Достапни линкови

Аџиев - Никој не е лустриран без докази


Знаевме дека ова е болен процес, дека штом почне да се отвора процесот ќе се јават реакции. Ќе се искористи секоја можност да се нападне Комисијата за да се деградира овој процес за да може евентуално да се спасат од лустрација, вели Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Аџиев, кој ви беше мотивот, што ве натера, повторно да ги лустрирате академиците, иако процесот на нивна проверка заврши пред неколку месеци?

Не е точно дека заврши процесот на проверка. Сите предмети кои се на обработка во Комисијата не се завршени, освен оние каде што се прогласени соработници или наредбодавци, инаку сите предмети се проверуваат перманентно.

Зошто лустриравте починати лица како академик Славко Јанeвски, што предизвика големи реакции?

Законот ги опфаќа и тие личности и затоа ги лустриравме, не е нешто посебно, имаме и други такви починати личности и не се крена толку прашина.

Нели е симптоматично што потоа ги лустриравте токму оние лица кои ве критикуваа за лустрацијата на Јаневски. Дали тоа се толкува како некаков вид на реваншизам кон тие луѓе?

Комисијата согласно законот и деловникот што го има, сите лица што ги проверуваме доколку се починати нивните имиња и презимиња не се објавуваат. Наеднаш тие личности кои дополнително покасно излегоа како соработници излегоа во јавноста и го обелоденија тоа име, што е многу симптоматично. Дали тие намерно го обелоденија за да се крене прашина, очекувајќи, знаејќи што работеле претходно, па дека и тие можеби ќе дојдат на дневен ред па го обелоденија тоа за да се крене таа голема прашина, како што кажувате вие, за да се скрати тука некоја нивна понатамошна обработка. Инаку ние тие лица ги поминавме во процесот на лустрација бидејќи за нив постојат документи, ништо повеќе.

Но од членовите на Комисијата за верификација на факти излезе информацијата дека се работи за академик и писател на книгата „Село зад седумте јасени“.

Не, тоа излезе прво во сите медиуми со иницијали С.Ј., некој им сигнализирал од друга страна, не излезе од Комисијата. Некој веднаш му поставил прашање на нашиот портпарол дале е тоа лицето С.Ј., значи некој тоа претходно го знаеше и го пушти во етер.

Кој може да знае иницијали?

Тоа не знам, не знам. Прашајте ги тие што го обелоденија. Во Комисијата тоа не е расправано и не е излезено и да не заборавиме ние имаме повеќе такви лица поминато и воопшто не се излезени имињата на тие лица и така и треба да биде бидејќи така е предвидено во законот, меѓутоа специјално ова име некој го обелодени, што мислам дека не е коректно и од страна на тие луѓе што го направија тоа. А мислам дека тоа го направија најмногу од Академијата. Да се крене прашина како што се крена, како што кажувате вие што се крене прашина, па да се притисне Комисијата да престане со овој процес за да може тие некако да куртулат од ова работа, меѓутоа пак ќе кажам, Комисијата работи исклучиво врз основа на законот и со документите со кои располага. Во документите кои се на располагање на Комисијата за тие две лица се најдени документи и во меѓувреме се и објавени во јавноста каде што се гледа дека во одреден период тие лица соработувале со тајните служби и ништо повеќе.

Друштвото на писатели излезе со став дека ова е удар врз македонскиот идентитет. Како вие гледате на тоа?

Како е направен тој удар, јас не можам да сфатам? Дека се објавени дваесетина или триесет документи каде што недвосмислено се утврдува дека две лица или три лица соработувале со тајните служби иако во моментот две се на високи позиции во државата и дека ако се откријат тие документи се руши историјата и идентитетот. Не знам јас како тие тоа го сметаат, кога во процесот на лустрација потпаѓа и претседателот на државата, претседателот на Парламентот, претседателот на Владата, министри, пратеници, еден ред на носители на јавни функции и овластувања. Потенцијално сите можеа да бидат соработници, па што ќе ја рушевме државата? Па тогаш нека не се носеше законот за лустрација. Ние сме должни како Комисија за секое лице коешто е опфатено со законот доколку утврдиме дека соработувал со органите за државна безбедност, да го обелодениме и да го извадиме на веб сајтот, ако направиме спротивно, го кршиме законот и тука нема бегање.

Освен починати лица, најголем дел од лустрираните се поранешни функционери, а целта на лустрацијата е да се оневозможат и спречат соработниците на тајните служби денес да бидат носители на јавна функција?

Не е само тоа целта на лустрацијата, меѓу друго и тоа е, но и логично е повеќе да има поранешни функционери, бидејќи претежниот дел на формирањето на досиејата на тајните служби се работени во еден минат период, во тој поранешен систем што го велиме, иако по инерција продолжи и понатаму да се спроведува таа постапка, меѓутоа логично е да има повеќе од нив. И уште една работа, претежниот дел на носителите на јавни функции во денешно време се претежно млади луѓе кои и објективно не можеле да бидат соработници на тајните служби.

Иницијаторот на овој закон, господинот Стојан Андов, изјави дека Комисијата не ја извршува функцијата за која е воспоставена? Но, не само тој, имаше и доста критики и од опозицијата и од експерти дека Комисијата не ја извршува функцијата.

Кои се тие експерти што го критикуваат законот, јас не знам. Секоја критика ние ја разгледуваме, и добронамерна и злонамерна, каква било, ние ја гледаме, меѓутоа секој што критикува нешто мора да излезе со контра аргументи. Дај нека повелат сите, нека извадат контра аргументи дека Комисијата ова и ова тенденциозно го работи, ова го измислува, ова го додава, ова го преправа, ова го фалсификува, па нека повелат, нека го извадат. Ако најдат дека и една запирка е направена во спротивно со законот, стоиме на располагање и на одговорност. Гарантирам и стојам зад тоа дека Комисијата работи исклучиво по законот и исклучиво врз основа на документите кои ги добива од четирите надлежни институции и ништо повеќе, не можеме ништо повеќе да направиме врз основа на нешто што не е во тие документи па да спроведеме постапка, напротив, се што е во тие документи тие можеме да го обелодениме, тие постојат.

Од 89 лустрирани лица, за 50 е донесено решение, а само мал дел од нив, околу десет, се носители на јавна функција или биле кандидати? Со оглед на ова, сметате ли дека Комисијата работи успешно?

Овие 80 или 90 се утврдени соработници, меѓутоа се проверени илјадници досиеја, илјадници имиња. Значи, имаме една огромна бројка на носители на јавни функции или кандидати во одреден период или поранешни носители кои се проверени и излегоа дека се чисти. Тоа е една макотрпна работа, истражување во досиејата, секојдневна работа, а дека излегоа 80 или 90, таа е бројката што досега се утврди. Не можеме ние да бркаме бројка, колку ќе излезат - толку. Ако излезат 100 – 100, ако излезат 200 – 200, ако излезат пет – пет. Значи, колку има, колку провериме, толку ќе извадиме.

Најавивте дека ќе ги објавувате и имињата на жртвите. Дали тоа е согласно со законот и дали за тоа најпрвин е потребна нивна согласност?

Да, со нивна согласност. Тие го бараат тоа. Има кај нас многу барања и така правиме.

Кога ќе биде тоа?

Ќе се спроведе постапката, во тек е.

Колку извештаите кои ги добивате, според вас, се доволен доказ дека некој во минатото бил соработник на тајните служби?

Мислите на извештаите кои ги добиваме од четирите органи. Тие извештаи да не ги правиме дека се нешто баук извештаи, тие се само известувања. Управата за безбедност и контраразузнавање или Агенцијата за разузнавање или Државниот архив на Република Македонија ќе кажат - за тоа и тоа лице имаме документи, дојдете, повелете, видете ги, и ние тоа го правиме. Ама врз основа на што утврдуваме соработка, тоа е врз основа на документи што постојат, а извештаите што ни ги даваат се само писма. Ни пуштаат писма, не повикуваат, дојдете да видите, а ние утврдуваме врз основа на оние документи што се формирани во некое минато време, и посебно во Архивот, најголемата бројка се во Државниот архив, тоа се предмети на времето предадени од Управата за безбедност и контраразузнавање, архивирани се во Архивот, стојат и тие се на располагање. Не може таму нити да се интервенира, нити некој си зема право да интервенира. Никој не би сакал да влезе во таква работа, а и не е можно, не е можно, бидејќи сето тоа е евидентирано, архивирано како што треба и ако некој си даде право да интервенира ќе си сноси одговорност.

Колку се веродостојни тие документи што го споменувате?

Ние додека не утврдиме со потполна сигурност дека тоа и тоа лице е соработник, не утврдуваме соработка. Имаме ние во многу досиеја утврдено дека постои соработка, но имаме само псевдоним, немаме име, не можеме тој псевдоним да го поврземе со името на одредено лице и тоа не го прогласуваме. Кога ќе утврдиме недвојбено дека ова лице е тоа, тогаш утврдуваме соработка, инаку не излегуваме со претпоставки.

Многумина ве сметаат за инструмент на власта за прогон на политичките противници.

Мене?

Како ќе ги коментирате тие обвинувања?

Ќе ги коментирам. Прво, јас сум еден член на Комисијата и не можам да правам што сакам. Јас имам право на еден глас и ништо повеќе. Комисијата е составена од 11 членови, и ако десет члена гласаат против, не мора ни 10, ако 6 гласаат против, како ќе гласаат, така оди. Тоа е само измислено од некои лица да се компромитира работата, а најдобро е да ја компромитираш комисијата преку претседателот. Пак ќе кажам, нити сум презел некоја обврска надвор од моите овластувања како член на Комисијата, а уште помалку како претседател, бидејќи како претседател имам само обврска да закажам седница и да предложам дневен ред. И дневниот ред не можам јас да го утврдам додека не го утврди Комисијата. Јас само предлагам дневен ред, многу често не ми се прифаќа или се дополнува на седницата, а мојот глас е еден глас. Секој само измислува нешто да ме компромитира за да... Мислам дека луѓето што почувствуваа дека, а соработувале со тајните служби, дека може да дојдат на дневен ред и сега дај да растуриме нешто, па ќе измислиме дека претседателот прави вака или онака, но работите воопшто не стојат така.

Колку причината за ваквите тврдења е тоа што речиси сите членови на Комисијата се предложени од власта на некој начин?

Не е точно. Сите членови на Комисијата се избрани едногласно од Собранието на Република Македонија. Ние бевме едногласно избрани со 85 гласа и сега како може да тврдиме дека сме од власта или од опозицијата или не знам што. Сите бевме избрани едногласно и сите влеговме тука со чесна намера да ја спроведеме лустрацијата, да го завршиме процесот, како ќе го завршиме согласно документите со кои располагаме, меѓутоа пак ќе кажам, од некои структури, кои веќе почнаа да бидат засегнати со процесот на лустрација, се измислуваат разни приказни дека овој бил од власта, овој бил од опозицијата или не знам, овој е близок со оној, тој со тој, не е точно. И некој да биде близок со кого било, доколку нема документи на масата пред Комисијата за кое било лице, не може да биде прогласено за соработник, тоа одговорно го тврдам. Никој не може да биде прогласен за соработник доколку на масата нема доволно документи, релевантни документи, од кои ќе се утврди дека во одреден период соработувал. Тоа е единствената вистина.

Колку ваквите обвинувања влијаат на работата на Комисијата?

Видете, уште кога се формираше Комисијата, кога конкуриравме ние за членови, знаевме што нè чека. Ние не очекуваме тука дека некој ќе нè наградува, во смисла дека ќе ни аплаудираат. Знаевме дека ова е болен процес, дека штом почне да се отвора процесот дека ќе се јават реакции, бидејќи, тие личности што се лустрираат се тука, не се на некое друго место. Можеби некои се на одредени позиции, некои се нивните деца на некои позиции, или нивни блиски и дека во секој случај ќе се искористи секоја можност да се нападне Комисијата за да се деградира овој процес за да може евентуално да се спасат, ние тоа го очекувавме. Не очекувавме дека нам некој ќе ни дели ордени заради ова или она, не, тоа е очекувано. Секој што се наоѓа во одредена неприлика поради некое непријатно минато што го имал, дозволено му е да се лути, но на Комисијата ѝ е обврска тоа да го утврди.

Имате ли притисоци во секојдневниот и приватниот живот поради оваа функција што ја извршувате?

Не, немам притисоци. Повеќе се прави театар пред медиумите, а од друга страна, сите знаат дека ова што го правиме е токму тоа и дека не можеме да направиме ништо надвор од документите што постојат. Документите се јавно објавени, секој може да ги види на веб сајтот, нека ги коментира. Досега немаме утврдено некое лице да рече – овие документи се фалсификат или правени или креирани од некој друг. Не, тие стојат во Архивот. Секој што сака може да ги провери во Архивот, ќе види дека тие документи стојат. Ние не измислуваме документи, ние само ги вадиме и ги верификуваме.

Во јануари ви завршува мандатот. Колку сте задоволни од досега сработеното и дали, според вас, лустрацијата ќе ја исполни својата цел?

Формирањето на Комисијата имаше многу проблеми од почетокот, додека се конституиравме, нова комисија, и ние влеговме и не знаевме што ќе најдеме. Кога веќе влезе Комисијата во процесот на лустрација, почнавме да ги работиме предметите и видовме дека можеме да ја сработиме оваа работа, посебно со измените во законот, со новиот закон, се отвори поголем простор за работа, веќе сега ни се сите досиеја на располагање, можеме потемелно да ги гледаме секојдневно. Порано беше со писма обраќај се и многу се губеше време во таа административна работа, сега имаме многу полесна работа и сведоци сме дека во последниот период излегоа повеќе предмети, бидејќи се отвори процесот. До крајот на нашиот мандат, мислам дека ќе заокружиме една голема бројка, но ќе остане уште нешто незавршено. Мислам дека наредната Комисија тој процес целосно ќе го заокружи. Работата беше да се помогне државата да го спроведе овој процес, на сите пост-комунистички земји им стои како товар овој процес да го спроведат, Република Македонија собра сили, донесе закон, формира Комисија, ѝ даде мандат на Комисијата да го спроведе овој закон. Јас како член на оваа Комисија, а се надевам и сите членови на Комисијата, сакаат да го спроведат овој закон, и го спроведуваат и мислам дека ѝ помагаме на државата да излезе од тоа минато прочистена, понатаму да се бават со јавни функции и јавни овластувања да имаат лица кои се чисти, прочистени и да немаме повеќе лица кои евентуално повторно би работеле на ист начин и би правеле, да речам, штети, и на државата и на поединци.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG