Достапни линкови

Сирија се согласи, САД се сомневаат, Русија загрижена


Експерти за хемиско оружје на Обединетите нации кои се во Сирија денеска се очекува да го посетат местото во близина на Дамаск каде што, според наводи на опозициските сили, режимот извршил хемиски напад. До ова доаѓа откако Сирија им дозволи пристап на експертите. За Вашингтон, ваквиот потег бил задоцнет. Москва е длабоко вознемирена од можната американска интервенција.

Претставник на Белата куќа го отфрли ваквото одобрување од Сирија како презадоцнето за да биде веродостојно. Според него, Соединетите Држави имаат многу малку сомневање дека силите на претседателот Башар ал Асад употребиле хемиско оружје.

Лани, американскиот претседател Барак Обама изјави дека употребата на хемиско оружје во Сирија ќе биде црвената линија која ќе предизвика големи последици во таа земја.
Ако режимот верува дека некој друг го извршил тој напад, тогаш требаше да дозволи пристап на инспекторите на Обединетите нации пред неколку дена. Уште во средата ние го побаравме тоа, но тие одбиваа се до сега. Во меѓувреме продолжи да го бомбардира подрачјето источно од Дамаск и можно е некои докази да бидат уништени.

Обама и неговиот француски колега Франсоа Оланд телефонски разговарале за ситуацијата во Сирија по што Белата куќа соопшти дека ги разгледале можните одговори на меѓународната заедница на нападот со хемиско оружје.

Оланд притоа изјавил дека Франција верува оти режимот на Асад навистина минатата недела извршил хемиски напад.

Асад, пак, во интервју за денешното издание на рускиот весник „Известија“, ги отфрла обвинувањата дека неговите сили употребиле хемиско оружје како политички мотивирани. Тој го предупреди Вашингтон дека секоја воената интервенција нема да успее.

Државниот секретар Џон Кери по серијата телефонски разговори со неговите колеги од Русија, Франција, Британија, Канада исто така оцени дека по се изгледа дека сиријските владини сили употребиле хемиско оружје.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, пак, наведе дека мисијата на инспекторите е многу важна.

„Нивниот успех е во интерес на сите, и на страните во Сирија и на засегнатите држави. Нивниот успех може да има ефект на одвраќање на можна идна употреба на хемиско оружје во Сирија и други места“, рече тој.

Во реакцијата на веста дека на инспекторите ќе им биде дозволено да го посетат местото на нападот, шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг изјави дека е можно досега сите докази за хемискиот напад да биле уништени.
Претседателот на Сирија Башар ал Асад

Претседателот на Сирија Башар ал Асад


Нивниот успех е во интерес на сите, и на страните во Сирија и на засегнатите држави. Нивниот успех може да има ефект на одвраќање на можна идна употреба на хемиско оружје во Сирија и други места.
„Ако режимот верува дека некој друг го извршил тој напад, тогаш требаше да дозволи пристап на инспекторите на Обединетите нации пред неколку дена. Уште во средата ние го побаравме тоа, но тие одбиваа се досега. Во меѓувреме продолжи да го бомбардира подрачјето источно од Дамаск и можно е некои докази да бидат уништени“, реагира Хејг.

Во меѓувреме, Русија ја поздрави веста дека на инспекторите им е дозволено да извршат контрола, со оценка дека е трагична грешка доколку се избрзува со заклучоци за тоа кој е виновен за нападот.

Од друга страна, Иран, земја која исто така и е сојузник на Сирија, предупреди дека Вашингтон не би требало да ја минува „црвената линија“ со напад врз Сирија.

Западните новински агнеции јавуваат дека американските сили биле испратени во близина на сиријскиот брег.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел изјави дека администрацијата на претседателот Обама се уште ги оценува разузнавачките податоци за минатонеделниот хемиски напад.

Антивладини активисти и организацијата Доктори без граници соопштија дека во артилериските напади на режимските сили во средата во кој бил употребен и отровен гас загинале над 300 луѓе. Владата ваквите наводи ги оцени за целсоно неосновани.

Експертите на Обединетите нации притсигнаа во Сирија три дена пред да се случи инцидентот. Тие имаат задача да ги испитаат претходните наводи за хемиски напади за кои двете страни во конфликтот се обвинуваат меѓусебно.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG