Достапни линкови

logo-print

Закони со европско знаме, а неевропска содржина


Ниту едно решение не може да биде затскриено од очите на јавноста, во исто време потребно е политичката обврска одговорно да се преземе, одговорно да се манифестира и ако сите се чукаме во гради дека сакаме да бидеме во ЕУ, потребно е да придонесеме тоа навистина и да се случи, вели во разговор за Радио Слободна Европа, претседателот на Либералната партија Ивон Величковски.

Пратениците години наназад се претвораат во гласачка машина, одобрувачи на закони, недостасува аргументирана дебата. Како собранието се доведе во ваква состојба?

Мислам дека во основа имаме системски проблем, а тоа е дека ние имаме парламентарна демократија во која е поделена власта на законодавна, извршна и судска, но и извршната власт е поделена со мешовитиот полу-претседателски систем, така што на крајот завладеа политичкиот клиентелизам врз основа на доминантната улога на извршната власт во сите пори на општественото, политичкото и економското живеење. Затоа денеска ја имаме состојбата која ја имаме, клучните дебати за клучните прашања да не се водат во собранието, туку да се водат по различни странични форуми и тие притоа да бидат, би рекол, максимално политики, партиски контролирани од страната на центрите на тие партии.

Во последно време се еден од ретките, ако не и единствениот кој им ја мати водата на пратениците од власта, со тоа што ја продолжува дебатата до носењето на законот. Се чувствувате ли како Дон Кихот кој се бори со ветерници?

Во делот на законот за медиуми сметам дека е излишно воопшто да дискутираме затоа што законот како таков воопшто не е потребен. Затоа и реков дека се што носи европско знаменце не значи дека има и европска содржина.
Јас сум одговорен и платен од граѓаните за да бидам на страна на оние кои не избрале и да ги застапувам ставовите за коишто сум избран. Тоа значи дека либералните политики и обврските што ги имаме преземено во 2011 години за мене се еднаква обврска без оглед на тековните пречки и проблеми. Истовремено тргнувам од една, би рекол, за нас неприкладна филозофија овде во политичкото живеење во Македонија, а тоа е дека нема отстапување од зоната на слободата и на принципите. Затоа да, можеби на некого му личам дека водам донкихотска борба, но од друга страна обврските на моите поддржувачи, политиките на Либералната партија се многу поголеми од тоа дали јас се чувствувам комфорно или не. Затоа ќе кажам дека јас не ја продолжувам дебатата, тука ја водам за она што е битно и мислам дека е јасно после сите овие наши настапи, јасни се политиките коишто ќе ги застапуваме во иднина. Тоа е моја обврска и ако инсистираме на професионално работење, очекувам дека ваквиот стандард ќе го прифатат и сите останати пратеници

Се прашувате ли чуму ваков ангажман, ако на крај законите такви какви што се донесуваат.

Не значи ако се донесуваат, дека не може да се изменат. Јас ги кажувам и правците како Либералната партија ќе ги менува законите во идни или во поинакви консталации. Ниту еден закон не е вечен,туку вечна е определбата да правите нешто добро и позитивно, да го правите она за што се избрани и за што сте определени. Јас немам право да се повлечам пред предизвиците, туку напротив мојата работа и работата на сите избрани политичари е да ги надминуваат, а не да се повлекуваат пред предизвиците.

Законот за медиуми помина во прво читање пред пратениците и покрај противењето на медиумските организации. Кој е вашиот став за овој закон?

Жално е што бев единствениот пратеник кој се спротистави на оваа тема и што гласаше против предложените закони. Конкретно решенијата коишто ги оспорив во однос на Законот за аудио-визуелните услуги е дека тука имаме транспонирано одредби на европските директиви, но проширена и надградена согласно потребите на ВМРО-ДПМНЕ и на оваа власт. А во делот на законот за медиуми сметам дека е излишно воопшто да дискутираме затоа што законот како таков воопшто не е потребен. Затоа и реков дека се што носи европско знаменце не значи дека има и европска содржина.

Комисија за декемвриските настани е блокирана. Како може да се надмине ќор-сокакот до кој се доведоа?

Ќор – сокакот е создаден уште на 24 декември, за жал. Она што можам да го кажам е дека умерените или политички коректните дефиниции кои беа најавени од членови на Комисијата во кои вордингот беше многу адаптиран на потребите, претставуваат основа на која ќе може да се најде исходот и ќе може да се дојде со извештај. Уште еднаш ќе кажам дека не е наша работа да се повлекуваме или да ги признаваме предизвиците, туку нив да ги решаваме. Не можам да речам дека решението е лесно, но знам дека е изводливо. Во основа мора да признаеме сите дека ќе си го носиме својот дел од одговорноста, а мнозинската одговорност секогаш ја носи мнозинството.

Сака ли оваа власт да ја влезе државата во ЕУ и во НАТО?

Се обратив до Претседателот на Собранието и до координацијата и предлагам формирање на Клуб за поддршка на европските и евроатланските интеграции, клуб на пратеници, неформална целина која треба да овозможи пратениците да го следат и да го поттикнуваат овој процес надвор од официјалните работни тела на Собранието. Како пратеници кои доаѓаат од партии кои едногласно, барем номинално, застапуваат потреба од европски и евроатлански интеграции, сигурно како пратеници може да го дадеме тој придонес. Инаку не сакам да влегувам во оценка на другите бидејќи ќе бидам пристрасен, она што го знам дека Либералната партија главниот фокус го става на евро-атланските интеграции, бидејќи комплетното хармонизирање на законодавството, но и на политичките постапки ина политичката култура со западната модерна политичка мисла и пракса е единствениот начин Република Македонија да влезе во глобалната трка на народите.

Имавте иницијатива за Платформа за решавање на спорот за името. До каде е работата?

Да таа платформа ја најавив. Го очекувам се уште интересот за консултации од страна на политичките партии, особено од четирите најбројни политички партии застапени во Собранието, за жал се уште немам позитивен одговор, но ме охрабрува тоа што нема ни отфрлање на таквата иницијатива. Најавувам дека платформата ќе биде поднесено, но секако таа нема за цел надмудрување и надгласување, туку поставување на промислена патека на остварување на амбициите на граѓаните на Република Македонија.

Постојат ли реална можност да се придвижат работите?

Секако дека постои.

Колку власт има капацитет да го направи тоа?

Се плашам дека капацитетот доколку го има досега не го манифестирала доволно, но знам дека има политички субјекти, поединци и тимови кои се подготвени да одговорат и на овој предизвик многу квалитетно. Впрочем платформата е еден од методите со кој ќе покажеме како може да дојдеме до тоа решение. Ниту едно решение не може да биде затскриено од очите на јавноста, во исто време потребно е политичката обврска одговорно да се преземе, одговорно да се манифестира и ако сите се чукаме во гради дека сакаме да бидеме во ЕУ, потребно е да придонесеме тоа навистина и да се случи.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG