Достапни линкови

Печалбарството му ја одложило женидбата


Ѓоре Антевски, печалбар од кумановското село Кокино и неговата сопруга Валбона.
Ѓоре Антевски, печалбар од кумановското село Кокино и неговата сопруга Валбона.

Печалбарскиот живот на Ѓоре Антевски од Кокино трае со години и во разни земји, печалбарството му ја одложило одлуката за формирање семејство, но не изгубил надеж и се оженил на 45 години со 35-годишната Валбона од Албанија.

Четириесет и пет годишниот Ѓоре Антевски родум од кумановското село Кокино,последната деценија во светот познато по Мегалитската опсерваторија, раскажува за својот долгогодишен печалбарски живот, за неговите обиди за враќање и барање егзистенција во селото и повторно заминување на печалба во Србија, Словенија со намера да продолжи во Австрија,... Токму печалбарството му ја одложило одлуката за формирање семејство.

Сепак, како енергичен,темпераментен,упорен и издржлив, борбен во секоја смисла, човек кој како што вели и кога спие размислува за подобрување на квалитетот на својот живот благодарение на интернетот неодамна си ја нашол и жената на својот живот. Со Валбона, триесет и пет годишнс, од Албанија по двомесечена комуникација преку интернет и по само една средба двајцата сфатиле дека можат да градат заедничка иднина, а таа секогаш и секаде да биде покрај него,каде и да е.
Немав сигурна егзистенција и не можев да се одлучам да оформам семејство. Секогаш сум бил оптимист и не сум се откажувал од тоа дека ќе најдам таква жена каква што му е потребна на еден печалбар.
Ѓоре Антевски од Куманово.

За својот живот Ѓоре вели дека му бил макотрпен,но тој никогаш не се предал учејќи разни занаети и усовршувајќи си го знаењето за подобра заработувачка. Од неговата прва печалба на помлади години во Белград, Ѓоре како седмо и последно дете на неговите родители кои останале сами во Кокино се вратил во 1996-та година. По смртта на татко му не
Кокино, археолошко наоѓалиште и мегалитска опсерваторија.
Кокино, археолошко наоѓалиште и мегалитска опсерваторија.
му паѓало на ум мајката, сега 88 годишна Зорка да ја остави сама. Тој со свои раце успеал да направи водовод до куќата од еден планински извор и тоа со пластични цевки, да подигне лозов и овошен насад, да одгледува добиток. Меѓутоа:
Добро, супер, фамилија, Ѓоре, мама. Супер.
Валбона, сопруга на Ѓоре.

„Не можевме да опстаневме со својата 24 часовна макотрпна работа. Јас сум еден од ретките од Козјачието кој одлучил да бара подобар живот,а не како што има и помлади луѓе од мене од тој крај, кои се запоставија себеси и останаа тука.“

Во потрага по подобар живот Ѓоре мајка си ја преселува во неговата мала куќа во Куманово, во близина на постарите браќа и со куферите заминува за Словенија, при тоа во секој миг мислејќи на неа.

Печалбарскиот живот меѓу другото подразбира и потешкотии во оформување семејство,а целта на Ѓоре била да најде сопруга која ќе прифати со него да биде каде и да е. По бројните обиди изминатите години тоа тешко му одело.

„Немав сигурна егзистенција и не можев да се одлучам да оформам семејство. Секогаш сум бил оптимист и не сум се откажувал од тоа дека ќе најдам таква жена каква што му е потребна на еден печалбар.“

Со Валбона, со која и покрај тешкотиите во комуницирањето, особено користејќи ги сите можности на интернетот, по два месеца се сретнале.

Во Албанија, во Лежи, во близина на Тирана, Ѓоре отпатувал со двајца пријатели од кои едниот зборувал албански. На прошетка,ама и да се сретне со Валбона. На првата средба Ѓоре почувствувал:

„Прво ми се допадна нејзиното однесување, култура, се создаде некаков флуид кај двајцата и си реков нема потреба повеќе да барам ништо. Чекав да го слушнам нејзиното мислење иако кај нив бев пречекан толку домаќински да се почувстував како 20 години да ги познавам. Таа потврди дека го почувствувала истото. Комунициравме преку фејсбук, скајп, преписки и допишувања“, вели низ насмевка Ѓоре.

Тој додека Валбона која прилично разбира од македонскиот јазик возвраќа со насмевка и нежен поглед. Два месеца по средбата Валбона и Ѓоре се договориле дека се на патот до истата цел.

Валбона трето од шестте деца на нејзините родители, чии двајца браќа се исто така печалбари во Грција и Италија,сестра и Виолета мажена во Прилеп, побарала одобрение од чичко и Никола,бидејќи татко и починал на млади години. Чичко и пак и рекол дека тој е согласен самата да одлучи. Таа вели дека понекогаш сонувала дека нејзиниот живот ќе биде некаде далеку од родното место,од татковината, но за неа е најважно каков е човекот со кого ќе живее и какво е неговото семејство. Таа вели:

„Добро, супер, фамилија, Ѓоре, мама. Супер.“

На ова семејство Антевски им претстои уште еден тежок пат, патот на административните процедури. Законите се различни во Албанија, Македонија, Словенија, а потоа како што додава Ѓоре, ќе продолжат во Австрија. „Заедно сме посилни и сето тоа ќе го издржиме“,низ насмевка вели Ѓоре. Сепак, каде и да одат секогаш ќе се враќаат и ќе ја одржуваат неговата родна куќа во Кокино, таму каде што неговиот поглед често пати бил вперен во врвот на Татиќев камен,запрашувајќи се какви тајни се кријат во него. Ѓоре вели:
„Ако цел свет знае за Татиќев камен, во чија близина пораснав, нема причина јас да го заборавам мојот роден праг.“

А мајка му Зорка пак забележува дека со женидбата на нејзиното најмало чедо и паднала голема грутка од душата, та сега може мирно засекогаш да заспие.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG