Достапни линкови

Странски инвестиции - не е до роуд шоуата, до нас е


Премиерот Никола Груевски во роуд шоу за привлекување странски инвестиции во Индија на 5 март 2012 година.
Премиерот Никола Груевски во роуд шоу за привлекување странски инвестиции во Индија на 5 март 2012 година.

За власта, роуд шоуата чинат незначително помалку од можните ефекти од нив. Опозицијата, пак, вели дека парите за роуд шоуа се бадијала потрошени.

Владата не открива колку чинат роуд шоуата за привлекување на странски инвестиции. Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, директорот на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вели дека вредноста на роуд шоуата зависи од земјата во која се оди и од начинот на организација, а трошокот вели е од буџетот на институциите.
Еве, пример е компанијата Кемет електроникс. Само таа една инвестиција од 25 милиони евра или 35 милиони долари која ќе креира 500 работни места, директно трошокот кој е направен од сите роуд шоуа и кампањи за промовирање на Македонија е многукратно помал отколку она што е нивната реализирана инвестиција.
Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони.

„Еве, пример е компанијата Кемет електроникс. Само таа една инвестиција од 25 милиони евра или 35 милиони долари која ќе креира 500 работни места, директно трошокот кој е направен од сите роуд шоуа и кампањи за промовирање на Македонија е многукратно помал отколку она што е нивната реализирана инвестиција“, вели Мизо.
Виктор Мизо.
Виктор Мизо.

Владата троши огромни средства за тоа, самото тоа трошење не е како износ спорно, спорен е износот на инвестиции што го ефектуира. Тука Владата прави фактички загуба. Затоа што производот што го продава Македонија како инвестициона локација за странски инвестиции, очигледно не е припремена.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.
За опозицијата, пак, трошоците што владата ги прави за роуд шоуа се бадијала. Вие може да имате добра реклама која ќе го привлече инвеститорот, но тоа нема да ви помогне ако продавате лош производ, вели потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов.

„Владата троши огромни средства за тоа, самото тоа трошење не е како износ спорно, спорен е износот на инвестиции што го ефектуира. Тука Владата прави фактички загуба. Затоа што производот што го продава Македонија како инвестициона локација за странски инвестиции, очигледно не е припремена“, вели Узунов.

Но, Мизо вели дека кампањата за инвестирање и роуд шоуата што Владата ги прави се суштински за промоција на Македонија на мапата како земја која е потенцијална земја за инвестирање.

„Пред шест години, кога започна целиот овој процес на презентирање на државата и сите овие роуд шоуа, за Македонија многу малку земји и компании знаеја.
И ние не сме единствената земја во светот која прави кампања за инвестирање и роуд шоуа“, вели Мизо.

Владата, вели Узунов, треба да поработи на реално подобрување на домашната економија, а не само да троши пари на реклами и на роуд шоу. Не е важно колку ќе потрошите, важно е да се погоди вистинскиот инвеститор, додава тој.

„Ќе завршите работа и со 100.000 долари трошок да одите и да го посетите пет пати. Нема што да одат пет души, што е тоа одат 50 души да прават роуд шоу. Двајца-тројца одат и разговараат со тој што е директор во таа и таа фабрика и го убедуваат“, вели Узунов.

Стопанствениците, пак, сметаат дека ваквите патувања се оправдани ако се имаат предвид долгорочните ефекти од нив.

„Некогаш не се компарираат потрошените суми пари со бенефитите кои се однесуваат на вработеноста и со социјалниот мир во една држава“, вели стопанственикот Зоре Темелковски.

Сепак, додава дека Владата треба да ја менува стратегијата за привлекување на странските инвестиции и оти треба да се фокусира на привлекување на инвеститори од регионот.

„Ќе мора да се фокусира на привлекување на инвеститори од блискиот регион каде што ќе дојде до микс на домашниот капитал и регионалниот. Нам ни фали регионалниот капитал и затоа јас заговарам еден голем балкански пазар со еден балкански бренд. Што значи балкански? Сите да се вградиме да можеме ние заедно да настапиме во Индија, во Мексико или на другите далечни пазари. И тоа е една нова визија која треба да ја градиме натаму“, вели Темелковски.

Според податоците на Народна банка на Македонија, во првите пет месеци од годинава во земјава влегле 105,4 милиони евра, скоро исто колку во целата 2012 година. За минатата година, владата планираше над 300 милиони, но годината заврши со околу 105 милиони евра директни странски инвестиции.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG