Достапни линкови

logo-print

Герилци од Балканот како бунтовници во Сирија


Се проценува дека во изминативе неколку месеци најмалку 300 албанци од Албанија, Косово и Македонија заминале во „света војна“ во Сирија.

Некои се бореа како герилци за време на крвавите балкански војни во 90 години од минатиот век. Други пораснаа, како што се наведува во репортажата на Франс прес, под влијание на радикалниот ислам кој фати корен во сиромашните делови на Балканот, населени главно од муслимани. Денес, искусните борци и нивните помлади следбеници им се придружуваат на сиријските бунтовници во првите борбени редови.

Многумина од нив се враќаат дома во пластични вреќи, а нивните семејства често не ни знаат дека тие се бореле во Сирија.

Мигена Маличај од Пруш во близина на Тирана, не слушнала за нејзиниот сопруг од минатиот ноември кога и рекол дека ќе оди да најде работа во Турција. Во јуни таа примила порака дека Халил бил убиен во Сирија.

Ист е случајот и со Ермал Џељо чии посмртни останки биле донесени во Валона. И тој рекол дека оди на работа во Турција.

Тие не се платеници, туку доброволци убедени дека се борат за доброто, склони на верските манипулации дека војната во Сирија е навистина света.
Албанскиот експерт Илир Куља проценува дека во изминативе неколку месеци најмалку 300 Aлбанци од Албанија, Косово и Македонија заминале, како што вели, во „света војна“ во Сирија.

„Тие не се платеници, туку доброволци убедени дека се борат за доброто, склони на верските манипулации дека војната во Сирија е навистина света“, вели Куља за агенцијата Франс прес која пак цитира доверлив извештај на косовските безбедносни служби дека „исламистичките екстремисти“ одат во Сирија во мали групи за да не бидат сомнителни.

Од почетокот на сиријскиот конфликт пред 28 месеци, илјадници странски борци им се придружија на бунтовниците во нивните напори да го соборат режимот на претседателот Башар ал Асад.

Меѓу нив има и џихадисти, главно од Саудиска Арабија, Тунис, Либија, Ирак, но и од Европа, Кавказ и јужна Азија. Франс прес цитира еден невработен градежен работник од Подуево кој вели дека се подготвува да замине во Сирија и оти немало да се врати се додека не заврши војната.

Со иста намера е и еден поранешен снајперист од ОНА кој, како што вели, веќе бил на двонеделна оценка на ситуацијата во Сирија.

Експертот за верски прашања Висар Дуриќи смета дека регрутирањето на идните борци од Косово го вршела салафистичката секта и оти тоа било врз доброволна основа.

Исламската заедница на Косово демантира секаква вклученост во ваквата активност.

Аналитичарите велат дека главни причини за радикализацијата на младите се влошената економска криза на Балканот и големата невработеност од над 20 насто.

Експертите веруваат дека присуството на салафистите е најсилно во Босна, особено откако многу странски борци им се придружија на муслиманските сили против силите на босанските срби во тогашната војна.

Босанскиот експерт Есад Хеќимовиќ наведува дека доброволците за Сирија биле мотивирани да се борат за она што го нарекуваат, како што вели, единствена Исламска татковина.

„Тоа е истиот изворен мотив со кој беа поттикнати некои странци да дојдат и да се борат во Босна“, вели Хеќимовиќ за агенцијата Франс прес.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG