Достапни линкови

Дневен печат - Поскапувања и дрвјата кај Бристол


Речиси сите дневни весници пишуваат за уништувањето на паркот кај хотелот Бристол во Скопје за да се гради барокна зграда на Советот за радиодифузија.

Замислете, по гледањето телевизија сме трети во светот - објавија Дневник и Вечер. Нè „шиеле“ само Американците и Србите.
На 50-годишнината од земјотресот се брише меморијата на скопјани.

И додека гледаме телевизија, Утрински информира дека „Сè поскапе, кромидот дури за 150 проценти“. Истиот весник информира дека новата барокна фасада на препознатливата стаклена висококатница на ЕВН и на ЕЛЕМ во Скопје ќе чини 4 милиони евра.
Ахмети и Заев отворија големи теми во Мала Речица.

Првиот човек на ММФ во земјава, Александар Тиеман, кому му завршува мандатот и си заминува, препорачува Македонија да се насочи кон зголемување на растот, а дефицитот постепено да се намалува на среден рок, со цел најпрво да се стабилизира владиниот долг - објавува Утрински интервју со Тиеман.

Вечер, пак, со оптимистички наслов: „Македонија пред инвестициски бум!“, информирајќи за најавите на премиерот Груевски, на Илинден во Крушево, дека дури 15 големи светски компании сериозно биле заинтересирани да инвестираат во земјава.

„На 50-годишнината од земјотресот се брише меморијата на скопјани“ - насловува Нова Македонија по најавите дека ќе се отстранат двете скулптури - потсетници на скопската катастрофа од местото спроти старата железничка станица каде што е најавена изградба на две државни институции. „Со сечата на дрвјата кај Бристол се отстрануваат и спомениците“ - додава весникот.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се занимава со Црвенковски: Дневник го пренесува партиското соопштение дека „Во случајот со дрвјата кај Бристол се препознава концептот на Црвенковски“. Исто така Дневник ја пренесува телевизија Алфа која јави дека Комисијата за 24 декември добива дополнителни 10 дена, до 24 август, власта и опозицијата да ги надминат недоразбирањата околу препораките на Комисијата.

„Ахмети и Заев отворија големи теми во Мала Речица“ - пишува Дневник, по средбата на првите луѓе на двете партии, кој исто така објавува дека „Лидерот на СДСМ наиде на затворена врата од ДПА“ - по одбивањето на Тачи да се сретне со Заев затоа што, како што изјавил, „води политика како Црвенковски“.

И Вечер и Утрински ја објавија веста дека едно руско радио, повикувајќи се на руски разузнавачки извори, објавило дека во Македонија се обучувале терористи „со бел лик“. Весниците пренесуваат тврдења од МВР дека немале такви информации.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG