Достапни линкови

Виртуозот на хармоника Ришар Галијано во Света Софија во Охрид


Ришар Галијано, композиторот и хармоникаш.

Ришар Галијано, композиторот и хармоникаш.

Ришар Галијано, композиторот и виртуоз на хармоника, човекот кој успеа да го стави својот инструмент во редот на оние што се во основата на џез музиката и кој преку стилот „новиот мизет“ ја заживеа добро познатата француска поп традиција, утревечер од 21 часот, во предворјето на црквата Света Софија, ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето 2013“. Тој на овој настап ќе музицира придружуван од „Њу Тангариа квартет“.

Само месец и половина по незаборавниот настап на Кимо Похјонен во рамките на Оф-фест, Република Македонија ќе му биде домаќин на уште еден врвен светски хармоникаш и инструменталист кој поодамна ги разби табуата дека неговата изведба може да биде предвидлива. На „Охридско лето“ ќе настапи Ришар Галијано, композиторот и виртуоз на хармоника и на банденон, музичарот кој успеа да го стави својот инструмент во редот на оние што се во основата на џез музиката и кој преку „новиот мизет“ да ја реинкарнира француска поп традиција од првата половина на 20 век, за да конечно преку договорот за снимање со „Дојче Грамофон“ на голема врата влезе во светот на класиката.
Ришар Галијано.

Ришар Галијано.


Снимајќи бројни дискографски остварувања, Ришар Галијано едноставно ја прилагодува хармониката на слободата на џезот, така потврдувајќи дека за него во океанот од звуци нема граници.
Роден 1950 година во Кан, како син на учител по хармоника – доселеник од Италија, тој уште на четиригодишна возраст ја почнал својата дружба со инструментот. Напоредно со часовите кај својот татко Лусјен, Ришар ги почнал и студиите по композиција, аранжирање и тромбон на Академијата во Ница. Во светот на џезот влегол фасциниран од звукот на Мајлс Дејвис, Макс Роуч и особено Клифорд Браун и од таму кај него заложбата својот инструмент да го направи достоен да биде во редот на саксофонот и трубата кои се во основа на џез музиката.

Во 1973 година се сели во Париз каде со својата изведба го импресионирал влијателниот Фред Нугаро, за да потем работи како аранжер, диригент и да земе учество во снимањето на бројни аудио записи на вариете и филмска музика со ѕвезди како Шарл Азнавур, Жулиет Греко и други.

Наедно настапувал и со џез музичари како Чет Бејкер, Џо Завинул, Тут Тилеманс, Мишел Петручијани, Мирослав Витоуш, Јан Гарбарек и други, за да во 1988 го основа и цели пет години раководи со реномираниот „Ноќен фестивал во Накр“. Сепак, од пресудно значење за него е повторната средба со неговиот ментор и творецот на „новото танго“ Астор Пјацола, по што Галијано безрезервно и се предава на потребата преку „новото мисет“ да ја заживее некогашната толку популарна француска танцувачка музика.

Тоа и му успева кога со Алдо Романо, Пјер Мишело и Филип Катерин, во 1993, го снимаат албумот „Нов мисет“ за кој Галијано од Академијата „Џанго Рајнхарт ќе биде прогласен за „музичар на годината“.

Три години подоцна Галијано заминува преку Атлантикот каде со Џорџ Мраз, Ал Фостер и Бирели Лагрен го снимаат неговиот „Њујорк танго“, а во текот на својата интернационална кариера ќе биде домаќин на дузина невообичаени соработки почнувајќи од онаа со трубачот Енрико Рава, преку басистот Чарли Хејден и сè до кларинетистот Мишел Портал.

Снимајќи бројни дискографски остварувања, Ришар Галијано едноставно ја прилагодува хармониката на слободата на џезот, така потврдувајќи дека за него во океанот од звуци нема граници. Во прилог на ова говори и неговата посвета на големиот Пјацола од 2004 година при што тој со голема инвенција и се враќа на музиката на својот ментор, а згора на ова нималку не смее да се заборави фактот што Французинот во 2010 година ќе стане првиот хармоникаш воопшто кој потпишал договор за снимање за славната издавачка куќа „Дојче грамофон“.

Кон ова само уште информацијата дека на првото издание за нив, тој се бавеше со музиката на Бах (албумот се продаде во златен тираж – над 40.000 продадени примероци што е невообичаено за класиката), потем со онаа на италијанскиот композитор на филмска музика Нино Рота, а годинава даде свое творечко видување на вивалдиевите „Четири годишни времиња“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG