето.

Водачите на неколку опозициски партии го напуштија парламентот во знак на протест против нацрт-законот пред гласањето на 17 април, на кое 83 пратеници го поддржаа законот, додека немаше гласови против. За финалното читање на законот е предвидено да се расправа на 17 мај.

Стотици демонстранти се собраа пред зградата додека пратениците го одржаа гласањето барајќи од властите да го отфрлат предлог-законот кој ќе ги принуди ентитетите финансирани од странство да се регистрираат како странски агенти, потег што многумина го споредуваат со слична легислатива спроведена во Русија што е искористена за строго ограничување на несогласувањето и активноста на групите на граѓанското општество.


Законот, кој предизвика масовни протести кога првпат беше воведен минатата година, исто така ќе воведе широки надзорни овластувања од страна на властите и потенцијални кривични санкции за недефинирани кривични дела.

Грузискиот претседател Саломе Зурабишвили, пак, изјави за Би-Би-Си дека ќе стави вето на контроверзниот предлог-закон доколку биде одобрен во неговото последно читање.

Зурабишвили рече дека нејзина главна грижа е фактот што предметниот предлог-закон е „точно копија на законот на Путин“.

Сепак, Зурабишвили рече дека владејачката партија Грузиски сон има доволно пратеници за да ја поништат доколку го искористи своето вето.

Високиот претставник на ЕУ Џозеф Борел и комесарот за соседство и проширување Оливер Верхеји дадоа заедничка изјава непосредно по првото читање, нарекувајќи го потегот на пратениците „многу загрижувачки развој“ кој може „негативно да влијае на напредокот на Грузија на нејзиниот пат кон ЕУ“ доколку биде одобрен во закон.

Во Србија е приведен заменик директор на косовска полиција

Дејан Јанковиќ, заменик началник на косовската полиција
Дејан Јанковиќ, заменик началник на косовската полиција

Заменик директорот на косовската полиција од српска националност Дејан Јанковиќ е уапсен од српските власти, напиша на социјалната мрежа Х, Јетон Зулфај, советник на премиерот на Косово, Албин Курти.

Врз основа на информации од косовските безбедносни институции, Јанковиќ бил приведен на граничниот премин со Србија Јариње на северот на Косово и бил однесен на разговор во Рашка (град во Србија).

Јанковиќ е од општината Штрпце, една од шесте општини со српско мнозинство јужно од Ибар.

Ова не е првпат во Србија да бидат приведени или уапсени припадници на српската заедница од Косово кои учествуваат во косовските институции или не се блиски до Српската листа, која има поддршка од владејачката Српска напредна партија во Србија.
Зуљфај напиша и дека српските власти иницирале „масовни апсења“ откако Парламентарното собрание на Советот на Европа препорача членство на Косово во таа меѓународна организација и дека „сите се во заложништво“.

Министерството за надворешни работи на Косово претходно соопшти дека српските власти запреле автобуси од Косово кои транзитирале низ Србија и кои се движеле кон Косово.

Меѓутоа, Министерството за внатрешни работи на Србија на 17 април соопшти дека наводите за приведувањето на автобусот се „неосновани“ и дека полицијата „никого не привела ниту спречила влез и премин на ниту еден граѓанин“ од територијата на Косово.

Пред два дена претседателот на Србија најави апсење на Албанци кои го нарушуваат уставниот поредок на Србија, а откако косовската полиција на 13 април го уапси Среќко Софронијевиќ за кршење на уставниот поредок на Косово на протестите во Звечан и Северна Митровица во 2021 година, при акција против шверц на стока.

Нетанјаху вели дека Израел сам ќе одлучи како да се брани

Конференција на претседатели на големи американски еврејски организации, во Ерусалим
Конференција на претседатели на големи американски еврејски организации, во Ерусалим

Израел ќе донесе свои одлуки за тоа како да се брани, изјави во средата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека западните земји повторно го повикаа да се воздржи од одмазда против Иран.

Соединетите држави, Европската унија и групата Г7 најавија дека размислуваат за построги санкции против Иран, кои според нив ќе бидат воведени за да се смири Израел и да се убеди да не одговори на ирански напад.

На 13 април, Техеран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, извршувајќи го својот прв директен напад врз својот непријател.
Нетанјаху се состана со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, кои го посетија Израел во средата во обид да спречи ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека тој им се заблагодарил на Камерон и на Баербок за нивната поддршка, пред да им каже: „Сакам да бидам јасен - ние самите донесуваме одлуки и државата Израел ќе направи се што е потребно за да се заштити“.

Претходно, Камерон рече дека е јасно дека Израел планира да возврати на иранскиот напад, кој Техеран го изврши како одговор на нападот во кој загинаа воени претставници во иранскиот конзулат во Сирија, за кој Иран го обвинува Израел.
По повеќе од шест месеци војна во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, што ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, дипломатите бараат начини да избегнат директна војна меѓу Израел и Иран.

Повеќето од иранските беспилотни летала и проектили истрелани кон Израел во саботата беа соборени, а немаше жртви.

Израел вели дека мора да возврати за да го задржи кредибилитетот на својата одбрана. Иран, пак, вели дека прашањето е затворено, но дека ќе возврати доколку Израел го нападне.

Најмалку 17 загинати во рускиот напад на Чернихив, соопштија властите

Последици од руски ракетен напад во Чернихив
Последици од руски ракетен напад во Чернихив

Најмалку 17 лица загинаа, а неколку се повредени во руски воздушен напад врз украинскиот град Чернихив, соопштија властите.

Неколку експлозии го потресоа Чернихив во средата, непосредно по активирањето на сирените за воздушен напад низ Украина, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека таков напад не може да се спречи бидејќи Украина нема „доволна“ противвоздушна одбрана поради намалените резерви од сојузниците, особено од САД, каде политичарите се во ќорсокак поради пакетот воена помош вреден околу 62 милијарди долари.

Воздушниот напад на руските сили дојде откако беше прогласена воздушна тревога во 8:50 часот по локално време, рече Чаус.
Градоначалникот на Чернихив, Олександр Ломако, рече дека нападите ја погодиле цивилната и социјалната инфраструктура во градот, кој се наоѓа на околу 145 километри северно од Киев.

Градот беше погоден неколку пати откако руските тенкови влегоа во Украина од блиската белоруска територија во февруари 2022 година.

„За жал, бројот на загинати може да се зголеми. Ова немаше да се случи ако Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот терор“, рече Зеленски во објавата на Телеграм.

Русија драматично ги засили воздушните напади против Украина, чии сили немаат доволно системи за воздушна одбрана и муниција, додека очајно потребната американска помош е заглавена во Претставничкиот дом поради републиканското противење.

Украинските власти упатија очајнички молби до Вашингтон и другите сојузници да ги засилат воените резерви и помош, велејќи дека воздушната одбрана на Украина е од клучно значење за заштита на нејзините соседи.

Соочен со растечкиот недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција додека помошта од Запад се смирува, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала длабоко во руската територија, таргетирајќи ги и воените инсталации и критичните постројки за рафинирање на нафта.

Серија експлозии одекнаа рано во средата во зоната на воениот аеродром во градот Жанкој на северот на украинскиот полуостров Крим, окупиран од Русија.

Училиштата на северот на Косово го отфрлија барањето за да бидат избирачки места

Илустрација
Илустрација

Директорите на 33 образовни институции на северот на Косово одбија да се откажат од своите простории за да се одржи гласање за или против смена на албанските градоначалници во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, изјави на 17 април шефот на Секретаријатот на Централната изборна комисија, Бурим Ахметај.

Гласањето за смена на градоначалниците во овие четири општини со српско мнозинство на северот на Косово ќе се одржи на 21 април, врз основа на Административното упатство на Владата на Косово.

Албанските градоначалници во моментов се на власт во тие општини бидејќи Србите ги бојкотираа изборите во април 2023 година.

Бурим Ахметај рече дека само 10 образовни институции во сите четири општини на северот на Косово се согласиле гласањето да се одржи во нивните простории.

Тој рече дека Секретаријатот на Централната изборна комисија „интензивно работи“ на изнаоѓање нови алтернативни локации кои ќе служат како избирачки центри на денот на гласањето на 21 април.


„Законот ги обврзува овие општини и директорите на училиштата да ги стават овие јавни објекти достапни за гласање“, нагласи тој.

Инаку, последните локални избори во април 2023 година се одржаа во контејнери бидејќи директорите на образовните институции во општините на север ниту тогаш не дале дозвола да се отворат избирачки места во нивните објекти, што беше пракса досега.

Образовните институции во српските заедници во Косово работат во српскиот систем.

За да биде успешно гласањето за замена на албанските градоначалници на северот на Косово, потребни се 50 отсто плус еден од вкупниот број запишани гласачи.

Според упатството на Владата на Косово, доколку ова гласање биде успешно, претседателот на Косово, Вјоса Османи, има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.

Доколку гласањето е неуспешно, следната иницијатива може повторно да се покрене по 12 месеци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG