Достапни линкови

Воениот удар врз Сирија, 90 дена и без копнени сили


Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат ја усогласи нацрт резолуција за одобрување на воена сила во Сирија како казна за извршениот хемиски напад. Според западните медиуми, резолуцијата забранува учество на американски копнени сили во операцијата која максимум би требало да трае 90 дена.

На предлог резолуцијата на сенатскиот Комитет за надворешни односи му претходеше неколкучасовна расправа на која државниот секретар Џон Кери оцени дека репутацијата на Соединетите држави и на сојузниците би била оштетена доколку Вашингтон не преземе акција во Сирија.

„Ние сме тука, бидејќи и покрај повеќекратните предупредувања од претседателот на Соединетите држави, од Конгресот, од нашите пријатели во светот, дури и од Русија и Иран, режимот на Асад, и неспорно само режимот на Асад, изврши невиден хемиски напад врз сопствените граѓани. Ние сме тука бидејќи диктатор и неговото семејно претпријатие во нивната желба да ја зачуваат власта, посакаа да го загадат воздухот во Дамаск со отров кој уби невини мајки, татковци и деца“, изјави Кери.

Претседателот Барак Обама во саботата побара ограничени напади против режимот на Башар ал Асад, но со одобрување од Конгресот.

Ние сме тука, бидејќи и покрај повеќекратните предупредувања од претседателот на Соединетите држави, од Конгресот, од нашите пријатели во светот, дури и од Русија и Иран, режимот на Асад, и неспорно само режимот на Асад, изврши невиден хемиски напад врз сопствените граѓани.
Џон Кери, државен секретар на САД.
Официјален Вашингтон соопшти дека нападот на 21 август во едно предградие на Дамаск бил извршен со отровниот гас сарин.

На сенатскиот Комитет за надворешни односи сведочеше и секретарот за одбрана Чак Хејгел кој изјави дека секоја воена акција ќе биде ограничена.

„Претседателот стави јасно до знаење дека нашите воени цели во Сирија ќе бидат да се држи под контрола режимот на Асад, односно да се намали неговата способност да изведува вакви видови напади. Министерството за одбрана подготви воени опции за постигнување на овие цели и ги позициониравме нашите сили низ регионот за успешно извршување на оваа мисија. Веруваме дека ќе го постигнеме тоа со акција која ќе биде ограничена во време и обем.“

Хејгел додаде дека клучни американски партнери во евентуалната акција се Франција, Турција, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Шефот на американскиот Генералштаб, генерал Мартин Демпси пред Комитетот изјави дека е можно при евентуален американски напад врз Дамаск, Русија да ја зголеми воената помош на Сирија.

Москва неколку пати го употреби своето право на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации за да ги блокира резолуциите за осуда на режимот на Асад.

Сепак во денешното интервју за Асошитед прес, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не исклучува поддршка на резолуција на Обединетите нации за воени напади врз Сирија доколку се утврди дека Дамаск користел отровен гас врз сопствениот народ.

Тој во интервјуто во пресрет на самитот на Г20 во Санкт Петербург го предупреди Западот да не презема еднострана акција во Сирија.

„Кога прашањата за употреба на сила се решаваат надвор од Обединетите нации и Советот за безбедност, тогаш произлегува опасност вакви незаконски акции да бидат преземани против секого и без никаква причина.“

Кога прашањата за употреба на сила се решаваат надвор од Обединетите нации и Советот за безбедност, тогаш произлегува опасност вакви незаконски акции да бидат преземани против секого и без никаква причина.
Владимир Путин, претседател на Русија
Путин наведе дека Москва и испорачала на Сирија компоненти на системот за противвоздушна одбрана С300, но оти ја замрзнала натамошната испорака. Тој изрази жалење поради одлуката на Обама да ја откаже средбата со него во Москва пред самитот на Г20, но изрази надеж дека тие ќе имаат сериозни разговори за Сирија во Санкт Петербург.

Вчера, претседателот Обама доби поддршка за акцијата од лидерите на републиканците и на демократите во Конгресот. Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Џон Бонер изјави дека ќе го поддржи барањето на Обама за употреба на воена сила врз Сирија. Тоа, според претседателот Обама, е добар знак дека резолуцијата за пропорционални и ограничени удари ќе биде изгласана во Конгресот.

Во меѓувреме во Њујорк, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун предупреди дека секоја казнена акција против Сирија би можела да предизвика дополнително крвопролевање во земјата која е зафатена со граѓанска војна.

Тој додаде дека доколку било користено хемиско оружје во Сирија, тогаш акцијата за казнување на таквото воено злосторство би требало да ја преземе Советот за безбедност.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG