Достапни линкови

logo-print

Курдските бунтовници може да се вратат во Турција


Бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) можат повторно да се вратат во Турција, доколку процесот на мирно решавање на курдското прашање не вроди со плод, изјави во Ирак лидерот на политичкото крило на ПКК, Сојузот на курдските општини, Џемил Бајак. Според него, турската Влада на Партијата на правдата и развојот несериозно и дволично се однесува кон мирното решавање на курдското прашање и се плаши од демократијата.
Се надеваме дека мировниот процес нема да биде нарушен. Но доколку Партијата на правдата и развојот продолжи да дејствува на овој начин, формациите кои си заминаа од југот, повторно ќе се вратат на северот. Тогаш почетокот на една голема војна може да стане реалност. Се надевам дека тоа нема да се случи, нагласи Бајак.
Турските власти од декември водат преговори со лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, кој отслужува доживотна затворска казна на островот Имрали, за мирно решавање на курдскиот конфликт.
Во март курдските бунтовници објавија прекин на огнот и во мај почнаа да се повлекуваат од турска територија. Според најоптимистичките прогнози бунтовниците од ПКК треба да ја напуштат Турција до октомври.
XS
SM
MD
LG