Достапни линкови

„Кавкаски круг со креда“ на Охридско лето


Уште една, трета по ред премиера на фестивалот „Охридско лето“. Драмскиот театар од Скопје на 30 јули од 21 часот, во Предворјето на црквата „Света Софија“, ќе ја изведе „Кавкаски круг со креда“ од Бертолд Брехт во режија на Златко Славенски. Во оваа претстава која што буди грст емоции и отвора бројни дилеми за тоа што значи да се биде мајка, во главните улоги настапуваат актерите Сања Арсовска, Благој Чоревски, Васил Зафирчев и членот на Детската радиодрама - Борјан Давковски.

Една жена и едно дете. Оваа митска слика е таква што не трпи премногу анализи, коментари, ниту било какви пермутации во сферата на рационалните животни категории. Токму примарната емоција, да се заштити нејакото, нежното и убавото –токму ова убаво нешто, е веројатно онаа убавина која ќе го спаси светот, за која што пишувал Достоевски. Кај Брехт таа убавина е донесена во болната едноставност на одлуките што луѓето ги прават без да размислуваат, кај нив рефлексот доаѓа директно од срцето. Ова ќе го запише Златко Славенски во најавата за претставата „Кавкаски круг со креда“ од Бертолд Брехт, својата нова премиерна постановка на „Охридско лето“која доаѓа по успешните и наградувани „Розенкрац и Гилденстерн се мртви“, „Амадеус“, „Папокот на светот“, „Војаџер“, „Соларис“, „Бесови“....и други.
Практично низ тој клучен момент од претставата сакавме да дадеме една надеж, еден зрак светлина во она што обично подразбираме под живот, а тоа е план, рацио, цинизам , користољубие, кариера...Претставата се обидува да покаже дека ќе се спасиме. ќе преживееме, ќе продолжиме да постоиме се додека има барем еден зрак светлина.
Златко Славенски, режисер.

Режисерот дополнува дека уште од 2002 година кога прв пат посакал да го постави на сцена овој текст имал намера да го претстави силниот емотивен набој што тој го носи во однос на останатите Брехтови дела. Всушност да проговори за таа силна хуманистичка идеја која овде е изоштрена до максимум низ призмата на приказната во која се зборува за едно напуштено бебе и за неговото спасување од една личност која и немала некоја посебна причина да го стори тоа.
Режисерот Златко Славенски.
Режисерот Златко Славенски.

„Практично низ тој клучен момент од претставата сакавме да дадеме една надеж, еден зрак светлина во она што обично подразбираме под живот, а тоа е план, рацио, цинизам , користољубие, кариера...Претставата се обидува да покаже дека ќе се спасиме. ќе преживееме, ќе продолжиме да постоиме се додека има барем еден зрак светлина.“

Во овој нов проект на Драмски театар играат неколку генерации на актери, а Сања Арсовска ја толкува улогата на Груша, мајката која се обидува да го задржи најденото или посвоеното дете.
На сите нас ни фали едно жарче светлина. Мислам дека тоа жарче светлина е Груша која што може да даде поголема смисла на животот. Таа е едно зрно човечност и хуманост кое кај оној што ќе го препознае ќе побуди поинакви човечки и хумани чувства.
Сања Арсовска, актерка.

„На сите нас ни фали едно жарче светлина. Мислам дека тоа жарче светлина е Груша која што може да даде поголема смисла на животот. Таа е едно зрно човечност и хуманост кое кај оној што ќе го препознае ќе побуди поинакви човечки и хумани чувства.“

Пензионираниот Благој Чоревски, кој овде се појавува во улогата на судијата Аздак, вели дека „Кавкаски круг со креда“ за него не е толку враќање во театарот колку едно убаво спуштање во една вселена наречена Бертолд Брехт.

Од друга страна, на Борјан Давковски улогата на малиот Михаил околу кого се врти целото дејствие му е прво појавување на професионалната театарска сцена, но тој едноставно плени со својата непосредност и со анализата на ликот што го толкува.

„Малиот Михаил е избезумен што не знае која е неговата вистинска мајка. Дали е тоа жената која му го спасила животот и го изгледала како свое сопствено дете или, пак, мајката, вистинската биолошка мајка, која не се грижела за него и си мислела само на себе па дури понеколку години се досетила дека има дете.“

Инаку, во „Кавкаски круг со креда“ играат и Васил Зафирчев ( како Раскажувачот, Пејачот), Рубенс Муратовски (Капларот Лаврентиј), Филип Трајковиќ, Диме Илиев, Роберт Вељановски, Драгана Миленковска, Златко Митрески и други. Оригиналната музика е на Пол Десо, костимограф е Елена Дончева, а за продукцијата на видеото повторно се погрижи Милчо Узунов.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG