Достапни линкови

Турските оружени сили повикуваат на воздржаност


Оружените сили на Турција повикуваат на мир и воздржаност откако истанбулскиот Суд за тежок криминал ги изрече пресудите против повеќе турски офицери, во рамките на процесот „Ергенекон“, под обвинение за подготвување заговор за преврат, јави весникот „Хуриет дејли њуз“. Турскиот Генералштаб во соопштение објавено на неговата интернет страница нагласи дека иако Оружените сили одблиску ги следат истрагите што се однесуваат на нивните припадници, тие не сакаат да бидат разбрани погрешно, па затоа манифестираат трпение, мир и воздржаност. Турските оружени сили веруваат дека процесот ќе заврши со праведна конечна пресуда во рамките на праведен процес, како што бара владеењето на законот, се нагласува во соопштението и се додава дека Армијата сочувствува со своите колеги и нивните семејства.
Судот за тежок криминал во истанбулското предградие Силиври ги изрече пресудите во процесот „Ергенекон“ против 275 осомничени, меѓу кои и новинари, политичари и офицери, од кои 66 лица се наоѓаат во затвор. Вкупно 19 обвинети, меѓу кои и поранешниот началник на Генералштабот на турската армија Илкер Башбуг и неколкумина пензионирани генерали, беа осудени на доживотен затвор поради обид за преврат. Судскиот процес траеше повеќе од пет години.
XS
SM
MD
LG