Достапни линкови

Власта упорна со медиумските закони


Јавна дебата за законот за медиуми на 13 август 2013 година.
Јавна дебата за законот за медиуми на 13 август 2013 година.

Јавната расправа за законот за медиуми продолжува, МИМ и ССНМ не гледаат причина да учествуваат, ЗНМ не е задоволно од односот на власта во однос на овој предлог закон.

Македонскиот институт за медиуми нема да учествува ниту на денешната, ниту на која било идна расправа за законот за медиуми, оти тој е сосема непотребен и не решава ништо, вели директорката на МИМ, Билјана Петковска. Според неа, дел од прашањата што законот се обидува да ги регулира можат да се решат преку постоечките закони и саморегулативни механизми.
Секаде во светот општите медиумски закони, генерално, доколку се утврди дека се неопходни во едно медиумско милје, тие се фокусираат главно на деловните аспекти од функционирањето, никој и никаде не навлегува во работи кои се однесуваат во професионалните стандарди и етиката, внатрешното организирање на редакциите итн. Тоа во сегашниот медиумски контекст е сосема неприфатливо и може дополнително да ја влоши медиумската состојба во земјава.
Билјана Петковска, директорка на МИМ.

„Секаде во светот општите медиумски закони, генерално, доколку се утврди дека се неопходни во едно медиумско милје, тие се фокусираат главно на деловните аспекти од функционирањето, никој и никаде не навлегува во работи кои се однесуваат во професионалните стандарди и етиката, внатрешното организирање на редакциите итн. Тоа во сегашниот медиумски контекст е сосема неприфатливо и може дополнително да ја влоши медиумската состојба во земјава“, изјави Петковска

Собраниската дебата нема да ја следи и Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници.
Владата прифаќа една забелешка што се однесува на Агенцијата за медиуми, а не прифаќа иста таква за МРТВ. И тука се гледа тој пазарџиски однос на владата. Не можете вие да се ценкате и да се пазарите со стандардите. Или ги прифаќате како што се или не ги прифаќате.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Од Здружението на новинари велат дека никогаш нема да се откажат од дебатите. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека во секоја можна прилика ќе се обиде да ги презентира мислењата на здружението, кое досега има доставено само еден амандман со кој се бара одложување на примената на законот до денот кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Иако укажува дека Владата прифатила дел од забелешките на ЗНМ, Селмани сепак вели дека не е задоволен од односот на власта во однос на овој предлог закон.

„Значи, Владата прифаќа една забелешка што се однесува на Агенцијата за медиуми, а не прифаќа иста таква за МРТВ. И тука се гледа тој пазарџиски однос на владата. Не можете вие да се ценкате и да се пазарите со стандардите. Или ги прифаќате како што се или не ги прифаќате“, вели Селмани.

Јавната расправа не е дебата, туку заморување на критичката јавност, велат упатените додавајќи дека самиот факт што ова е веќе четврта по ред нацрт верзија на законот укажува дека предложениот закон не е квалитетно решение. Пратеникот на Либералната партија Ивон Величковски вели дека нема да го поддржи предложениот закон, оти, како што вели, нема потреба да се регулира она што не е предмет на интерес на законодавецот.

„И натаму стојам на тоа дека оваа дејност не може да се регулира на ваков начин и со ваков закон, ниту дека воопшто има потреба од законско регулирање на оваа материја“, изјави Величковски.

Од Министерството за информатичко општество и администрација се надеваат дека медиумските организации и здруженија нема да отсуствуваат од натамошните расправи. Велат дека и покрај тоа што предлог законот е веќе во собрание тие се отворени за натамошни сугестии и дополнителни амандмани од која било страна.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG