Достапни линкови

logo-print

Проектот „Природна Албанија” без подршка


Основачот на движењето „Природна Албанија”, Кочо Данај, деновиве повторно ја разбранува јавноста на Балканот со собирањето потписи за неговиот проект.

Основачот на движењето „Природна Албанија”, Кочо Данај, кој е и директор на Институтот за регионални прогнози во Тирана, деновиве ја разбранува јавноста на Балканот со повторното промовирање на неговиот проект. Освен медиумски настапи, тој покрена и потпишување на петиција, која, како што тврди, веќе ја потпишале пратеници од парламентите на Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија.

Кочо Данај објаснува дека со петицијата треба да биде извршен притисок врз меѓународната заедница за остварување на целта – сите Албанци да живеат во една држава. Тој најавува дека петицијата ќе им била предадена на владите на Германија, Велика Британија и на Австрија.
Васељ Сиништај, пратеник во Парламентот на Црна Гора

Васељ Сиништај, пратеник во Парламентот на Црна Гора


Претседателот на Граѓанската иницијатива во Црна Гора, Васељ Сиништај, во изјавата за Радио Слободна Европа вели дека не е потписник на петицијата, но оти би ја потпишал.

„Како човек, како Албанец, како политичар, кога некој би дошол од името на Кочо Данај да му потпишам петиција, јас би потпишал. Од проста причина што тој, како искусен историчар и долгогодишен советник во дипломатијата, не се обидува насилно да менува ниедна граница. Напротив, тој сака да исправи некои историски неправди.”

Пратеникот во парламентот на Црна Гора, Генци Ниманбегу, вели дека не ја потпишал петицијата, наведувајки дека ниту има намера тоа да го стори. Тој смета дека со оваа петиција се свртува вниманието од вистинските проблеми, а прашањето за менување на границите, може да им нанесе штета на сите, па и на Албанците.

„Во овој момент границите во регионот и во Европа се дефинирани и секоја приказна за нивно менување повлекува и навестување на нови судири, а тоа никому не оди во прилог. Тоа не е од интерес на никого на Балканот, каде што сите треба да работат на што поскоро интегрирање во Европа.”

Проектот што го покрена Кочо Данај уште во 2010-та година, ги афирмира границите со актот од пред еден век, на собранието во Валона на 28-ми ноември 912-та година. Тој е против изразот Голема Албанија, бидејки од Природна Албанија ги исклучува Прешево, Бујановац, Витина, Качаник, Куманово, а не се опфатени ни Митровица и северниот дел на Косово.

Аналитичарот од Приштина, Бељуљ Беќај смета дека проектот Природна Албанија има многу мала подршка на Косово. На косовските граѓани им е многу поблизок проектот за обединување на сите албанци низ влезот во Европската Унија на сите држави во кои живеаат Албанци, вели Беќај, додавајки дека само некоја незначајна политичка партија би можела да го подржи проектот на Данај.

Што се однесува до Македонија, не е познато дали навистина некои пратеници од македонскиот парламент ја имаат потпишано петицијата на Кочо Данај за Природна Албанија и кои.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG