Достапни линкови

Меџити - Да се решат проблемите, уморни сме од избори


Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и потпретседател на ДУИ.

Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и потпретседател на ДУИ.

И ние и народот сме уморни од избори, премногу ги имаше, ние сме повеќе да се осврнеме и да ги решиме проблемите, па и името, отколку цело време да се оди на предвремени избори, вели потпретседателот на ДУИ и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Меџити, два месеци сте старо-нов градоначалник на Општина Чаир, но се остава впечаток дека исто толку време жителите се занимаваат со тоа дали и колку дозволи за градење се издадени. Зошто во ветувањето од предизборната кампања воопшто не беше споменато дека ќе има згради на местото каде што има паркови?

Не е точно дека ќе има згради каде што има паркови, како што има дилеми кај граѓаните. Некои мислат дека ќе се гради и во паркот Чаир, напротив, значи тој парк, а и другите паркови остануваат паркови. За делот за којшто сигурно мислите, за кој имаше незадоволство и протест од граѓаните, не се работи за нешто измислено пред изборите, туку се работи за Детален урбанистички план којшто е донесен во 2006 година, а дел од него и пред тоа, во времето кога не постоел Чаир во овие граници, туку стариот Чаир со сосема други граници. Се работи за Детален урбанистички план што е донесен во 2006 година и воопшто не претрпел никаква измена во текот на овие години. Искористени се сите законски одредби, јавна дебата дополнителна организирана од општината за овој план, немаше никаде забелешки од граѓаните. Во самиот момент кога увидов дека има реакција од граѓаните, имав состанок со луѓето што се претставија како организатори на протестите, разговаравме за проблемот. На тој состанок не бев само во својство на градоначалник, туку постапив и во својство на граѓанин, сакав да ги разберам во што е суштината на проблемот, на крај тоа што го кажав на состанокот ќе го кажам и тука, ќе го кажам јавно. И покрај тоа што со години немаат реагирано, кога имале прилика да реагираат, и покрај тоа им дадов можност за тој Детален урбанистички план да седнеме, да анализираме заедно и тоа што навистина им смета на граѓаните заедно да заклучиме и да почнеме иницијатива за измена на деталниот план, да се тргнат тие маркички кои навистина им сметаат на граѓаните, со исклучок на 2-3 маркици за кои се завршени сите процедури. За едната маркичка земјиштето е продадено од страна на Министерството за транспорт и врски, со вредност од некаде 250 илјади евра, значи не е купена за без пари или за ситни пари, туку за нив е платена една од највисоките цени во Република Македонија и за нив процедурата е водена, не од општина Чаир, туку од Министерството за транспорт и врски и уште една или две други маркици каде што земјиштето е вратено со денационализација. Значи, и во овие околности, Општина Чаир не е вклучена никаде, односно се работи за процедури кои се водени од други институции, но ние не смееме да ги поништиме затоа што тие процедури се завршени. Во случај ако ги поништиме, тие имаат друго право, можат да се обратат до судската власт и потоа да дојде до блокирање на жиро-сметката на Чаир и тие ќе се чувствуваат како измамени, значи само за овие две-три маркици нема простор за преговарање, за сите други за кои ќе оцениме дека им пречат на граѓаните, јас им дадов опција, иако немаат законска можност, да преговараме околу тоа и да одлучиме заедно.

Со други зборови, сакате да кажете дека го согледувате тоа дека со уништувањето на парковите ќе се намали квалитетот на животот и дека давате шанса да се измени Деталниот урбанистички план со тоа што ќе се спасат парковите, а на зградите ќе им се најде место на некоја посоодветна локација?

Мислам дека сè кажав, значи парковите како што се паркот Чаир или другите паркови остануваат. Овие се зелени површини пред зградите, како што има и во Карпош и во Аеродром и не се гради во ридско-планински предел, се гради во центарот и во тие делови коишто се зелени површини, но се гради според процедури, се гради според прописи. И покрај тоа што сè е легално, сè е прописно, сепак пак им давам можност заедно да анализираме и да дојдеме до решение коешто ќе биде во интерес и на едните и на другите.

На истекот на вашиот претходен мандат беа актуелни промените на имињата на неколку училишта, беа сменети таблите, но на свидетелствата се најдоа имињата на старите училишта. Дали тоа зборува дека тогашната ваша постапка била избрзана и недоосмислена?

Што се однесува до училиштата, не мислам дека беше избрзан потег. Ова е мој трет мандат, тоа не го донесов во мојот прв мандат, во првата година од мандатот, туку чекав да се створат услови. Во минатото има случаи кога училиштето Даме Груев било сменето во 7 Март. За другите училишта јас чекав 7 години, но родителите и децата чекаат 70 години. По сите аргументи, таму има речиси 100 проценти деца Албанци, учители Албанци, директори Албанци, можно е во некои од тие четири училишта да има минимален процент, 2-3 отсто други. Исто така и околу ова прашање јас бев отворен и понудив и компромисни решенија, реципрочно за да има добра волја и од другата страна, значи може да биде Никола Вапцаров, може да биде Цветан Димов во Чаир, но дајте да биде и во Аеродром, Карпош, Кисела Вода, каде што 100 отсто до учениците се Македонци, училиштето да носи албанско име и тоа не мора да биде име од некој војсководач во стилот на Јане Сандански, може да биде и Ферит Мурати којшто е единствениот нобеловец за наука од Република Македонија. Но, не гледам таква волја, не гледам таков дух од другата страна. Исто така подготвени сме за компромисни решенија, но тоа што понудија МЦМС и ОБСЕ да се донесе список од 100 имиња за албанските училишта, 100 за македонските и потоа кога ќе дојде до смена на имињата да не се поставуваат контроверзни имиња, туку да бидат од тој список. Ние сме спремни и на тоа, но по цена на тоа еднаш засекогаш да се реши овој проблем. Таму каде што мнозинството се Албанци, ако се 51 процент Албанци, по автоматизам името на училиштето да биде од албанската историја или од албански настани и со тоа еднаш засекогаш да го решиме оваа прашање со именување на училиштата и да се осврнеме на други позначајни прашања кое се значајни за образованието. Точно е дека свидетелствата ги зедоа според старите имиња. Преговараме со новиот министер за образование, спремни се за две имиња сега, а две понатака. Не сакавме да си играме со децата, бидејќи тие треба, штом завршат осмолетка, да се запишат во средно образование. Мислам дека не е добро и не е лесно со голем број деца да си поигруваме, па после да имаат проблеми при запишувањето во средните училишта, но тоа во никој случај не значи дека ние сме се откажале од тие имиња. Тие имиња се волја на родителите, волја на народот, на мнозинството, во Чаир и јас сум убеден дека, ако не денес, тогаш утре-задутре, тоа ќе се оствари.

Вие сте и потпретседател на ДУИ. Актуелна е изјавата на премиерот дека ако се принудени ќе има предвремени избори. Има ли такви моменти што може да предизвикаат избори?

Ние сме само дел од политичкиот мозаик во Република Македонија. Нашиот став е дека и ние и народот сме уморни од избори, премногу ги имаше, ние сме повеќе да се осврнеме и да ги решиме проблемите, па и името, отколку цело време да се оди на предвремени избори.

Дали последните преписки преку медиумите меѓу првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сигнализираат дека коалициските партнери меѓусебно не комуницираат? Имаше различни изјави околу спорот за името.

Мислам дека не може да се постави таква паралела. Ние не сме праќале пораки преку медиумите, пораките и мислењата ги даваме таму каде што е потребно, на маса, преговараме околу тоа без разлика што на моменти можеби имаме различни ставови, но во никој случај не сме пратиле порака преку медиумите за подобрување или влошување на односите меѓу коалициските партнери. Во однос на името и другите прашања, легитимно е да бидат информирани и граѓаните и членовите кои се нашите размислувања и на каде одат работите.

Подолго време вашата партија најавува дека доколку не се реши прашањето за името ќе го напуштите коалицискиот партнер и со тоа ќе се предизвика политичка криза и ќе се бараат предвремени избори, но тоа не се случува. Дали тоа значи дека во ДУИ преовладуваат интересите од партиципирањето во власта, како што може да се слушне во јавноста?

Таков став треба да донесе централното претседателство, до денес нема таква одлука, може тоа да се случи утре, задутре или подоцна. Штом не сме излегле од владата, тоа значи дека сè уште има простор за нашите заложби.

Прашањето беше дали тоа значи дека преовладуваат интересите од партиципирањето во власта.

Сè уште сме оптимисти и сè уште има простор за нашите заложби и затоа сè уште сме во владата.

Кој е вашиот коментар на изјавата на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, дека Македонците имаат ексклузивно право за решавање на спорот за името?

Дијаметрално се разликуваме во ставовите. Ние баравме и веќе имаме член во највисокиот врв каде што се преговара, тоа е вицепремиерот, порано беше Адеми, сега е господинот Џафери директно вклучен во ова. Ние сме ги кажале нашите ставови кои имиња не ги прифаќаме како Албанци, како што е со предзнак словенски и за нас е битно и ние сакаме да бидеме дел од тоа.

Дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му одигра зад грб на премиерот Груевски со неговата изјава дека последниот предлог на Нимиц е Горна Македонија или тоа е дел од некое сценарио?

Ова прашање се надоврзува на претходното. Наш став беше дека нема да прифатиме име коишто ќе има предзнак југословенски и две-три коишто беа спорни, а сè друго е прифатливо. И Горна Македонија, ние уште на самиот почеток јавно кажавме дека е прифатлив предлог.

Како реагирате не коментарите дека меѓународната заедница ја користи вашата партија со цел да издејствува побрзо решение на спорот за името?

И да е така, не гледам ништо лошо во интерес на граѓаните. Приоритет на сите граѓани во Република Македонија е да се реши овој и другите проблеми бидејќи единствената алтернатива ни е ЕУ и НАТО.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG