Достапни линкови

„Влакна“ - филм на Елеонора Венинова за внатрешните демони кај луѓето


Филмот „Влакна“ во режија на Елеонора Венинова.

Филмот „Влакна“ во режија на Елеонора Венинова.

Во текот на изминатата недела, на повеќе локации во Скопје, Скопска Црна Гора и во Битола, беше снимен краткометражниот филм „Влакна“, работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова. Ова остварување на продукцијата „Партис сошл адвертајзинг“, во кое главните улоги ги толкуваат нашата Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, се очекува премиерно да биде прикажано на претстојниот 33-ти Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Како дел од сценариото за долгометражен филм во четири дела развивано на работилницата на 32 издание на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, краткометражниот „Влакна“ на Елеонора Венинова е драматична крими приказна која не се бави толку со самиот процес на истражување на криминални дела колку што се бави со психолошката состојба на двата лика кои што се наоѓаат на различните страни од оваа сторија.
Се обидовме преку една камерна атмосфера да ја доловиме нивната психолошка состојба и мислам дека успеавме во тоа затоа што имавме одлична сценографија и двајца прекрасни глумци. Ирена Ристиќ и Бојан Жировиќ се покажаа како врвни мајстори во својата професија, така што на крајот на краиштата успеавме да добиеме филм во кој низ едно доста активно дејствие ја прикажуваме внатрешна состојба на ликовите што е секогаш тешко да се постигне.

„Се обидовме преку една камерна атмосфера да ја доловиме нивната психолошка состојба и мислам дека успеавме во тоа затоа што имавме одлична сценографија и двајца прекрасни глумци. Ирена Ристиќ и Бојан Жировиќ се покажаа како врвни мајстори во својата професија, така што на крајот на краиштата успеавме да добиеме филм во кој низ едно доста активно дејствие ја прикажуваме внатрешна состојба на ликовите што е секогаш тешко да се постигне“, вели режисерката.
Елеонора Венинова, режисерка. Фото: Давор Коњукшиќ.

Елеонора Венинова, режисерка. Фото: Давор Коњукшиќ.


Развивме некои активности и стратегија за активностите кои ќе го подржат филмот маркетиншки, а од друга страна има низа активности кои на различен начин ќе зборуваат за активизмот и ќе им помогнат на младите филмаџии на некој начин да добијат пракса во однос на она што теоретски го изучуваат и она што го сакаат – а тоа е филмот.
Со дипломи на Државниот универзитет на Калифорнија во Нортриџ и Факултетот за новинарство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и со два кратки филма зад себе – едноминутниот „Статус: Во неволја!“ (во кој тема е опсесијата со Фејсбук и другите социјални мрежи) и „Долгото патување дома“ од 2012 година , Елеонора Венинова знае да каже дека сценариото за „Влакна“ почнала да го пишува додека живеела во Етиопија. Таа дополнува дека во текот на работниот процес во кој имало и грешки и пропусти, ги крепел ентузијазмот на сите членови на екипата и дека сега во претстојните два месеца ги чека долга и исцрпувачка работа на неговата постпродукција.

Во филмот покрај Ристиќ (добитничка на единствената актерска награда на 17 Фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“ за улогата на Дора во претставата „Жената како бојно поле“ во режија на Владлен Александров и изведба на Драмски театар) и Жировиќ (член на ансамблот на белградскиот театар „Атеље 212“ и глумец кој сем во телевизиските серии оствари и бележити улоги во филмовите „Смрт на човекот на Балканот“ и „Свети Ѓорѓе ја убива ламјата“), играат и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова.

Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ ( мултимедијален артист и еден од инструменталистите во „Старовски“), сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ („Старовски“).

Од друга страна, мошне значајно е тоа што самото сценарио на „Влакна“ има ангажиран контекст (филмот говори за деструктивните социолошки феномени и за последиците од нив, за себеоткривањето и себеприфаќањето), па затоа не случајно продуцентот Небојша Илиевски забележува дека „токму во времево на молчење за сопствените потреби, тие едноставно сметале дека е важно кон филмот да придружат поширок контекст – активизмот“.

„Развивме некои активности и стратегија за активностите кои ќе го подржат филмот маркетиншки, а од друга страна има низа активности кои на различен начин ќе зборуваат за активизмот и ќе им помогнат на младите филмаџии на некој начин да добијат пракса во однос на она што теоретски го изучуваат и она што го сакаат – а тоа е филмот. Така во продукцијата влеговме малку со ризик затоа што да се дадат позиции на втор асистент на режисерот или скриптер и т.н. на луѓе кои што досега никогаш не работеле на филм туку се само сè уште вљубеници во филмот е малку дискутабилно, но мислам дека на тие седум-осум кои се вклучија во неговата реализација многу ќе им помогне искуството што ќе го стекнат од своите колеги и мислам дека на тој начин во принцип така треба да го развиваме филмот во Македонија. Низ директни искуства да им овозможиме на новите сценографи, костимографи, режисери, да го допрат филмот. Да бидат на сетот и она што го сакаат и теоретски го знаат да го преточат во искуство“, вели Илиевски.

Инаку, „Влакна“ на Елеонора Венинова премиерно ќе биде прикажан на годинешното 33 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, каде е предвидено да се одржи и работилница за ангажиран филм, а потем ќе започне и неговото патешествие по фестивалите ширум светот.

Кон ова само уште информацијата дека ова остварување е подржано од Филмскиот фонд на Република Македонија, а во неговата реализација помогнаа и ОВС Индустрис, Регионалната платформа за активизам - „Лице в лице“ и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG