Достапни линкови

Над два милиона бегалци од Сирија


Повеќе од два милиона луѓе избегале досега од со граѓанска војна зафатената Сирија, зголемувајќи го притисокот врз соседните земји, соопштија денеска Обединетите нации. „Сирија стана голема трагедија на овој век“,вели Високиот комесар за бегалци Антонио Гутереш, оценувајќи дека станува збор за досега невидена срамна човечка катастрофа.

Секојдневно скоро 5 илјади луѓе, според најновиот извештај на Обединетите нации, бегаат од Сирија.

„Доколку ваквиот тренд продолжи некои соседни земји ќе бидат доведени на раб на колапс“, вели пратеникот на УНХЦР, холивудската ѕвезда Анџелина Џоли. Бројот на раселeните лица внатре во Сирија и натаму е над 4 милиони и двесте илјади.

Оние што бегаат надвор од земјата најчесто се прифаќаат во бегалски кампови во Ирак, Турција, Либан, Јордан.
Анџелина Џоли
Анџелина Џоли

Има и такви кои сакаат да стигнат во Европската унија.

„Немаме друго решение“, вели за агенцијата Ројтерс 25 годишниот Мохамад Бакр кој заедно со уште 34 илегални имигранти деновиве беше уапсен во Србија при обидот да влезе таму од Македонија.

На Бакр кој во времето на почетокот на немирите против режимот на претседателот Башар ал Асад пред две ипол години бил студент по електроинженерство, му требаа шест месеци да стигне на македонско српскaта граница.

За цело време, како што вели, на неговиот пат до Западна Европа бил изложен на уцени и на злупотреби не само од професионалните шверцери со луѓе, туку и од корумпираните полицајци.

Петнаесет дена се обидувавме да ја минеме македонската граница. Исто ќе биде и со српската се додека не успееме.
Мохамад Бакр, сиријски бегалец.

И додека Грција е во Европската унија, таа географски е одвоена од Шенген зоната, а кај Грците неподнесувањето на бегалците е највисока точка со оглед на тешката економска состојба.

Затоа тие одат на север преку Македонија или Бугарија, во обидот да стигнат до Унгарија. Побарувачката на шверцерите е меѓу 250 и 3 илјади евра за пренесување преку граница.

„Плативме 500 евра за возрасен и 250 евра за дете за да стигнеме тука“, вели 24 годишната Јанда Хусеин која заедно со нејзиниот сопруг и двегодишната ќерка го напуштила Дамаск.

„Тргнавме пешки, но во Турција не можевме да најдеме работа, а си ги потрошивме сите пари“, додава таа. Абу Умр од источниот сиријски град Деир ал Зор пак наведува дека грчката полиција нему и на неговите другари му ги земала сите пари и ги држела два месеца во затвор, по што им дала документи за протерување.


Тие потоа побегнале во Македонија каде што, како што вели Умр, биле тепани од безбедносните сили, но и уценувани од мафијашки групи.

Мохамад Бакр додава дека неколку пати бил приведуван за минување на границата од Грција во Македонија, но секогаш бил ослободен по неколку дена, по што му бил покажуван патот од кај што дошол.

Тој вели дека неговото семејство нема да се откаже се додека не стигнат во Унгарија, а потоа и кај родните во Германија.

„Петнаесет дена се обидувавме да ја минеме македонската граница. Исто ќе биде и со српската се додека не успееме“, е решен 25 годишниот сириски студент.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG