Достапни линкови

Груевски: радувајте се ќе ви потпишам


Премиерот изјави дека заради државните интереси ќе и ги потпишел на опозицијата правни формулации за инцидентите на 24 декември. СДСМ : ДПМНЕ залудно го врзува извештајот на комисијата за 24 декември со предвремени парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата и по цена на сопствена штета да гласа и да потпише извештај на ат хок Комисијата каков што сака СДСМ, изјави вечерва на прес-конференција премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

- Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме, и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив, нагласи Груевски.

Тој додаде дека во интерес на државата како партија со најголема доверба од народот и партија која неслучајно седум пати по ред ја добива довербата на мнозинството граѓани, како што рече, „ќе подметнеме грб“ и се ќе изгласаме и се ќе им потпишеме.

- Ако не може да се израдуваат на изборен резултат, нека се радуваат барем на овој извештај на кого никој нема да му верува во делот на правните квалификации, додаде Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им остави уште простор на СДСМ за да се распишат предвремени парламентарни избори.

- "Ако по оваа прес-конференција, до утре СДСМ се предомислат за предвремени избори, нека јават и нашите пратеници ќе пристигнат", заклучи Груевски.

Премиерот денес посочи и дека СДСМ бега од избори како „ѓавол од темјан“.

Вчера премиерот предложи, СДСМ да изгласа било каков извештај од Комисијата, кој ќе биде партиски. Втората алтернатива беше да се потпишат два извештаи, по што ќе се оди на избори.

Ставот на СДСМ:

ДПМНЕ залудно го врзува извештајот на комисијата за 24 декември со предвремени парламентарни избори, изјави заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска попладнево на прес конференција , одговарајќи на повикот на премиерот на предвремени избори.

Таа додаде дека "предвремените парламентарни избори зависат од владиното парламентарно мнозинство и се врзуваат, не за извештајот за 24 декември, туку за економската катастрофа во која не доведоа, неможноста да се реализира буџетот ваков каков што е донесен, за раскалашното трошење на власта, за празната државна каса, за потребата од ребаланс на Буџетот, што е доказ дека СДСМ беше во право кога ги поднесе амандманите на Буџетот за 2013 година".

По тоа таа додаде: „Кога Груевски се соочи со извештај во кој комисијата се согласи дека на 24.12. Уставот беше прекршен при отстранувањето на пратениците од опозицијата, а како единствено отворено прашање остана прашањето за кршење на уставот во случајот со новинарите,“

Што се однесува до предлогот на премиерот во врска со извештајот таа рече дека СДСМ нема потреба од партиски извештај.

Потоа таа возврати со предлог кон ВМРО ДПМНЕ:
„Ве повикуваме да се согласите со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија, бидејќи на секој наш граѓанин му е јасно дека беше повредена слободата на информирање.

Жално е да тврдите дека новинарите биле безбедносна закана во Собранието и затоа морале да бидат отстранети од галеријата. “
„Потоа со потписот на Вашите членови во комисијата, заеднички ќе можеме да го доставиме извештајот до оние кои го очекуваат од нас – до граѓаните на Република Македонија и до Европската унија.“

Што се однесува до изборите, обврска од мартовскиот извештај е создавање фер претпоставки за изборен натпревар, рече заменик претседателката на СДСМ, Шеќеринска.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG