Достапни линкови

Обиди за атентат врз Ердоган со телепатија?


Реџеп Таип Ердоган

Реџеп Таип Ердоган

Психички убици кои користеле телепатија би можело да бидат одговорни за мистериозната смрт на четворица турски млади инжењери. Ова го утврди една комисија на турската влада, наведувајќи дека таквата можност до извесна мера не ја исклучуваат и невропсихијатрите.

Смртта на четворица млади турски инжењери, што се случи во рок од 14 месеци во 2006 и 2007 година би можело да биде поврзана со телепатија, се наведува во извештајот на Инспекцискиот тим кој работел во рамките на кабинетот на турскиот премиер.

Четворицата инжењери работеле за турскиот одбранбен гигант АСЕЛСАН и загинале под мистериозни околности.

Нивната смрт била заведена како самоубиство. Нивните скептични семејства, како што пишува весникот „Индепендент“, пак барале дополнителна истрага особено по сознанијата дека тие во време на нивната смрт биле под психолошки третман.

Според дел од турските медиуми, истрагата за смртта на Хусеин Башбилен, Халим Унал, Еврим Јанчекен и Бурханедин Волкан сугерирала дека жртвите би можело да бидат наведени на самоубиство, и тоа преку телепатија.

Според дел од турските медиуми, истрагата за смртта на Хусеин Башбилен, Халим Унал, Еврим Јанчекен и Бурханедин Волкан сугерирала дека жртвите би можело да бидат наведени на самоубиство, и тоа преку телепатија.
Таквата можност не ја исклучува невропсихијатарот Невзат Тархан кој бара од обвинителството да не ја исклучува можноста дека телепатијата може да предизвика главоболки и тешки депресии кои можат да доведат еден човек да си го одземе животот.

Хусеин Башбилен бил најден мртов во неговиот автомобил, Халим Унал имал прострелна рана, Еврим Јанчекен паднал од балконот на неговиот апартман на шесттиот кат, а Бурханетин Волкан се убил без да се наведува како го сторил тоа.

Двајца од нив, барем така тврделе пред да се самоубијат, работеле на систем за препознавање на непријателски или пријателски војници, наменет за турските воени авиони.

Овој проект повторно го сврте вниманието на јавноста за време на судењето во познатиот случај Ергенекон во кој голем број луѓе се во затвор под сомневање дека планирале соборување на владата.

Весникот „Хуриет Дејли Њуз“ го цитира Невзат Тархан кој наведува дека главоболките и депресијата би можело да му бидат испратени на некој човек преку мозочни бранови и тоа на далечина од над километар ипол.

Во извештајот кој е поднесен до јавното обвинителство во Анкара за натамошно испитување не се заклучува дали смртта на четворицата инжењери била убиство или самоубиство.

Неодамна водителот и уредник на приватното радио „24“ Јигит Булут обвини дека „извесни сили“ се обидувале да го убијат контроверзниот премиер Реџеп Таип Ердоган, користејќи телепатија.

Иако, Булут во Турција наиде на големо исмејување поради ваквите негови коментари, сепак тој веднаш беше поставен за главен советник на премиерот Ердоган.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG