Достапни линкови

Железничка несреќа во Шпанија, најмалку 77 загинати


Возот кој од Мадрид се движел кон градот Ел Ферол, излетал од шините во Сантијаго де Компостела, главниот град на покраината Галиција.

Најмалку 77 луѓе загинале, а над 130 биле повредени во железничката несреќа што синоќа се случи во северозападниот дел на Шпанија.

Возот кој од Мадрид се движел кон градот Ел Ферол, излетал од шините во Сантијаго де Компостела, главниот град на покраината Галиција.

Спасувачките екипи извлекле 73 тела на загинати патници, додека другите четворица им подлегнале на раните во болница.


Снимка од излетувањето на возот во Шпанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

Истрагата за причините на несреќата е во тек, но шпанските медиуми јавуваат дека сите осум вагони излетале од шините поради тоа што возот се движел со неприлагодена брзина.

Очевидец ги опишува првите моменти по несреќата:

„Слушнав силна експлозија. Кога пристигнав крај пругите вагоните веќе беа излетани од шините. Соседите дотрчаа да помогнат но пожарникарите ни рекоа да не се приближуваме бидејки вагоните може да експлодираат“.

Медиумите наведуваат дека станува збор за најголема железничка трагедија во Шпанија во последните четири децении.

Премиерот на Шпанија Мариано Рахој пристигна на местото на настанот, по што ги посети повредените во болницата. Тој воедно потпиша и декрет со кој се прогласува тридневна жалост низ целата земја.

Во возот имало 247 патници, а поради несреќата се откажани сите свечености по повод денешниот празник Свети Јаков, заштитник на градот Сантијаго и на покраината Галиција.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG