Достапни линкови

Анакиев - Никој не ги ферма експертите за земјоделство


За жал, ние на чело на Министерството имаме некомпетентни луѓе кои не се разбираат во земјоделството. И највисоко поставените советници исто така не се агрономи. Мислам дека тука има сериозни грешки кои мора да се исправат, вели Борис Анакиев, професор во пензија на Земјоделскиот факултет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Анакиев, Македонија се промовира како земјоделска земја, а секоја година троши се повеќе пари на увоз на храна. Само минатата година, дефицитот од трговијата со храна и живи животни е 340 милиони долари? Во што е проблемот?

Пред се не знам зошто ја прогласија за земјоделска земја. Земјоделска земја не може да биде со учество во Бруто домашниот производ со 8 до 10 отсто или со земјоделско население според пописите 11,9 отсто. Тоа не е земјоделска земја, ние сме нормална земја во развој. Беше Македонија земјоделска земја во шеесетите години на минатиот век, кога БДП се формираше од 60 отсто земјоделски приход, денеска ние не сме земјоделска земја, тоа е погрешно.

Земјоделството е важно за Македонија, но земјоделството во неразвиени земји ништо не може да направи ако не се развиваат другите дејности. Земјоделството ни е важно, особено ни е важно, и вие споменавте за извозот, зошто што оние производства за кои имаме добри услови, погодни услови за конкурентно производство, ни се вишок. Ние имаме вишок на градинарски производи, вишок на овошје, на зеленчук, на грозје, на тутун и на јагнешки производи. Тоа се производи кои мораме да ги направиме конкурентни и да ги извезуваме. Од друга страна треба да направите конкурентни производи за супституција на увозот на жито и на место, на зејтин и на шеќер, тука ни се слабостите. Не можеме да произведеме конкурентно производство и мораме да се согласиме дека треба да го подржуваме земјоделското производство соодветно на тоа каде кои можности можеме да ги оствариме

Владата дава стотици милиони евра за земјоделски субвенции, а посевите се помали. Во споредба со пред 10 години има 20 отсто помалку посеви со пченица, 15 отсто помалку јачмен, 10 отсто помалку домат, има помали посеви со тутун. Во што е грешката?

За финансиската поддршка за земјоделството, тн, директна финансиска поддршка на земјоделството, што многумина ја мешаат со зборот субвенции, тоа не е субвенции. Субвенции дава Македонија на семенски материјал, на осигурувањето, тоа се субвенции, генерално нашата влада го поддржува финансиски земјоделството, тоа е модел на ЕУ.

За жал јас ги знам планираните средства по години, но никаде не може да се сретне колку навистина е исплатено. Ако вие сте планирале со пченица да учествуваат 50 илјади земјоделци, но не се јавиле 50 илјади, туку 30 илјади, а вие сте планирале средства за 50 илјади, дефинитивната исплата не е позната. Малку ми е тука незгодно да тврдам дека тоа не се поклопува. Има оправдани причини да не се поклопува. Зошто нема соодветни резултати на планираната финансиска подршка, на висината на планираните средства не е јасно затоа што и нема опстојни анализи, нема анализи на база на кои се планираат средствата. Јас имав некои податоци за неколку години, имате многу голема разлика во проценти на учество во растително производство и сточарско производство. Оди од 35 до 55 проценти, а нема причина зошто се тоа менува. Во последните години нешто се менува кај сточарството, меѓутоа сточарството стагнира, ние имаме намалување на условниот број грла.

Со федерацијата на фармерите и со социолошкиот Институт правевме една анализа на дваесетгодишниот развој на македонското земјоделство, право да ви кажам загрижувачки се резултатите по однос на капацитетите, кај нас се намалуваат. Ние секоја година сме губеле по 7.500 хектари обработлива површина, денеска имаме околу 510 илјади хектари обработлива површина и на таа површина да комбинирате колку со жита, колку со градинарски, колку со фуражни култури, колку до долгогодишни насади, немате можност за некои сериозни пореметувања. Ние последните пет години по 3000 хектари обработлива површина губиме, знаете ли што значи на 500 илјади хектари по 3000 хектари секоја година да губите? Тоа се трајно загубени површини за производство на храна, а како што кажавте и вие имаме голем дефицит на увозот на храна.

Тоа е едно, второ, реков дека немаме анализи. Ние немаме наука во земјоделството. Во Македонија згаснаа скоро сите институти. Никаде ништо не се истражува, ние немаме институти и кадар кои ќе вршат анализа, испитувања на нови сорти, а за наука да не зборуваме. Ние веќе немаме селекција ни во растително, ни во сточарско производство. Имавме седум институти земјоделски, сега има три. Без наука нема да има развој и ние не можеме да направиме развој, ако нема научна подлога. Сето ова што ние го зборуваме, се работи на база на статистички податоци, на паушални оцени, за жал Министерството за земјоделство нема критички осврт, има само фалби и таму каде што нема потреба има фалби, а мислам дека тоа не ни оди во прилог.

Институциите се глуви на пораките на стручњаците? Како реагираат тие?

Никој не ве ферма, како реагираат. Нашиве научни институти имаат директори кои не можат да се побунат, кои се, како што знаете, партиски функционери и тоа така си тече, но тие не се виновни. Не се виновни што генерално нема идеи, ни Министерството за земјоделство нема идеи зошто ни се случуваат вакви работи, зошто ние не можеме да го покренеме приносот на пченица од 3 тона по хектар, три тона по хектар не е исплатливо. До кога мислиме дека на овој начин ќе го штитиме домашното производство? До кога? Тоа не можеме постојано да го правиме, еве сега Србија најавува дека ќе не блокира итн., ние лошо име стекнуваме на светскиот пазар со тоа што реметиме или со административни мерки спречуваме увозот.

Што треба ние да направиме, за да ги надминеме тие проблеми, како што излезе сега проблемот со пченицата? Како може нашите соседи да имаат дупло или тродупло поголем принос по хектар за разлика од Македонија.

Ако мислите за соседите Бугарија и Србија имаат извонредни услови. Ние единствено имаме погодни услови за конкурентно производство во Пелагонија и во Полог. Во Пелагонија колку можеме пченица да оствариме, зошто таму треба и пченка и сончоглед да се произведува, тоа се интересите на производителите. Во Пелагонија не може житото да конкурира на градинарските производи. Пченицата рентабилно се произведува на големи комплекси со високо продуктивна механизација, со авионско прскање за заштита. Ние немаме такви комплекси, освен Пелагонија и мораме да се помириме. Тој што нема конкурентно производство да произведе мора да се ориентира на нешто друго. Барани се рж, овес, јачмен, на тие површини можат да се произведат тие култури, можат да се произведат некои едногодишни фуражни култури. Не можеме ние да ги штитиме земјоделците што не се способни да се ориентираат на друго производство, а не се способни ни да остварат конкурентно производство на пченица. Мора да се помириме дека како и досега ние 150 до 200 илјади тони пченица ќе си увезуваме и понатаму. Може да стимулираме да се шири само таму каде што може да се добијат 4 тони по хектар, под 4 тона не се исплати да сеете пченица. Значи условот е висока технологија, наводнување, за да може на поголеми комплекси, на поголеми површини, да се доближите до 4 тона и над тоа, а остатокот мора да го увезете, со тоа мораме да се помириме.

Може ли да се заклучи дека има некаква си грешка во земјоделската политика?

Не може да се каже дека е грешка, туку има недостатоци кои придонесуваат да не се искористат рационално можностите. Имаме поединечни грешки. Еве да речам имавме со поддршката овие години, немаше анализа, нема доказ за оправданост на тоа и поддржувавме јаболкови насади со високи средства и што се случи? Ние во 2011 имавме 57, 8 отсто јаболкови родни стебла наспроти сите други. И сега ни се јавуваат вишок јаболка, ама немаме ореви, лешници, костени, ситно обоено овошје. Наместо да стимулираме повеќе таму, ние направивме сите површини, сите средства што се даваат во овоштарството да отидат за јаболки. Значи има такви грешки. Велам, нема анализа, кај нас нема расправа, нема дискусија, немаме средби на стручни лица кои ќе изнесат спротивни ставови па да дојдеме со некој заклучок.

Или се оди стихијно...

Стихијно се оди. Тоа е што ќе одлучат неколку стручњаци во Министерството за земјоделство. За жал, ние на чело на Министерството имаме некомпетентни луѓе кои не се разбираат во земјоделството. И највисоко поставените советници исто така не се агрономи. Мислам дека тука има сериозни грешки кои мора да се исправат.

Хроничен проблем на македонското земјоделство е пласманот. Земјоделците се жалат дека нема каде да ги продадат производите и бараат помош од државата.

На пазарот нема ништо идеално усогласено, на пазарот се случуваат такви работи. Штом ќе се појави вишок на производство, цената паѓа, земјоделците бараат помош од државата. Не се случува тоа само кај нас. Земјоделците не се свесни дека владата не е трговец. Владата може да помогне само при откуп на производство за државни резерви кога ќе настане пореметување на пазарот. Земјоделците не можат само да произведуваат и да пласираат, тие мора да се организираат некако, мора да создадат сопствени институции за пласман.

Колку земјоделските задруги да го решат проблемот?

Можат, можат да го решат, но земјоделците треба да бидат свесни дека здружувањето е излез од таа ситуација. Ние имаме маномерни поседи, нудиме мали серии на производство и не можеме да одиме на пазарот со такви серии. Сакам да ви речам дека кооперативите не заживеаја, се најдоа на чело на тие кооперативи луѓе кои работеа за сопствени интереси, кои ја злоупотребија довербата на земјоделците и оние малку кооперативи што се јавија и во нив земјоделците изгубија доверба. Слушам во струмичко се подготвуваат приватни откупни центри, тој приватен откупен центар ќе влијае на пазарот како и секој друг приватен трговец. Ако не се создадат услови, постојано ќе зависат од нив. За жал мислам дека и законот за задруги кој се појави оваа година и тој не е како што треба. Таму нема никаква обврска дека мора нешто да здружите, во тој закон се зборува дека треба да има соработка меѓу земјоделците, соработка не е здружување, не е задруга. Мора да има обврска да здружат. А сега ги регистрираме како задруги, добиваат бенефиции од државата, нели им се плаќа одреден надомест за службеник, за компјутер, а тие немаат кооператива, тие се договориле заеднички да го продадат производството, а не вложиле ништо, ниту капитал, ниту земја, ниту насади, само се договориле заеднички да продаваат, тоа не е кооператива, тоа не е задруга.

Сведоци сме дека земјоделците бараат помош речиси за се, за договарање на цена за откуп, кога ќе се случи некое невреме, премногу често ја повикуваат државата на помош.

Јас мислам дека државата има создадено релативно поволни услови за производство, сем овие административни ограничувања, условувања од типот ќе откупите грозје, нема да откупите, генерално мислам дека има создадено услови за нормално производство. Несреќа е што нашите земјоделци не се свесни за ризиците и одат на тоа - Ќе има град или нема да има!, ајде можеби нема да има. Не може тоа така, тоа е сопствен ризик и еднаш треба да сфатат. Има тука и еден друг проблем, осигурителните компании направија некаков договорен монопол, сите имаат исти услови, тесен е асортиманот на штети од коишто осигуруваат, низок е приходот на база на кој го осигуруваат земјоделецот и затоа не им се поволни условите за осигурување. Генерално земјоделците немаат право да бараат, ако не го осигураат производството. Можеби државата може да помогне, да ангажира други странски компании за осигурвање кои даваат поповолни услови, нема друг излез. Мислам дека државата има позитивен психолошки пристап или го поддржува генерално земјоделството, меѓутоа секаде има грешки, во тоа има некои сериозни грешки кои државата не ги гледа или не сака да ги ивиди и затоа ни се случуваат тие работи.

Но и државата побара помош од земјоделците. Дел од земјоделските здруженија беа едни од најгласните кога требаше да се брани усвојувањето на буџетот, излегоа и на протести, протестираа пред седиштето на опозициската партија. Колку тука има манипулации?

Апсолутно има манипулации. Не знам јас за земјоделците, ама од ова што државата го дава како директна финансиска поддршка за земјоделството, не може повеќе. Ако тоа навистина се дели колку што е планирано, не може повеќе. Ние сме сиромашна земја и ние во согласност со мерилата на ЕУ, доволно средства даваме, колку што може од буџетот. Мислам дека земјоделците немаат право да бараат повеќе средства. Имаше една програма до 2017 година планирани... Тие се планирани на база на планови, немаше планирани на база на досега исплатени, туку планирање по години само на плановите и таму исто така се предвидува зголемување до 2017, до 2020 ќе видиме во стратегијата. Сега е многу важно да донесеме објективна и реална стратегија до 2014 година. Во таа стратегија треба да се набележи патот на аграрната политика, односот кон сите аспекти во земјоделството, да се квантифицира што очекуваме, колку очекуваме и колку ќе вложиме. Ние во земјоделството имаме ограничен обем на инвестиции, а не можете да развивате без инвестиции и без наука. Тие треба да се постават како две главни компоненти на стратегијата за развој.

Рековте дека сте ја виделе стратешката рамка. Што ѝ недостасува?

Генерално недостасува анализа и прогноза на движењето на капацитетите за производство, особено обработливата површина. Не се споменува ништо, не се кажува колку е користена, како е користена. И втор дефект е што нема ништо за тоа на база на која наука, како науката ќе придонесе за идниот развој до 2014 година. Ако и стратегијата за развој не фрли глобален поглед на тоа што се случувало и зошто е таква ситуацијата и ако врз база на тоа не се извлечат заклучоци што натаму, тогаш тоа не би требало да биде објективна стратегија. Треба да се најдат сили да се надминат личните фрустрации или личните определби за нешто што треба да се прикаже онака како што не било.

Во последно време актуелен е индискиот бизнисмен Субрата Рој кој најави големи инвестиции во агрокомбинатот Џумајлија. Како вие гледате на тие најави?

Мислам дека тоа е надуен проект. Не сум го видел проектот, ама денеска на едно крупно грло крава му треба најмалку половина хектар за производство на храна. Видете, ние во тој дел на Македонија имаме неповолни услови, суша, ниска воздушна влажност. Таму тешко може да дадат добри резултати високо приносни крави, коишто мораме да ги донесеме од Холандија или од Германија. Јас не знам дали може од Индија, не верувам дека може да донесеме од таму некои раси. Проектот е неостварлив можеби за 10-тина години. Вие треба да направите инфраструктура, вие не можете сите тие 20 илјади грла, мора на повеќе места каде што има инфраструктура, каде што мора во близина да произведете храна за тој добиток, најмалку да произведете сопствена кабаста храна. Сточарството, особено крупното сточарство никако не може да се базира на увозна храна, туку на сопствено производство. Така што, за тие 20 илјади грла, тој мора да издвои најмалку 10 илјади хектари за да организира производство на добиточна храна.

(Интегралното интервју со професор Борис Анакиев можете да го погледнете во видеото на почетокот на текстот.)
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG