Достапни линкови

Хезболах испраќал пари за нападот во Бургас


Вооруженото крило на Хезболах уплатило 75.000 евра на банкарски сметки на двајца мажи, по кои се трага поради бомбашкиот напад во бугарскиот приморски град Бургас минатата година, во кој загинаа петмина израелски туристи. Според бугарскиот весник „24 часа“, парите биле испратени за организирање на нападот на аеродромот во Бургас на 18 јули 2012 година и за шпионски активности во други земји. Во нападот загинаа и бомбашот-самоубиец и бугарски возач, а беа повредени 35 лица. Тоа беше најсмртоносен напад врз израелски државјани од 2004 година. Израел за нападот веднаш го обвини Хезболах, а во февруари оваа година таквите сомнежи ги потврди и Софија. Потврдата дека нападот го извршил Хезболах беше причината поради која Европската унија во понеделникот го стави военото крило на оваа либанска шитска група на листата на терористички организации.
XS
SM
MD
LG