Достапни линкови

Мизо - Не само колку, туку какви инвестиции доаѓаат


Македонија има најмалку инвестиции во регионот. Плановите за привлекување странски инвестиции минатата година не се остварија, но директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека не треба да се концентрираме само на статистиката, туку и на видот и квалитетот на инвестициите.

Македонија, според извештајот на ОН, се најде на последно место по странски директни инвестиции за минатата година во однос на земјите во регионот. Зошто заостануваме?

Точно е, според извештајот на ОН, тоа е извештај кој ние не го спориме, тоа беа статистиките за 2012 години, но мора да се земат предвид и извештаи на други меѓународни реномирани економски компании, дали е тоа Светската Банка, дали се тоа Price Waterhouse and Coopers кои ја рангираат Македонија многу високо според различни економски индикатори. Она што е важно е да се каже на кој начин се споредуваме со земјите во регионот: прво големината на внатрешните пазари е многу различна меѓу секоја земја, истовремено многу е различна структурата и видот на инвестиции кои се влезени. На пример, некои од овие земји кои имаат излез на море, имаат многу различна структура бидејќи тука се недвижнини, тука е хотелиерство и тука не можеме да се споредуваме со нив. Истовремено, процесот на приватизација е во различни стадиуми меѓу земјите во регионот. Кај нас технички тој процес е завршени и на крај мора да се земе предвид и кој е квалитетот на овие странски инвестиции, вклучувајќи и дека според статистиката ова е нето приливот на странски инвестиции, но постојат и одливи по многу различни критериуми, во многу случаи некои регионални компании вршеа одливи на странски капитал за зацврстување на својата финансиска позиција во своите матични земји поради она што беше европска продолжена должничка криза.

Но и во изминатите години сме на долниот дел на табелата по инвестиции – и како процент од БДП и ако се смета по жител.

Да, но сепак сите овие фактори што ги кажав навистина влијаат врз тоа. Јас еве би се сконцентрирал на она што беа инвестициите кои започнаа со реализација во 2012 година, без разлика дали тоа беше втората фаза на Џонсон Мети, дали тоа беше втората фабрика на Џонсон Контролс или новите фабрики на Дрекселмајерс, Кромберг и Хуберт или Ван Хол. Само тие инвестиции во иднина ќе креираат 8.500 илјади работни места и само вредноста на тие пет компании, значи нови гринфилд компании. Тука ќе има влез на околу 140 милиони евра кога ќе се земе целата таа нивна сума и директно која е таа контрибуција на тие фирми во македонската економија. Како што гледаме и индустриското производство на почетокот на оваа година бележи позитивен раст, но истовремено тука е и нивната контрибуција кон извозот. Минатата година само компаниите во зоните имаа скоро 20 проценти од вкупниот извоз на Македонија. Сметам дека оваа година таа бројка ќе достигне многу повисоко ниво, можеби дури и на 25 отсто и Македонија е една од ретките земји која има позитивен трговски биланс со Германија, навистина поради овој вид на нови гринфилд инвестиции, посебно од автомобилската и електронската индустрија.

Господине Мизо, минатата година прогнозата за планираните странски инвестиции не се оствари, оваа година исто така прашање е дали ќе се остварат планираните 400 до 500 милиони евра, бидејќи во првите 5 месеци од годината, според Народна банка, влегле над 105 милиони евра. На што се должат овие разлики во проценките и реализацијата на инвестициите.

Точно е, во првите пет месеци влегоа 105 милиони евра што е повеќе од вкупната сума минатата година, значи веќе гледаме и бележиме драстичен раст. Истовремено и минатата година на светско ниво имаше намалување на инвестициите од 18 проценти, а источна Европа беше афектирана дури и повеќе од тоа, но треба да се земат предвид и резултатите од опкружувањето. Европската економија покажува некои знаци на подобрување, но тоа навистина е многу кревко и мало подобрување за директно да може да влијае врз некои резултати кои веднаш ќе се остварат. Нашата економија 90 проценти од производите директно или индиректно се насочени кон Европската унија и нормално нашите економски резултати зависат од тоа, но и потребите на странските компании за релоцирање или за префрлање на нови производствени капацитети. Но јас сметам дека најважно е да не се концентрираме само на статистиката, бидејќи нашата активност е најмногу кон привлекување на нови гринфилд инвестиции, без разлика дали тоа сме ние како технолошко индустриска развојна зона, Агенцијата за странски инвестиции, министрите за странски инвестиции, основна дејност е привлекување на нови гринфилд инвестиции, така што можам да се концентрирам само на она што значи нов прилив на инвестиции кои креираат нови работни места и кои ќе ја придвижат домашната економија бидејќи индиректно тие работни места креираат помеѓу 3 и 4 домашни вработувања од гледна точка на сервисирање на сите тие странски компании.

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека владата е пред потпишување на договор за инвестирање со пет странски компании, премиерот Никола Груевски најави дека 15 компании се заинтересирани. Дали досега со некоја од овие компании е потпишан договор?

Во моментов сме во крајна процедура за завршување на договорите со повеќе од овие компании кои беа спомнати. Тука се турските компании кои ќе произведуваат компоненти за медицинската индустрија, медицинска пластика, тука имаме американска и германски компании од автомобилската индустрија, тука имаме компании од ИТ секторот, тука имаме и регионални компании, за кои сметам дека во блиска иднина и договорот ќе биде завршен и истовремено тие компании и официјално ќе ја најават својата инвестиција, каде што ќе се обелоденат и имињата на овие компании и сметам дека со дел од овие компании активностите ќе започнат дури и пред крајот на оваа година од гледна точка на градба на нивните објекти. А за другата група на компании, каде што имаме поголема група на компании кои се заинтересирани за влез во Македонија, многу е важно да се каже дека ние сме тука во еден круг од 2 до 3 земји каде што конечната одлука треба да биде направена. Поголем број од овие компании одлуката треба да ја донесат до крајот на оваа година, но сметам дека имаме многу добри можности и услови барем дел од тие компании одлучат за лоцирање на своето производство во Македонија. Но многу е важно да се каже дека со повеќето од овие компании не се зборува само за инвестирање во Скопје, туку се зборува за инвестирање во други делови на Македонија, но тоа е во рамките на онаа стратегија за дисперзирање на инвестициите бидејќи трудо-интензивните компании се заинтересирани не за главниот град, бидејќи и во земја каде што имаме релативно конкурента цена на работна сила, сепак трошоците се помали надвор од градот Скопје, така што за едно Кичево, за Кочани, за Охрид или Струга и слично, такви вработувања значат многу и тоа ќе значи придвижување на локалната економија. Она што значи инвестиција на компанијата Сахара во земјоделскиот сектор, во она што беше некогашна Џумајлија тоа ќе биде една инвестиција во источниот дел на Македонија, значи зборуваме за Лозово, Свети Николе, штипско-велешкиот регион, каде што со таа инвестиција од 200 милиони евра во наредните години и креирање на 2.000 работни места ќе имаме навистина придвижување на нешто што е најсофистициран вид на производ, нормално во индустријата на млеко и млечни производи.

Колку овие компании што ги споменавте на почетокот со кои се финализираат договорите, може да се премислат?

Кај овие компании дури е стигнато до одлука на највисоко ниво, само тоа што тие имаат побарано драфт на договорот и сме во процес на преговарање на договорот, значи дека навистина сме стигнати до ниво каде што одлуката е солидна од нива страна, но самиот тајминг на објавување на одлуката зависи во многу случаи од нивни интерни фактори и одлуки. Јас сметам дека со вие компании сме стигнати до ниво да не постои некоја голема можност за нивно премислување.

Дали некое роуд шоу донело конкретен резултат?

Процесот на реализирање на инвестиции од првобитниот контакт до реализацијата е долгорочен, но на многу роуд шоуа голем дел на овие постоечки инвеститори или овие идни кои треба да се објават или со кои сме во процес на преговори, тие присуствувале на самите роуд шоуа. Не можам да кажам дека секојпат првиот контакт со тие компании бил на самите роуд шоуа, но во многу случаи првобитните контакти можеби биле преку промоторите , бидејќи тоа е навистина нивната работа да директно контактираат со компаниите. Но тие контакти можат да бидат и преку министрите за странски инвестиции, преку Агенцијата за странски инвестиции, може да бидат и преку нашата институција, посебно врз оние настани најмногу од конференции, саеми од автомобилска индустрија кога после тој првобитен контакт пред посета на Македонија ги каниме да дојдат на такво роуд шоу, да се сретнат со државниот врв и на она што се дисижн мејкери, она што се одлучувачки фактори во државата дека не е само од наше ниво, дека навистина има политичка поддршка за странски инвеститори и начинот на кој на такви компании им се отворени вратите. Но, со сигурност можам да кажам дека на неколку од овие роуд шоуа присуствувале компании кои се или веќе тука или се во крајни фази за влегување во Македонија, но важно е дека и постоечки компании доаѓаат со нас на роуд шоуа и презентираат кое е нивното искуство.

Неколку пати до сега е прашувано, но не се открива колку чинат овие роуд шоуа. Зошто?

Вредноста на роуд шоуата зависи од земјата во која одиме и начинот на организација. Трошокот е од буџетот на институциите, тука би ставил и една паралела со кампањата за инвестирање во Македонија, бидејќи и роуд шоуата и оваа кампања сметам дека се есенцијални во она што значи промовирање на Македонија и ставање на Македонија на мапата како земја која е потенцијална локација за инвестирање, посебно во Источна Европа. Мора да сме реални, пред шест години кога започна целиот овој процес на презентирање на државата и сите овие роуд шоуа, навистина за Македонија многу малку земји и компании знаеја. Еве на пример компанијата Кемет, нивниот извршен директор и при поставување на камен темелникот и при отворање на компанијата јавно кажа дека Македонија не била првично вклучена во првата листа од шест земји кои се разгледувале. Тој лично ја видел нашата реклама на Си–Ен–Ен и врз основа на тоа им дал на својот тим да ја разгледаат Македонија. Само таа една инвестиција вредна, значи зборуваме за инвестиција од 25 милиони евра или 35 милиони долари, која ќе креира 500 работни места. Директно трошокот што е направен за сите роуд шоуа, од сите кампањи за промовирање на Македонија е многукратно помал отколку што е нивната реализирана инвестиција. И не сме ние единствена земја во светот која прави кампањи за презентирани на државата и роуд шоуа.

Домашните бизнисмени забележуваат дека немаат исти поволности како странските. Зошто, господине Мизо, за нив важат други услови?

Не би се согласил дека тоа е точно. Мислам дека ова посебно се однесува на технолошко индустриските развојни зони. Она што е основно за овие зони е што тука претежно се бориме да привлечеме компании што се извозно ориентирани, бидејќи бенефициите може да се дадат само на компанија која не го пласира своето производство на домашниот пазар, бидејќи така би имале проблем со конкуренцијата и заштита на конкуренцијата, така што од таа гледна точка воопшто не е случај дека домашните компании се обесправени, но можноста и способноста на домашните компании за жал не е споредлива со голем број од мултинационалните компании кои веќе го лоцирале своето производство во зоната. Сме имале некои првични контакти со некои домашни компании, но ниту една компанија нема доставено еден издржан бизнис план, како што е случајот со странските компании, каде што предложиле начин на кој може да влезат во зоните и многу е важно да се знае дека во зоните не се дозволува префрлање на бизнисот. Значи, не може компанијата да има постоечки производствен капацитет и тој да го префрли во зоните бидејќи тоа ќе претставува нарушување на конкуренцијата.

Колку инвестиции, според вас, ѝ се потребни на Македонија на годишно ниво за навистина да има некое покренување на економијата?

Тоа е многу интересно прашање, но јас би го одговорил малку различно. Јас не би навлегол колку инвестиции се доволни, бидејќи инвестициите, без разлика дали се странски или домашни, тоа се инвестиции кои ќе ја придвижат економијата. Многу е поважно, посебно во случајот на домашните компании, да тие успеат да стигнат на едно ниво на квалитет, услуги и технологија за да може да станат конкурентни, да станат добавувачи или на странските компании кои доаѓаат во Македонија или на некој поширок регионален пазар. За нас сепак, само странските инвестиции не можат... до некаде се важен фактор за придвижување на локалната економија и посебно во нивниот случај, освен креирањето на работни места, сметам дека од нив најважно е она што е трансфер на знаење и технологија, бидејќи тие сепак доаѓаат со некои други знаења, со некои други принципи на работа и водење бизнис и индиректно тие нивни знаења ќе влијаат врз подобрување на знаењето и можностите на домашните компании.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG