Достапни линкови

Г20 и Сирија, меѓу Обама и Путин


Дводневниот самит на Групата 20 најразавиени светски економии во Санкт Петербург дојде во време на растечки тензии меѓу претседателите на Соединетите држави и на Русија Барак Обама и Владимир Путин. Главно поради несогласувањата околу воениот удар врз Сирија.

Уште еден знак за заладените односи меѓу двајцата лидери, според посматрачите, беше доцнењето на Барак Обама на синоќешната вечера што ја организира Владимир Путин за гостите на самитот.

Претходно, претседателот Путин седна подалеку од Обама на масата каде што се одржува состанокот во Санкт Петербург. Со претходниот план, беше предвидено нив да ги дели само саудискиот лидер.

Се почна со понудата на Москва за азил на Едвард Сноуден, поранешен соработник на американските разузнавачки служби кој откри детали за тајните американски програми за следење. Како одговор на тоа Обама ја откажа средбата со Путин во Москва.


Но, главната причина, според посматрачите, е руското несогласување околу воената акција против сирискиот режим што ја заговара Вашингтон. Сепак, на Г20 против воена акција се изјаснија и Европската унија и земјите чии економии брзо се развиваат: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. За Кина тоа негативно ќе се одрази врз глобалната економија, а особено врз цените на нафтата.

Сепак, рано е за спокојство. Нашата главна задача е враќање на глобалната економија во постојан и балансиран раст. За жал таа задача не е решена. Ова значи дека и натаму демнеат систематски ризици и услови за враќање на акутната криза.
Владимир Путин, претседател на Русија

Папата Франциско пак, во писмо до лидерите во Санкт Петербург бара од нив да се откажат од залудната потрага по воено решение. На сличен став се и повеќето лидери на Европската унија кои иако оценуваат дека хемискиот напад на 21 август бил одвратен, не постои, како што наведуваат, „воена солуција на сиријскиот конфликт“.

Сепак, британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека доказите против режимот на Башар ал Асад постојано се зголемувале.

„Ние штотуку испитавме некои примероци од Дамаск во лабораторијата во Порт Даун во Британија и тие покажаа употреба на хемиско оружје.“

Изјави Камерон. Отворајќи го самитот Путин ја пофали работата на Г20 за справувањето со финансиската криза во светот.

„Сепак, рано е за спокојство. Нашата главна задача е враќање на глобалната економија во постојан и балансиран раст. За жал таа задача не е решена. Ова значи дека и натаму демнеат систематски ризици и услови за враќање на акутната криза.“

Путин додаде дека некои од учесниците на самитот му се обратиле со молба во Санкт Петербург да се одвои време и за други меѓународни теми кои не биле предвидени претходно, како ситуацијата во Сирија, при што предложи тоа да се направи за време на вечерата. А, токму на таа вечера доцнел Барак Обама.


Во исто време, американската амбасадорка во Обединетите нации Саманта Пауер во нејзиното најостро обраќање досега изјави дека Русија, со своето право на вето, продолжува да го држи како заложник Советот за безбедност во врска со меѓународната интервенција против сиријскиот режим.

„Нема ништо во начинот на нашата интеракција со нашите руски колеги во Советот за безбедност што ќе ни даде некаква причина да бидеме оптимисти. И навистина, не видовме ништо од коментарите на Путин кои сугерираат дека е можен напредок во Советот.“

Амбасадорката Пауер потсети дека деновиве Путин изјави оти Москва не исклучува поддршка на воена акција против Сирија, доколку се докаже дека хемискиот напад во близина на Дамаск го извршил режимот на Асад.
XS
SM
MD
LG