Достапни линкови

Египет се подготвува за големи протести


Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама ги информира законодавците дека нема да го нарече „државен удар“ соборувањето на египетската влада, што им овозможува на САД да продолжат да обезбедуваат по околу 1,5 милијарди долари во воена и економска помош за Египет. Заменик државниот секретар Вилијам Барнс ова го соопштил на средба зад затворени врати со членови на Претставничкиот дом, вчера, еден ден откако претходно Вашингтон ја одложи испораката на четири борбени авиони Ф-16 за Египет. Се очекуваше, Барнс подоцна да ги извести и членовите на Сенатот. Ако Белата куќа го прогласи соборувањето на египетскиот претседател Мохамед Морси на 3 јули за државен удар, американските програми за помош на Египет, според законите, автоматски ќе бидат прекинати. Вашингтон стравува дека со тоа ќе стане полесно шверцувањето и доставата на оружје од Египет во Појасот Газа кој е под контрола на Хамас.

Во меѓувреме, политичките сојузници на египетската војска се подготвуваат за големите протести најавени за денеска, во знак на поддршка на шефот на генералштабот на војската, генерал Абдел Фатех ал-Сиси, кој го предводеше соборувањето на Морси. Се очекува демонстрантите да се судрат со исламистичките опоненти на армијата кои бараат враќање на Морси. Ал-Сиси изненади многумина оваа недела кога ги повика луѓето денеска масовно да излезат на улиците и да му дадат мандат од народот за мерките што ги презема против, како што вели, „насилството и тероризмот“. Неговиот повик за протест се толкува како вовед во акција против Муслиманското братство и другите исламистички организации кои неколку недели протестираат барајќи враќање на Морси.
XS
SM
MD
LG