Достапни линкови

logo-print

САД: Можен воен удар врз Сирија и без Британија


Откако британскиот парламент ја отфрли воената акција како одговор на наводниот хемиски напад на сиријскиот режим, извештаите од Вашингтон велат дека администрацијата на Барак Обама се подготвувала на самостојна операција. Но, и за тоа, како што се наведува, ќе и треба поддршка или барем согласност од конгресмените и од американските сојузници.

Во изјавата по гласањето во британскиот парламент, Белата куќа индицира дека се уште се можни воздушни удари, предводени од Соединетите Држави и без учество на Британија.
Силно верувам во потребата од цврста реакција на користењето хемиско оружје, но јас исто така верувам во почитувањето на волјата на овој Долен дом.

„Силно верувам во потребата од цврста реакција на користењето хемиско оружје, но јас исто така верувам во почитувањето на волјата на овој Долен дом“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон по гласањето.

Инаку, во изјавата на Белата куќа се прецизира дека одлуката за акција на претседателот Барак Обама ќе биде донесена во согласност со најдобрите интереси на Соединетите Држави.

Обама, како што се додава, верува дека, што се однесува до Сирија, се во прашање основните американски интереси, бидејќи е неопходно земјите кои ги кршат меѓународните норми, да одговараат за тоа.

Одвоено, секретарот за одбрана Чак Хејгел рече дека администрацијата и натаму ќе работи на градење меѓународна коалиција за поддршка на нападите врз Сирија.

„Ние ќе продолжиме да се консултираме со нашите сојузници и со нашите партнери и пријатели“, рече Хејгел.
Целите првенствено ќе бидат командно контролните објекти, како и сириските воздухопловни сили. Тоа би било доволен сигнал за Асад.

Иако, според извори во Вашингтон, Обама се уште не донесол одлука за времето или за размерот на можната воена интервенција, американски воени бродови со крстосувачки ракети веќе се движат кон источниот дел на Медитеранот.

Франција исто така ги подготвува силите за можната акција.

Но, се поставува прашањето какви би биле резулатите, односно последиците од воената акција? Се досега, американските и британските воени шефови длабоко се противеа на посуштински ангажман на страната на бунтовниците во Сирија.

Тие веруваат дека нема умерени бунтовнички групи кои би биле во состојба да го исполни вакуумот на власт по падот на режимот на претседателот Башар ал Асад.

Воени експерти веруваат дека американската интервенција би требало да биде ограничена на пораката дека нема да се толерира користење на хемиско оружје во конфликтот.

„Целите првенствено ќе бидат командно контролните објекти, како и сириските воздухопловни сили. Тоа би било доволен сигнал за Асад“, вели американскиот полковник во пензија Џеф Мекусланд, кој додава дека во никој случај не треба да бидат местата за каде што се верува дека е сместено хемиското оружје.

„Веруваме дека сиријската влада може да има скоро 3,5 илјади тони хемиска муниција. Таквиот напад би било вистинска хемиска катастрофа.“

Според Мекусланд, воздушните напади носат и многу ризици од натамошни цивилни жртви, што на Асад ќе му даде уште една можност да го обвинува Западот.

Ризикот за претседателот Обама е во тоа што евентуалниот неуспех на интервенцијата ќе му даде зелено светло на режимот на Асад да продолжи пожестоко да се справува со бунтовниците.

Сириската влада, како што е познато, ги отфрли наводите дека на 21 август извршила напад со отровен гас источно од Дамаск, а за нападот ги обвини бунтовниците, наведувајќи дека на таков начин тие сакале да предизвикаат интервенција од Западот.

Сиријскиот претседател Башар ал Асад веќе изјави дека неговата земја ќе се брани од „секаков вид агресија“. Најновите разузнавачки извешати велат дека и сиријските сили ги разместувале своите позиции во случај на напади.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG