Достапни линкови

logo-print

Навални осуден на пет години затвор


Судот во рускиот град Киров денеска го прогласи опозиционерот Алексеј Навални за виновен за проневера на пари во процесот за кој тој смета дека е политички мотивиран поради неговото спротивставување на претседателот Владимир Путин. Судот го осуди на пет години затвор. Обвинителството бараше тој да добие затворска казна од шест години.

Судот во градот Киров на околу 900 километри североисточно од Москва ја соопшти пресудата во високо политизираниот процес против рускиот опозиционер Алексеј Навални.

„Судот утврди дека Навални организирал и раководел кривично дело проневера на пари, со други зборови кражба на имот кој му бил доверен“, изјави судијата Сергеј Блинов.

Руските власти го обвинија овој антикорупциски активист за проневера на околу 510 илјади долари од компанијата за дрвена граѓа „Кировлес“ во 2009 година, кога бил советник на гувернерот на областа Киров.
Судот утврди дека Навални организирал и раководел кривично дело проневера на пари, со други зборови кражба на имот кој му бил доверен.

Тој ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани. Московската изборна комисија вчера ја потврди кандидатурата на Навални за градоначалник на Москва на септемвриските избори.

Тој и покрај пресудата ќе може да учествува на изборите сè додека не бидат исцрпени сите можности за жалба и пред пресудата да стане правосилна.

Сепак тој би можело да биде и затворен, а со тоа и спречен да учествува во изборната кампања.

Анкетата што ја спроведе независниот Левада центар покажува дека Навални би бил на второ место на изборите за градоначалник со 8 насто освоени гласови.

Сегашниот градоначалник Сергеј Собијанин кој му е лојален на Кремљ се очекува да победи со големо мнозинство.

„Ние сега гледаме дека според сите истражувања на јавното мислење, и од опозицијата и од Кремљ, како и од други, дека кандидатот Навални јасно е на второ место. Значи денес тој му е единствен ривал на сегашниот градоначалник Собијанин“, вели Леонид Волков, претставник на Алексеј Навални.

Дел од неговите поддржувачи за денеска најавија протест во Москва.

Навални почна да блогира во 2008 година, критикувајќи ја корупцијата, како и лошото работење во некои државно контролирани компании.

Тој накратко беше затворен на мосовните протести по парламентарните избори во декември 2011 година.

Пред изборите тој побара од Русите да не гласаат за владејчаката партија Обединета Русија нарекувајќи ја партија на измамници и крадци.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG