Достапни линкови

Со ноќната сеча, власта демонстрира сила


Сечењето дрвја сред ноќ е со цел да се заплашат граѓаните и покажува дека на власта не и се потребни ниту демократските институции, ниту владеењето на правото за да истурка некоја политика и идеја, реагира професор Мирјана Најчевска.

Сечењето дрвја и уништувањето на паркот спроти хотелот Бристол, и покрај противењето и протестите на граѓаните, е демонстрација на моќта на власта и не е согласно законот, велат експертите. Десетина млади скопјани синоќа повторно го поставија шаторот во паркот и ветија дека тука ќе останат да го бранат зеленилото. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски изјави дека е згрозен од вандализмот и варварството на централната власт.
Едноставно, на овој начин на граѓаните им се дава до знаење дека тие што се на власт имаат веќе таков опфат на сите институции што им овозможува да направат апсолутно сè, не само без волјата на граѓаните, туку и спротивно на волјата на граѓаните.

Професор Мирјана Најчевска вели дека сечењето дрвја сред ноќ е со цел да се заплашат граѓаните и покажува дека на власта не и се потребни ниту демократските институции, ниту владеењето на правото за да истурка некоја политика и идеја.

„Едноставно, на овој начин на граѓаните им се дава до знаење дека тие што се на власт имаат веќе таков опфат на сите институции што им овозможува да направат апсолутно сè, не само без волјата на граѓаните, туку и спротивно на волјата на граѓаните, а ноќното сечење на дрвјата, според мене, е многунаменско - за да внесе страв, за да внесе несигурност и за да покаже во кое сè време и на кои сè начини може власта да настапи против граѓаните“, вели Најчевска.

Професор Аднан Јашари вели дека сите проблеми на релација државна и локална власт треба да се решаваат спогодбено и по мирен пат, а не преку покажување на сила.
Сметам дека во овој момент, во однос на таа проблематика, централната власт, пред да прејде на некое дејствие, требаше да се насочи кон обезбедување согласност од страна на локалната власт.

„Согласно законот за локална самоуправа, надлежноста за тоа е кај локалната, а не кај централната власт. Во насока на тоа, јас сметам дека во овој момент, во однос на таа проблематика, централната власт, пред да прејде на некое дејствие, требаше да се насочи кон обезбедување согласност од страна на локалната власт“, вели Јашари.

Според Најчевска, целокупната моќ на власта е легализирана со неправни закони.

„На тој начин не можеме да зборуваме вистински за злоупотреба, бидејќи власта едноставно го употребува она што веќе си го има обезбедено и со Уставот и законите, меѓутоа проблемот во Македонија е што и Уставот и законите стануваат неправни“, вели Најчевска.

Жерновски уште еднаш го повика премиерот Никола Груевски да дојде на вонредната седница на општина Центар закажана за в среда и да им објасни на граѓаните зошто го уништува зеленилото.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG