Достапни линкови

Спремни за во школо?


Даниел Калајџиески, Програмски координатор за млади во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и член на Иницијативниот одбор на формирање на Национален младински совет.

Даниел Калајџиески, Програмски координатор за млади во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и член на Иницијативниот одбор на формирање на Национален младински совет.

До кога децата и младите ќе бидат оставени сами на себе, да ги откриваат работите, да експериментираат и да се помалку или повеќе збунети. Сите ние имаме одговорност кога станува збор за обезбедување на сеопфатно сексуално образование. Ако само молчиме и премолчуваме, замижуваме пред ситуацијата, не правиме ништо, а неправењето не е воопшто од полза, тоа едноставно само ја вложува ситуацијата, пишува за Радио Слободна Европа, Даниел Калајџиески, програмски координатор за млади во ХЕРА.

Само уште една недела пред почетокот на новата школска година. Поминувајќи низ книжарниците низ градов гледате растрчани родители, весели деца. Се купува нов ранец, тетратки, атласи, четки и блокови, се што е потребно да се тргне спремно во училиште. И така децата од први септември ќе ја учат таблицата за множење, да менуваат глаголи во различни времиња, кога се случуваат дневните рамноденици, за струјните кола, за битките на цар Самоил и уште многу други факти и информација.
Но и оваа година, за разлика од некои други земји, децата во Македонија ќе останат без сексуално образование. Уште една година децата и младите во Македонија нема да имаат можност да научат и да разговараат за различните нешта поврзани со сексуалноста, за врските, за љубовта, нивните права, за различностите, контрацепцијата, планирањето на семејството, насилството.

Но и оваа година, за разлика од некои други земји, децата во Македонија ќе останат без сексуално образование. Уште една година децата и младите во Македонија нема да имаат можност да научат и да разговараат за различните нешта поврзани со сексуалноста, за врските, за љубовта, нивните права, за различностите, контрацепцијата, планирањето на семејството, насилството.

Во школо се зборува многу малку или воопшто не се зборува. По дома, во семејствата, децата ќе бидат среќни ако некој од родителите така по малку срамежливо ќе спомне нешто за сексот, дека мора да се користи кондом. На телевизија само можат да слушнат дека најдобро е да се има три деца, а додека се стигне до таму, само еден непознат простор исполнет со безброј многу прашања. А на интернет оаза за овие прашања. Почнувајќи од многу форуми, па се до порно филмовите. Сето тоа достапно на само еден клик.

Една типична ситуација на млад човек е следната: во училиште ќе му/и кажат дека сида не се пренесува преку комарци, кога ќе го добие првиот циклус мама ќе и каже какви влошки да користи, на момчето и баш нема некоја работа да му се каже посебно затоа што и без тоа ќе ја доживее првата утринска ерекција, ако се случува нешто таму доле, нешто чеша или е црвено, ако е многу срамно да се праша некој/а другар/ка ќе си пише на форум, па ќе кажат виртуелните пријатели што да се прави, евентуално да се намачка, како да се биде подобар во кревет, се пишува на гугул секс и се отвораат милион клипови, а најдобрата поза сами ја одбираат.

Можеби сето ова за некој ќе биде премногу и ќе си рече дека ова не ни се случува, но тука сум да ве разочарам и да ви кажам дека тоа е токму така. После ова второто нешто кое што ни паѓа на памет е: па кој е виновен за ова? Родителите велат дека за тоа треба да се учи во школо, професорите велат дека не се доволно подготвени за да зборуваат на оваа тема, од институциите ќе ви кажат дека и не е баш така црно, имало по некој параграф за сида и за кондом. А децата и младите се оставени сами на себе. Секако секој е за нешто во право, не велам не. Но, она што следно би прашал: до кога вака?

До кога децата и младите ќе бидат оставени сами на себе, да ги откриваат работите, да експериментираат и да се помалку или повеќе збунети. Сите ние имаме одговорност кога станува збор за обезбедување на сеопфатно сексуално образование. Ако само молчиме и премолчуваме, замижуваме пред ситуацијата, не правиме ништо, а неправењето не е воопшто од полза, тоа едноставно само ја вложува ситуацијата. Поминуваат генерации и генерации на деца и млади кои што ги немаат вистинските информации и вештини.
Родителите велат дека за тоа треба да се учи во школо, професорите велат дека не се доволно подготвени за да зборуваат на оваа тема, од институциите ќе ви кажат дека и не е баш така црно, имало по некој параграф за сида и за кондом. А децата и младите се оставени сами на себе.

А што всушност е сеопфатното сексуално образование? Што тоа ќе им донесе на младите луѓе? Ако првата асоцијација за сексуално образование ви е лошата професорка која ќе има каже на учениците колку опасни сексуални инфекции има и дека треба да девојките да се пазат да не останат трудни, тогаш грешите. Сексуалното образование е многу повеќе од застрашување на децата и младите за последиците од незаштитениот секс. Всушност и затоа пред сексуално образование секогаш стои зборот сеопфатно, кој едноставно кажува дека има многу теми и области кои што ова образование ги покрива. Всушност и сексуалноста не е само сексуалниот однос. Сите ние сме сексуални битија без разлика дали имаме или немаме секс.

Она што е најважно за сексуалното образование е тоа што тоа треба да започне пред младите да влезат во пубертет, од едноставна причина што тие треба подготвени да влезат во овој, за нив бурен период. Сексуалното образование од друга страна треба да им понуди на децата и младите еден цел спектар на информации, знаења и вештини. Па би се започнало од запознавање со анатомијата на женското и машкото тело, промените кои што настануваат во време на пубертетот, сексуалните преносливи инфекции, како да се заштитат од нив, а и од несакана бременост. Покрај за биолошките, полови карактеристики на младите им се потребни и информации за родот, како тој се создава во општеството, но и кој се стереотипите со кој секојдневно се соочуваат и кој е ефектот од родовата нееднаквост.

И правата се она за што младите треба да знаат, кој се нивните права и обврски како граѓани, особено оние кои што се однесуваат на сексуалноста, а тоа ќе им овозможи да бидат самосвесни да одлуките кои што сами ќе ги донесат. И за мене можеби едно од поважните работи на сексуалното образование е задоволството. Сите ние некако сме научени првин да ги спомнеме последиците или лошите работи, но сексуалноста за секој човек, па и за младите со себе носи задоволство. Тука се емоциите и љубовта, но и првиот сексуален однос и маструбацијата. Покрај тоа сексуалното образование треба да ги научи децата и младите за различните видови на насилство, како тоа да го препознаат и како да се справат и да побараат помош. Она пак што се однесува на врските и односите ќе им понуди на младите различни вештини за тоа како да воспостават здрави и ненасилни врски, вклучувајќи ги и љубовните, како да донесат вистински одлуки (на пример кога е вистинско време да се има секс, без притоа другиот/та да инсистира на тоа), но како и да се зборува со партнерот за она што го сакаат или им причинува задоволство.

И на крај, но сепак не најмалку важно се и темите кои се поврзани со различностите. Можеби и ова е една од работите која што е особена актуелна помеѓу младите кај нас денес, кога секојдневно се соочуваме со најразлични форми на насилство и нетолеранција, едноставно поради тоа што некоја е поразличен. Се разбира редно време е во оваа земја отворено и вистински да се зборува за различните сексуални ориентации и дека секој човек е еднаков без разлика на неговата или нејзината сексуална ориентација.

Ете тоа се работите кое едно вистинско и квалитетно сексуално образование треба да ги содржи. Само такво сексуално образование може да им помогне на младите да станат зрели личности кои што ќе носат вистински одлуки, ќе ја почитуваат својата сексуалност, но и онаа на другите.

Проблем се идеолошките убедувања за сексуалноста кои го дефинираат навидум нејасниот недостатокот на политичка волја на администрацијата која раководи со образованието во Македонија. Идеолошки убедувања кои го ограничуваат пристапот до информации.
А не треба многу. ХЕРА заедно со Министерството за образование веќе направи истражување за состојбите на терен, имаме национална рамка како да се воведе сексуално образование подготвена од дваесетина стручни институции, дури го имаме и првиот прирачник за наставници од основните училишта за теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје. Секако, за системско воведување на сеопфатното сексуално образование има уште многу да се стори. Но, првите чекори, за да не оставиме да минуваат генерации без вакво образование, можат да се преземат веднаш, без притоа да чинат многу пари. Но парите, знаеме, не се проблем. Проблем се идеолошките убедувања за сексуалноста кои го дефинираат навидум нејасниот недостатокот на политичка волја на администрацијата која раководи со образованието во Македонија. Идеолошки убедувања кои го ограничуваат пристапот до информации.


И на крај повторно би кажал дека воведувањето на сексуалното образование во нашите училишта не треба да биде нечија политичка волја. Тоа е обврска затоа што сите деца и млади имаат право на овие информации. Се додека ние молчиме и одбиваме да го сториме ова, ќе има млади луѓе кои се збунети, кои што нема да знаат да донесат вистинска одлука, ќе бидат несреќни.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG