Достапни линкови

Обама: уште не донесов одлука за Сирија


Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Соединетите држави заклучиле оти сиријската влада го извршила хемискиот напад врз цивили минатата недела, но се уште нема донесено одлука за можна воена акција. За денеска е закажана итна седница на британскиот парламент на која ќе се гласа дали да се поддржи евентуалниот таков чекор. Русија и Кина и натаму се противат.

Американскиот претседател Барак Обама во телевизиско интервју изјави дека се уште ги проценува можните воени опции за казнување на Сирија за нападот со хемиско оружје извршен на 21 август во предградие на Дамаск. Во овој напад, според наоди на сиријската опозиција, загинале неколку стотици луѓе.

„Ако всушност ние избереме дека треба да има последици за употребата на хемиско оружје, а режимот на Асад, кој е вклучен во граѓанска војна, се обиде да се заштити ќе добие прилично силен сигнал дека всушност не е добро тоа да го направи повторно.“

Претседателот Обама притоа сугерираше дека секој евентуален воен одговор би бил ограничен.

„Немам интерес за каков било отворен конфликт во Сирија, но мора да ставиме јасно до знаење дека земјите кои ги кршат меѓународните права, како што е употребата на хемиско оружје што може да биде закана за нас, ќе одговараат за тоа“, изјави Обама. Во меѓувреме, кинескиот министер за надворешни работи повика на воздржаност околу Сирија, оценувајќи дека секоја воена акција ќе ги влоши тензиите на Блискиот Исток.

Немам интерес за каков било отворен конфликт во Сирија, но мора да ставиме јасно до знаење дека земјите кои ги кршат меѓународните права, како што е употребата на хемиско оружје што може да биде закана за нас, ќе одговараат за тоа.
Британскиот премиер Дејвид Камерон им кажал на британските законодавци дека тој не би поддржал воена акција во Сирија се додека инспекторите за оружје на Обединетите нации не ја завршат работата и ги обелоденат нивните сознанија од теренот.

Инспекторите, според предвиденото, треба да ја завршат нивната 14 дневна мисија во текот на претстојниот викенд.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, пак, побара на инспекторите да им биде дадено доволно време да ја комплетираат задачата.

Британија достави нацрт резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации во која се бара дозвола за употреба на сила, но Русија, како што се очекуваше, изрази противење, оценувајќи дека е прерано за да се разгледува една таква мерка.

Претходно, пратеникот на Обединетите нации за Сирија Лакдар Брахими изјави дека каква било воена акција во Сирија мора да биде одобрена од Светската организација.

„Мислам дека меѓународното право е јасно во врска со ова. Меѓународното право вели дека секоја воена акција мора да биде преземена со одобрување на Советот за безбедност.“

Од друга страна, сиријскиот амбасадор во Обединетите нации Башар Џафар побара итно испраќање инспектори за да испитаат три случаи на употреба на хемсико оружје против владини војници во предградијата на Дамаск на 22, 24 и 25 овој месец.

Во меѓувреме, претседателите на Русија и на Иран, Владимир Путин и Хасан Рохани, во телефонски разговор, како што е соопштено, истакнале дека кризата во Сирија мора да биде решена преку дипломатски средства.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG