Достапни линкови

Битола ќе го слави шекспировото дело


Театарската претстава Ромео и Јулија во режија на Дејан Пројковски. Фото: Роберт Атанасовски.

Театарската претстава Ромео и Јулија во режија на Дејан Пројковски. Фото: Роберт Атанасовски.

Со изведбата на театарскиот ораториум „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Народниот театар – Битола, МОБ, „Охридско лето“ и театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санк Петерсбург, в петок започнува првото издание на интернационалниот „Шекспир Битола фестивал“. До 25 јули на неколку сцени во градот ќе бидат прикажани уште четири претстави и ќе бидат одржани работилници и панел дискусии со учество на еминентни театарски имиња.

Битола и Република Македонија и официјално влегува во големата мрежа на шекспирови фестивали во светот. Од 19 до 25 јули, на неколку сцени, во рамките на првиот „Шекспир Битола фестивал“, ќе бидат одиграни пет претстави работени според делата на легендарниот драматург во изведба на исто толку театри од Европа и од светот.
Сметам дека после ова прво издание доколку сè се случи онака како што ние сакаме и планираме да се случи, малку повеќе ќе се заинтересираат да ни помогнат околу неговата финансиска поддршка, па тогаш можеме и да размислуваме за некоја конкретна тема врз која фестивалот би почивал. Можеме да одлучиме една година да бидат само Хамлети, или само некое од делата.

За отворање на манифестацијата е планиран театарскиот ораториум „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Народниот театар – Битола, МОБ, фестивалот „Охридско лето“ и театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санк Петербург. На 20 јули во античкиот театар Хераклеја ќе настапи Националниот театар од Белград кој ќе го изведе првиот дел од „Хенри Шести“ во режија на Никита Миливојевиќ, а потем следуваат актерките од Финска, Нина Саливен и Катја Крон, со своето видување на „Кралот Лир“.
Шекспир фестивал во Битола.

Шекспир фестивал во Битола.


Во Битолскиот театар се изведени најмногу шекспирови дела, 21 на број во неговото 69-годишно постоење. Потоа битно е дека првиот македонски „Хамлет“ е направен во Битола. Го играше легендата на македонското глумиште, големиот Ацо Стефановски во режија на Љубиша Георгиевски. Тука се и редица други важни театарски настани кои пред сè и над сè се поврзани со името на Вилијам Шекспир, а од кои ќе го споменам само „Магбет“ изигран во рамките на „Охридско лето“ во режија на Љубиша Ристиќ на изворите на Црни Дрим.
За жал домашната театарска публика нема да го види најавениот втор дел на „Хенри Шести“ во режија на Адонис Филипини поради болест на еден од актерите од Националниот театар Тирана, па така „Шекспир Битола фестивал“ ќе биде заокружен со „Бура“ на Американецот Џон Блондел во изведба на театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, Калифорнија и со изведбата на претставата „Ричард Трети“ во режија на Ванг Ксиаојинг, а во која ќе настапат актерите од кинескиот Национален театар од Пекинг.

„Кога го размислувавме концептот на првиот фестивал ни беше многу важно да не биди само прв, туку да привлечеме и други луѓе да ја разберат и да ја подржат таа наша идеја. Во моментот, тоа се пред сè Министерството за култура и општината Битола и уште неколку фирми кои секоја на свој начин ни помогна да го реализираме овој проект. Сметам дека после ова прво издание доколку сè се случи онака како што ние сакаме и планираме да се случи, малку повеќе ќе се заинтересираат да ни помогнат околу неговата финансиска поддршка, па тогаш можеме и да размислуваме за некоја конкретна тема врз која фестивалот би почивал. Можеме да одлучиме една година да бидат само Хамлети, или само некое од делата“, вели Валентин Светозарев, директор на Народниот театар Битола – иницијатор и организатор на „Шекспир Битола фестивал“.

Тој забележува дека идејата за голем театарски фестивал во Битола и не е нова, дека таа е присутна безмалку деценија и половина, но дека на ваквиот чекор се решиле по минатогодишното успешно гостување на Културната олимпијада во Лондон, каде по изведбата на третиот дел од трилогијата - Хенри Шести“ во режија на Блондел во театарот „Глоуб“, македонските актери за својата игра беа опсипани со фалби од театарските критичари во тамошните угледни весници.

„Кога се обидовме да си одговориме на прашањето зошто токму „Шекспир фестивал“ во Битола, не мислевме само на гостувањето во „Глоуб“, туку се вративме малку наназад и откривме дека во Битолскиот театар се изведени најмногу шекспирови дела, 21 на број во неговото 69-годишно постоење. Потоа битно е дека првиот македонски „Хамлет“ е направен во Битола. Го играше легендата на македонското глумиште, големиот Ацо Стефановски во режија на Љубиша Георгиевски. Тука се и редица други важни театарски настани кои пред сè и над сè се поврзани со името на Вилијам Шекспир, а од кои ќе го споменам само „Магбет“ изигран во рамките на „Охридско лето“ во режија на Љубиша Ристиќ на изворите на Црни Дрим“, вели Светозарев.

Од друга страна, во рамките на првиот „Шекспир Битола фестивал“, на 22 јули ќе се одржи ОТОА-работилница под менторство на професори од Њујорк и во соработка со студентите од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, а веднаш потоа и панел дискусија на тема “Шекспир денес“. На ова случување предвидено е да дебатираат Том Брд – генерален директор на театарот „Глоуб“ од Лондон, Рандал Мартин – професор на Универзитетот „Њу Брансвик“ од Канада, Рената Сотириади и Вјачеслав Тресченко од театарот „Таганка“ во Москва и веќе одомаќениот Џон Блондел – режисер, професор и директор на театарот „Лит Мун“ од САД.

Инаку, во Народниот театар Битола течат последните подготовки за премиерата на „Розенкрац и Гилдестранд се мртви“ од Том Стопард во режија на гостинот од Белград Никита Миливојевиќ, претстава која е предвидено да се игра во амбиентот на некогашниот Офицерски дом ( денешен Дом на АРМ).
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG