Достапни линкови

logo-print

Некогаш прочуената Кумановска Бања, денес запуштена


Кумановска бања во атарот на село Проевце, кумановско сега е заборавена и напуштена. Овој геотермален извор со научно потврдени лековити својства некогаш беше далеку прочуен и посетуван.

Расфрлан пластичен отпад околу влезот, испишани графити со непристојни пораки, запечатен шалтерот на кој до само пред две години се продаваа по најмлаку 200 билети дневно, со еден збор пустош. Таква е сликата сред сезона на некогаш надалеку прочуената Кумановска Бања.
Срамота е што бањата не работи. Би требало да се даде некому што има можности да ја отвори и да направи бања, а и паркот е уништен со давање на приватник. Денационализацијата е во ред, но требало да се реши на друг начин.

Заборавен геотермален извор со научно потврдени лековити својства во кој уште пред повеќе од две столетија се слевале капачи не само од Куманово и неговата околина, туку и од многу подалеку. Во оваа бања многумина нашле лек, а потоа со години и децении повторно се навраќале.

Жителите од селото Проевце, на три километри од градот, во чиј атар е и изворот, во месноста Вруќа Вода, не ја кријат тагата од глетката и состојбата на бањата. Тие тагуваат и за прекрасниот уништен парк кој со денационализација е вратен на наследници на некогашниот сопственик.

Кумановецот Павле кој живее во непосредна близина на бањата забележува:
Други сезони овдека имаше толку народ што немаше место во селото да се сместат. Минатата година работеше само една недела и тоа на диво.

„Срамота е што бањата не работи. Би требало да се даде некому што има можности да ја отвори и да направи бања, а и паркот е уништен со давање на приватник. Денационализацијата е во ред, но требало да се реши на друг начин.“

Бањата е во надлежност на државата, а со неа пред транзицијата стопанисуваше единственото угостителско претпријатие „Бисерка“. Фирмата одамна пропадна, со тоа и бањскиот комплекс, рестораните и двата хотели „Кристал“ и „Ку-Ба“.

Нашиот соговорник продолжува со својот револт и вели:

„Треба да најдат инвеститор и како во Бујановац да ја направи модерна бања. И хотелот е напуштен и плажа имаше. Чудо, неколку години е запустена бањата, таа беше прочуена, сега напуштена и ја уриваат. Мислам дека градоначалникот треба да се заложи за бањата.“

Откако бањата не работи многумина кои имаат потреба бањи прават во вировите во близина на двете чешми, околу кои исто така има секаков отпад. А кумановци и понатаму во пластични шишиња и туби полнат вода која постојано ја конзумираат. И коментираат:

„Други сезони овдека имаше толку народ што немаше место во селото да се сместат. Минатата година работеше само една недела и тоа на диво“, вели Моме Кировски од селото Проевце и додава:

„Гледај, сабајле во 5 и 30 часот полнам вода и тие доаѓаат да се капат. Имаат закупено соби.“

РСЕ: Бањата не работи, а луѓето ги користат вировите?

„ Ги користат кога е лековита водата. Што да прават! А затворена е. Бадијала што зборуваме, најмногу лекува нервни болести. Беше во надлежност на „Бисерка“,таа пропадна, „Ку-Ба“ исто така пропадна, ограбија лопови.“

Ставре Ѓорѓиевски (или како што вели Џорџ Стивен) од Куманово некогаш живеел на Нов Зеланд, а откако се вратил дома во бањата се релаксирал.

„Водата ме освежуваше. Не сум боледувал од ништо. Сега секој втор ден полнам вода.“

Дека бањата треба да си го врати стариот сјај сите се согласуваат, но како што велат, граѓаните се немоќни.
Иако на времето познатата Вруќа Вода беше најевтино место за „полнење на батериите“, но и за обновување на ткивото, поради што балнеолозите забележале и дека подмладува, веќе сериозно претендира да прерасне во дива бања.

Интернистот Бранко Јовановски пред повеќе од четири децении запишал дека водата во Кумановска Бања по хемиски состав е идентична со Врњачка и Буковичка Бања во Србија, со Бањата Виши во Франција, со изворите Вилдунген и Маријанске Лазне во Чешка. Некои анализи покажале и дека е подобра од нив, бидејќи ги нема недостатоците што тие ги имаат. А некогашната надалеку прочуена Кумановска Бања го лекува нервниот систем, повеќе стомачни заболувања,полесни форми на шеќерна болест,уринарни, гинеколошки и психички и нервни исцрпености, како и егземи и разни кожни промени.
И Кумановска Бања, како и дивата во селото Стрновац како што велат бањските капачи очекува инвеститор кој од нив ќе направи светски познати бањски центри.

„Треба оние во државата да обрнат внимание на природните богатства, ги има многу,но по се излгеда нема за кого“, во разговорот додаваат кумановците Павле, Моме и Ставре.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG