Достапни линкови

СДСМ: Сечењето на зеленилото среде ноќ е кукавичлук и вандализам!


СДСМ го повика премиерот Никола Груевски да излезе и да го објасни насилието што се случи во три часот наутро кај хотелот „Бристол“.
“ Да се донесат моторни пили и полиција среде ноќ да го рамнат со земја паркот, без да се води сметка за вознемирувањето на граѓаните, е врв на покажувањето сила што сè е подготвена власта да направи за своите интереси,” реагира СДСМ.
„ Груевски уште еднаш по кој знае кој пат ја погази јавно изразената волја на граѓаните на Центар кои на локалните избори јасно се искажаа против уништувањето на зеленилото заради бизнис интересите на власта. Ако сте премиер, Влада, власт, дали тоа ви дава за право да ја користите полицијата за свој штит“, се наведува во соопштението.
СДСМ бара веднаш да престане бруталноста, зад која како што наведува, се крие „недостиг на капацитет, низ дијалог, дебата, меѓусебно разбирање, да се дојде до решенија за отворените прашања“.
СДСМ истакнува дека иако сака да се воздржи од нискиот речник својствен на оваа власт и ВМРО-ДПМНЕ, сепак, како што наведува, за жал, не постојат други зборови освен дека инцидентот со сечењето на зеленилото среде ноќ е чин на кукавичлук и вандализам.
„Народот гледа и народот ќе и пресуди на нецивилизираната политика на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ“, порачува најголемата опозициска партија.
XS
SM
MD
LG