Достапни линкови

Вести

Протести низ САД по ослободителната пресуда за убиениот тинејџер Мартин


Илјданици луѓе протестираа низ градовите во САД против олободителната пресуда за момчето кое го уби црномурестиот тинејџер. Протести во саботата имаше во Њу Јорк, Атланта,Мајами,Чикаго и во Лос Анџелос. Поп пејачката Бијонсе се придружи на протестите .До протестите дојде по една недела откако судот во Флорида донесе ослободителна пресуда за Џорџ Цимерман кој во февруари го застрела 17 годишниот Трејвон Мартин.Судот наведе дека Цимерман пукал во самоодбрана. Случајот го актуелизираше прашањето на расизам во Америка и проблемот на вооруженото насилство.

види ги сите денешни вести

Израелската армија ослободи неколку новинари приведени во болницата Ал-Шифа во Газа

илустрација
илустрација

По дванаесет часа, израелската армија ослободила неколку новинари кои биле приведени во болницата Ал-Шифа во северниот дел на Појасот Газа.

Канцеларијата за информирање за затворениците соопшти дека помеѓу ослободените новинари е и дописникот на Ал Џезира, Исмаил Ал-Гул. Но, во соопштението не е прецизиран бројот на ослободени новинари.

При рацијата на израелските војници во болницата Ал-Шифа запленети се телефони, компјутери и опрема за снимање.

„Окупаторските сили ни ставија лисици на рацете во болницата Шифа, ни ги врзаа очите, не испрашуваа и ја уништија содржината“, рече Гул.

Израелската армија објави дека „ќе продолжи операцијата во болницата Шифа во Газа“.

„Според информациите добиени од Агенцијата за внатрешна безбедност Шин-Бет (Шабак) и Воената разузнавачка единица (Аман), членовите на Хамас, вклучително и теренските команданти, се кријат во болницата и ја користат како оперативен простор од каде ќе управуваат со терористичките операции и судири“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари и додаде дека Армијата ќе ја продолжи работата во болницата.

ЕУ ќе воведе царини за увоз на руско и белоруско жито

илустрација
илустрација

Европската Унија (ЕУ) се подготвува да воведе царини за увоз на жито од Русија и Белорусија за да ги смири земјоделците и некои земји-членки, објави во вторник (18 март) „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со планот.

Се очекува Европската Комисија во наредните денови да воведе царина од 95 евра за тон за житариците од Русија и Белорусија и предвидува дека царини од 50 отсто ќе бидат воведени и за маслодајните семиња и нивните производи.

Одлуката се очекува бидејќи земјоделците ширум ЕУ бараат промени во ограничувањата што им беа ставени во рамките на Зелениот план за справување со климатските промени и повторно воведување тарифи за увоз на земјоделски производи од Украина кои беа укинати по руската инвазија во 2022 година.

Како и голем дел од Европа, Полска, исто така, беше зафатена од протести во последните недели.

По разговорите со полскиот премиер Доналд Туск минатата недела, полските земјоделски организации најавија дополнителни протести на 20 март против земјоделската политика на ЕУ и увозот на земјоделски производи од Украина.

Земјоделците сакаат да спречат поевтино украинско жито да влезе на полскиот пазар.

Со Зелениот план, ЕУ има за цел да биде климатски неутрална до 2050 година. Стратегијата вклучува мерки во различни области како што се енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.

Северна Кореја соопшти дека тестирала нови ракетни фрлачи

илустрација
илустрација

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги надгледуваше воените вежби кои вклучуваа лансирање на „нови и супер големи“ ракетни фрлачи, објавија државните медиуми на 19 март. Ова се случува еден ден откако Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал балистички ракети со краток дострел.

Соединетите Држави и Јужна Кореја минатата недела ја завршија една од најголемите заеднички воени вежби, што предизвика гнев кај Северот.

Северна Кореја ги осуди сите вежби на Вашингтон и Сеул, кои ги опиша како подготовки за инвазија.

Војската на Сеул во понеделникот (18 март) соопшти дека открила севернокорејска „балистичка ракета со среден дострел“ која била лансирана додека американскиот државен секретар Антони Блинкен бил во главниот град на Јужна Кореја на разговори.

Супер-големиот ракетен фрлач, кој Сеул и војската на Вашингтон го нарекуваат КН-25, е балистичка ракета со краток дострел, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Северот тврди дека оружјето може да биде опремено со тактичка нуклеарна боева глава.

Севернокорејската државна новинска агенција објави дека Ким ги гледал вежбите кои ги тестирале „вистинските воени способности“ на ракетниот фрлач од 600 милиметри, додека тој ја истакнал важноста на „подготовките за време на војна“.

Според Ким, овој ракетен фрлач ќе му помогне на Северот „да ја блокира и потисне можноста за војна со совршена подготвеност да го уништи главниот град на непријателот“.

Пјонгјанг ги предупреди Сеул и Вашингтон овој месец дека ќе плати „висока цена“ за нивните воени вежби, а потоа објави дека Ким рекол дека артилериската единица на неговата земја е способна да го погоди главниот град на Јужна Кореја.

Тестот на балистичка ракета во понеделникот беше втор тест оваа година, при што Северот го прогласи Југот за „главен непријател“, а земјата се откажа од намерата да ги обедини двете Кореи. Вашингтон, клучен сојузник на Сеул, распореди речиси 27 000 американски војници во Јужна Кореја за да му помогне на Сеул да се одбрани од Пјонгјанг.

Употребата на дронови на бојното поле станува приоритет за Украина

Генерал-полковник Олександр Сирски
Генерал-полковник Олександр Сирски

На 18 март врховниот командант на вооружените сили на Украина повторно ја пофали употребата на беспилотни летала на бојното поле, велејќи дека тие стануваат сè поважни во борбата против руските сили.

Говорејќи истиот ден кога владата одобри големи трошоци за набавка на оружје, генерал-полковник Олександр Сирски на Телеграм рече дека украинските војници треба да бидат опремени со најефикасното и најновото оружје. Тој исто така ја нагласи обуката на специјалисти за електронско војување, беспилотни летала и системи за автоматска контрола.

„Беспилотните системи заземаат важно место овде. Затоа, развојот на употребата на беспилотни системи е мој приоритет“, рече тој.

Украина работи на забрзување на имплементацијата на иновативни технологии и обезбедува „приспособливост на одредени воени тела за управување“ кога станува збор за оваа одбрана, додаде тој.

Минатата недела, по посетата на украинските позиции во регионот Запорожје, Сирски рече дека борбите се карактеризираат со широко распространета употреба на беспилотни летала од сите видови заедно со артилериски и минофрлачки оган.

„Во такви околности, беспилотните системи за напад постепено стануваат главно ударно оружје на копнените единици во комбинираната воена борба“, рече тој на 14 март.

На 18 март, Сирски јасно стави до знаење дека потрагата по, како што рече, „асиметрични решенија“ за постигнување предност на бојното поле е во тек.

„Заземаме сеопфатен пристап за планирање на нашите потреби, пред сè земајќи го предвид вистинското искуство на бојното поле. Но, најважната задача што технологијата и иновациите мора да ја направат е да ги зачуваат животите на нашите војници“, рече Сирски.

Додека Сирски ја пофали употребата на беспилотни летала во војување, Кабинетот на министри на украинската влада одлучи да одвои дополнителни 5 милијарди гривни (129 милиони долари) за да купи повеќе од нив за вооружените сили, објави премиерот Денис Шмихал.

„Средствата ќе бидат насочени кон набавка на беспилотни летала кои им се потребни на нашите ветерани на првите борбени линии“, рече Шмихал.

Украина се обидува да го зголеми сопственото производство на оружје со цел да ја намали зависноста од испораките од западните партнери. Киевските трупи се борат со сериозен недостиг на артилериски гранати преку линијата на фронтот што се протега на повеќе од 900 километри во источна и јужна Украина.

Блинкен се надева на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас пред посетата на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази надеж дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како и ослободување на заложниците кои ги зеде палестинското исламистичко движење во нападот врз еврејската држава на 7 октомври, објавија британските медиуми.

Блинкен зборуваше денеска на прес-конференција на Филипините пред уште една турнеја на Блискиот Исток од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.

„Ќе разговарам за „вистинската архитектура за траен регионален мир“, рече тој по повод претстојните посети на Саудиска Арабија и Египет.

Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност во храната“.

Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас почнаа вчера во Доха, пишува ДПА.

Дејвид Барнеа, директорот на израелската странска разузнавачка агенција Мосад, пристигна во главниот град на Катар на средби со посредниците.

Блинкен неделава ќе го посети Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот, во услови на напорите на Вашингтон да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за да се овозможи ослободување на заложниците земени од палестинската милитантна група.

„Блинкен ќе ги посети Саудиска Арабија и Египет и ќе се сретне со високи претставници од двете земји“, соопшти Стејт департментот.

Обезбедувањето поголема хуманитарна помош за Газа, како и разговорот за повоениот план за енклавата, ќе бидат меѓу темите за кои ќе разговара со саудискиот и египетскиот функционер.

Советот за општи работи на ЕУ ќе разговара за Украина, Блискиот Исток и проширувањето на унијата

илустрација
илустрација

Подготовките за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата закажана за 21 и 22 март се главна тема на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел, со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб.

Министрите или државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на Унијата во тој контекст ќе дебатираат за нацрт-заклучоците за Самитот посветени на состојбите во Украина и на Блискиот Исток, проширувањето на ЕУ, безбедноста и одбраната и на земјоделската политика.

На заседанието на Советот ќе стане збор и за Европскиот семестар за 2024 година, односно за рамката за социо-економските политики на ЕУ, при што министрите ќе го разгледаат извештајот на белгиското претседателство за досега реализираните планови, како и за следните чекори во процесот.

Во овој дел од состанок, Советот ќе ја разгледа и Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната, која би требало да биде усвоена на претстојниот Самит на ЕУ.

Покрај тоа, учесниците на заседанието ќе разменат мислења и за иднината на Европа, со посебен акцент на внатрешните реформи на Унијата со цел таа да се прилагоди за прием на нови членки.

Зеленски се заблагодари на ЕУ за создавање нов фонд за помош

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, им се заблагодари на раководството на Европската Унија и на земјите-членки за создавањето на нов Фонд за помош на Украина во рамките на Европскиот фонд за мир.

„Сакам да му се заблагодарам на раководството на Европската Унија и на сите земји-членки за создавањето нов Фонд за помош на Украина во рамките на Европскиот фонд за мир. Сумата е пет милијарди евра што ќе одат за поддршка на нашите одбранбени акции оваа година. Очекуваме и дека овој фонд ќе стане компонента на општиот безбедносен договор меѓу Украина и Европската унија“, рече Зеленски во видео порака.

Европската Унија вчера (18 март) најави создавање фонд за воена помош за Украина во износ од пет милијарди евра за 2024 година во рамките на реформираниот Европски фонд за мир.

ЕУ ќе ги искористи парите за финансирање на набавка на смртоносна и несмртоносна воена опрема и за обука, се наведува во соопштението.

Со одобрени 5 милијарди евра на 18 март, горната граница на овој фонд веќе е поставена на 17 милијарди евра за периодот 2021-2027 година.

Минатата недела, амбасадорите на 27 земји-членки на ЕУ одобрија фонд за Украина, која се соочува со инвазија што Русија ја започна во февруари 2022 година.

Четворица од претенденти за шеф на државата ги поднеле кандидатурите до ДИК

Претседателската резиденција Вила „Водно“
Претседателската резиденција Вила „Водно“

Четворица од седуммина претенденти за шеф на државата кои собраа потписи од граѓаните денеска (18 март) поднеле кандидатури за претседател до Државната изборна комисија (ДИК).

Според роковникот на ДИК за претседателските избори, кандидатурите треба да бидат поднесени до утревечер (19 март).

Оние кои денеска ги поднеле кандидатурите се: актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата; Стевчо Јакимовски од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ); Максим Димитриевски од За наша Македонија (ЗНАМ) и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Останатите тројца претенденти кои успеаја да ги соберат потребните 10.000 потписи и се очекува да ги поднесат кандидатурите се: Гордана Силјановска-Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата; Билјана Ванковска поддржана од Левица; и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

За претседателски кандидат потребно е да се соберат 10.000 потписи или да се обезбеди поддршка од 30 пратеници. Според распоредот на силите во парламентот и бројноста на пратеничките групи, поддршка од оваа бројка пратеници можеа да обезбедат само Пендаровски и Силјановска-Давкова. Сепак, и тие решија да собираат потписи.

Рокот за собирање потписи беше од 23 февруари до 8 март.

Откако кандидатурите ќе се поднесат до ДИК, тие треба да бидат потврдени од членовите на оваа комисија со што и формално претендентите за шеф на државата ќе станат претседателски кандидати.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април. Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.

Јакимовски за црната листа: Изненаден сум, ова е нечесна работа

Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски

„Дали сум изненаден? Да. Апсолутно сум изненаден“. Ова беа меѓу првите зборови во реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако американскиот Стејт департмент на 18 март објави дека го става него и неговото семејството на црната листа.

Покрај Јакимовски, листата санкционирани се прошири и со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиното потесно семејство.

„Како може да не бидам изненаден кога на 4 јули бев поканет од американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или несакани лица, да присуствуваат на денот на американската државност, 4 јули“, рече Јакимовски на вонредна прес-конференција вечерва.

Тој е лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), а денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на државата откако изминатиот период успеа да ги собере потребните 10.000 потписи.

Неговата реакција за црната листа во најголем дел се однесуваше на тоа дека ова се случува поради неговата кандидатура бидејќи, како што тврди, ја има поддршката од гласачите за да се пласира во вториот круг од изборите. Ставањето под санкции, тој го нарече „нечесна работа“.

„Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие освен директно мешање во изборниот процес во Република Македонија којшто е казниво, кривично дело и мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на Република Македонија. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против непознат сторител, мора да се утврди кој од овде, од нашиве македонски гавази ја направи оваа нечесна работа“, вели Јакимовски, кој на прес-конференцијата се спореди и со поранешниот американски претседател и извесен кандидат на републиканците за годинешните избори Доналд Трамп.

Градоначалникот на Карпош, заедно со Јанева, се најде на црната листа бидејќи, како што соопштија од Стејт департментот, нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси.

„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, наведоа од Стејт департментот за Јакимовски за кого се водеа кривични постапки за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.

Нема пречка за претседателската кандидатура на Јакимовски

По проширувањето на американската црна листа, попладнето на 18 март во изјава за државната агенција МИА се огласија и од Државната изборна комисија (ДИК) во однос на кандидатурата на Јакимовски за шеф на државата. Оттаму посочија дека кандидат може да биде лице кое ги исполнува условите за претседател утврдени со Уставот, кој пак предвидува само дека треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.

„Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот“, посочија од ДИК.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни прозивки

Веста од Вашингтон, предизвика реакции и меѓу политичките партии, па двете најголеми – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, излегоа со меѓусебни прозивки.

Социјалдемократите побараа во Собранието да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.

„Законот е доставен до Собранието од страна на Владата. СДСМ го повикува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика веднаш да го стави на дневен ред, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен. Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство“, реагираа од СДСМ.

Клучно со овие измени, на кои инсистира владејачката партија, е што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции откако некој ќе се најде на американската или британската црна листа, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ставањето на Јанева и Јакимовски на црната листа го нарече „удар за СДСМ“. Ставањето на овие две лица со нивните семејства под американски санкции, според партијата, е доказ дека „корупцијата во земјава цвета“.

„СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД? Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако на 18 март Стејт департментот објави дека Јакимовски и Јанева се ставени на црната листа, прва со порака се јави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер која порача дека ова не треба „никого да изненади“.

„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер.

Јакимовски и Јанева се само последните актуелни или поранешни функционери што се најдоа под американски санкции.

Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е на црната листа е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.

На американската црна листа претходно се најдоа и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.

Седиштето на претседател на РС Милорад Додик во боите на руското знаме

Зградата каде се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска е осветлено со боите на руското знаме поради победата на Путин, Бања Лука, 18 март 2024 година.
Зградата каде се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска е осветлено со боите на руското знаме поради победата на Путин, Бања Лука, 18 март 2024 година.

Во понеделникот вечерта, на 18 март, зградата во која се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска беше осветлена во боите на руското знаме.

Ова било направено „во чест на победата на Владимир Путин“ на претседателските избори во Русија, а во знак на пријателство меѓу Република Српска и Русија, објави претходно во понеделникот на мрежата Икс Милорад Додик, претседателот на овој ентитет во Босна и Херцеговина.

Прорускиот лидер на Србите во Босна и Херцеговина, кој е под американски и британски санкции поради неговите антидејтонски активности, претходно на истата социјална мрежа му честиташе на Путин за победата.

Додик е еден од ретките функционери кои се сретнале со Путин од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, дури четири пати.

Последен пат Додик се сретна со Путин на 21 февруари во Казан, во руската Република Татарстан.

По тој повод Путин му го врачи Орденот Александар Невски, со кој Додик беше одликуван во јуни минатата година „за неговиот придонес во развојот на соработката“ меѓу Русија и Босна и Херцеговина.

Инаку, на изборите во Русија како набљудувачи беа Мирослав Вујичиќ – пратеник во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Срѓан Мазалица – пратеник во Народното собрание на Република Српска (РС) и Синиша Видовиќ – советник на претседателот на Народното собрание.

Сите тројца се членови на партиите од владејачката коалиција во РС – Вујичиќ и Мазалица од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партијата на Милорад Додик, додека Видовиќ е член на Обединета Српска.

Тие беа меѓу ретките набљудувачи од европските земји на изборите, на кои немаше никој од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

На строго контролираните избори, кои завршија во неделата, на 17 март, Владимир Путин обезбеди дополнителни шест години како претседател, со што стана руски лидер со најдолг стаж по Јосиф Сталин. Тој е на власт 24 години.

Победата му беше сигурна, бидејќи не се соочи со ниту еден кредибилен ривал и не беше дозволено да се кандидира за претседател на Русија некој кој се противи на руската агресија врз Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG