Достапни линкови

Жените - малцинство во престижните професии


Ана Василева, феминистка и активистка во неформалната организација „Бори се женски“.

Ана Василева, феминистка и активистка во неформалната организација „Бори се женски“.

Може да се заклучи дека има уште многу што да се направи за подобрување на ситуацијата и во поглед на институционална поддршка, и во однос на подигнување на свеста во врска со родовата дискриминација на пазарот на трудот, пишува за Радио Слободна Европа Ана Василева, феминистка и активистка во неформалната организација „Бори се женски“

Некаде во средношколските години, во периодот кога требаше да се избира професија, еден од најчестите коментари на околината кога ќе кажев за кои факултети размислувам беше тоа дали се „добри за женско“.
Светските статистики ни зборуваат дека жените се сè уште убедливо малцинство во технолошките професии. Од податоците од Државниот завод за статистика може да се дојде до заклучок дека кај нас не само што далеку помалку девојки се запишуваат на електротехничките и машинските факултети во споредба со момчиња, туку дека и покрај позитивните растечки трендови од пред неколку години, во моментов нивниот процент прогресивно паѓа според податоците за дипломирани студенти/ки и уште повеќе понатаму во статистиката за вработување.

На почетокот мислев дека тоа е само поради традиционалното доживување на жената како добра негувателка и учителка, полна со љубов и разбирање за другите. Подоцна увидов всушност дека она што најчесто се смета за професија која е „добра за жена“ е онаа во која таа нема да има голема можност за професионално надградување и усовршување и пристап до позиции на моќ, од што може да се заклучи дека општеството жените однапред ги подготвува да посветат повеќе време и да ги преземат главните одговорности околу семејството и домот. Понатаму, овие гранки и се стандардно помалку платени во споредба со традиционалните машки професии како технологија, индустрија, бизнис, адвокатура, и „попрестижните“ гранки на медицината како хирургија и неврологија, што на некој начин однапред ја контролира економската моќ на жените, успевајќи делумно да ги задржи финансиски зависни.

Светските статистики ни зборуваат дека жените се сè уште убедливо малцинство во технолошките професии. Од податоците од Државниот завод за статистика може да се дојде до заклучок дека кај нас не само што далеку помалку девојки се запишуваат на електротехничките и машинските факултети во споредба со момчиња, туку дека и покрај позитивните растечки трендови од пред неколку години, во моментов нивниот процент прогресивно паѓа според податоците за дипломирани студенти/ки и уште повеќе понатаму во статистиката за вработување. Ова укажува на општествени текови кои и понатаму се во главно, најблаго речено, обесхрабрувачки за жените што излегуваат од зацртаните рамки и се обидуваат во гранка традиционално доминирана од мажи.

Како дел од активностите на неформалниот колектив „Бори се женски”, на 4 септември имавме настан на кој во фокусот ни беа жените во технологијата и на пазарот на трудот воопшто. Гостинка на настанот беше Даниела Ременска, докторант на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Таа се занимава со грид системи, а фокусот ѝ е на формалната верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Има објавено и научен труд за НАСА. Даниела е еден брилијантен ум, способна и самоуверена жена што не се плаши да сонува за (условно речено) невозможното и да најде начин да ги оствари своите соништа и на тој начин преку личен пример се бори во името на илјадници други млади жени што можеби не израснале во толку стимулативни средини, или пак немаат поддршка од поблиската и поширока заедница да го следат својот пат, па продолжуваат во општествено „посоодветни“ професии за женско.

Се добива впечаток дека нашите граѓани/ки цврсто држат до ставот дека женските права се веќе извојувана битка, или уште полошо, дека самите жени се виновни за своите патила, без притоа да се свесни за едноставни факти како тој дека во Македонија сè уште само 2 проценти од жените поседуваат имот на нивно име, или дека околу 75 проценти од семејното насилство останува непријавено и се третира како „домашен проблем“.
За време на краткиот престој во Скопје, ја поканивме да ни зборува за личните искуства – за тоа што значи да се биде жена која се занимава со технологија. Раскажувајќи ни за сопствениот пат, Даниела ни кажа дека ретко била соочена со директна дискриминација, но сепак призна дека најчесто е единствена жена во колегиуми составени од мажи, и дека вообичаено на почетокот мора дополнително да се докажува за дури потоа да биде прифатена како рамноправна и еднакво способна. Исто така ни посочи дека од нејзино искуство жените најчесто систематски го припишуваат својот успех на среќни околности и надворешни фактори, за разлика од мажите што повеќе акцент ставаат на сопствената способност и талент. На прашањето дали би можела да го постигне сето тоа кога би имала семејство во дадените општествени услови, нејзиниот одговор беше категорично „не“.

Уште еден заклучок што се наметна по дискусијата со присутните на настанот е дека „привилегираните“ луѓе кај нас во голема мера не се свесни за поширокиот општествен контекст и сметаат дека борбата за женски права се сведува на индивидуален избор и успех на жената да се наметне во средината, притоа имајќи ги предвид само жените од заедниците блиски до себе кои во главно се со високо образование и солидна економска моќ. Не ја гледаат корелацијата на постојаните ограничувања и девалвација на жената од страна на државните системи и нивните практични последици во секојдневниот живот. Се добива впечаток дека нашите граѓани/ки цврсто држат до ставот дека женските права се веќе извојувана битка, или уште полошо, дека самите жени се виновни за своите патила, без притоа да се свесни за едноставни факти како тој дека во Македонија сè уште само 2 проценти од жените поседуваат имот на нивно име, или дека голем дел од семејното насилство останува непријавено и се третира како „домашен проблем“.

Може да се заклучи дека има уште многу што да се направи за подобрување на ситуацијата и во поглед на институционална поддршка, и во однос на подигнување на свеста во врска со родовата дискриминација на пазарот на трудот. Даниела може да ни послужи како инспиративен пример и модел за младите девојчиња кои загушени од притисокот на околината се откажуваат од своите соништа, но ни треба уште многу работа за да дојдеме до ситуација во која талентот и напорната работа ќе се оние кои го одредуваат патот кон успехот, а не полот и општествените очекувања врзани за него.
XS
SM
MD
LG