Достапни линкови

Нема договор за 24 декември


Ад хок Комисијата за расветлување на настаните во Собранието од 24 декември не постигна договор за извештајот.

Претседателот во оставка на Комисијата, професорот Борче Давитковски по завршувањето на разговорите по полноќ во Клубот на пратениците изјави дека останале отворени неколку прашања и дека веќе не е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе постигнат договор за извештајот.

„Покрај многу напори што вложивме останаа уште неколу прашања отворени. Сега веќе прв пат можам да речам дека не сум веќе оптимист дека работава ќе ја завршиме. Остануваат отворени сите опции. Се надевам дека ќе изнајдеме сили она што го бараат од нас да го завршиме. Пред се, јас мислам дека тоа е во интерес на граѓаните и на нашата држава“, рече Давитковски.

Тој рече дека најверојатно нема да има средба со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека ќе се обиде неколкуте отворени прашања да ги реши со членовите на Комисијата. Додаде и дека најверојатно денеска нема да има средба со членовите на Комисијата.

Членовите на Комисијата и покрај интензивните разговори во изминатите неколку дена не успеја да го испочитуваат рокот за донесување на извештајот што го договорија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев на нивната последна средба што се одржа во вторникот.
XS
SM
MD
LG