Достапни линкови

САД бараат одговорност за хемискиот напад во Сирија


Американскиот државен секретар Џон Кери

Американскиот државен секретар Џон Кери

Официјален Вашингтон соопшти дека оној што употребил хемиско оружје во Сирија мора да биде повикан на одговорност. Официјален Дамаск, пак, одговори дека ќе се брани од секаков меѓународен напад.

Американскиот државен секретар Џон Кери, изјавувајќи дека во Сирија било употребено хемиско оружје, го обвини режимот на претседателот Башар ал Асад за уништување на доказите.

„Она што го видовме во Сирија минатата недела би требало да ја шокира светската совест. Тоа е неморално и да бидам јасен: убивањето цивили, жени, деца и невини минувачи со хемиско оружје е неопростливо.“

Кери додаде дека претседателот Барак Обама се консултирал со сојузниците и со американските конгресмени и ќе донесол соодветна одлука како да одговори на нападот извршен во средата.

„Претседателот Обама верува дека мора да има одговорност за оној што го употребил најгрозоморното оружје против најранливите луѓе во светот“, изјави Џон Кери.

Стејт департментот, поради сегашните консултации околу хемискиот напад во Сирија го одложи состанокот што утре требаше да се одржи во Хаг меѓу американски и руски претставници.

Она што го видовме во Сирија во минатата недела би требало да ја шокира светската совест. Тоа е неморално и да бидам јасен: убивањето цивили, жени, деца и невини минувачи со хемиско оружје е неопростливо.
​На средбата требаше да се разговара за планираната меѓународна мировна конференција за Сирија.

Претходно, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров оцени дека секоја интервенција во Сирија без резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации би била кршење на меѓународното право.

Русија, која е главниот снабдувач со оружје на сиријскиот режим смета дека зад хемискиот напад би можело да стојат бунтовниците.

Се очекува Русија и Кина да стават вето на евентуалната одлука на Советот за дозволување можна воена акција против Сирија. Но, шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг изјави дека се уште е можен воен одговор без дозвола од Советот за безбедност.

Сиријскиот заменик министер за надворешни работи Фејсал Микдад ги повтори ставовите на претседателот Башар ал Асад дека неговата земја ќе се брани. Според него, нападот врз Сирија ќе предизвика хаос кој би ги загрозил мирот и безбедноста во светот.

Тој додаде дека на тимот на Обединетите нации кој ги истражува обвинувањата за употреба на хемиско оружје да му се дозволи да ја заврши работата пред светот да донесе пресуда. Експертите вчера го посетија предградието на Дамаск и покрај тоа што било стрелано врз нивните возила.

За овој снајперски напад меѓусебно се обвинија двете страни во конфликтот. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки мун во Сеул изјави дека и покрај многу опасните околности експертите ја завршиле работата.

„Тие посетија две болници, разговараа со сведоци, преживеани и доктори. Тие зедоа и примероци. Треба да почекаме на првите резултати.“

Организацијата Доктори без граници соопшти дека над 300 луѓе загинале во артилерискиот напад што режимските сили го извршиле во средата врз едно предградие на Дамаск, при што било употребено и хемиско оружје.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG