Достапни линкови

Кумановските гасификатори упорни во работата


Архивска фотографија: Куманово, гасификација.
Архивска фотографија: Куманово, гасификација.

По приклучување на повеќе институции под локална надлежност и доближување на приклучоци до поголеми станбени и помали индивидуални објекти, во ЈП „Куманово-гас“ владее голем ентузијазам и оптимизам.

Кумановското локално јавно претпријатие „Куманово-гас“ со единствена поддршка од локалната самоуправа веќе седум години е во непрекината и интензивна борба за ширење на гасификационата мрежа во градот.
Досега вкупно поставена дистрибутивна мрежа е во должина од 16 илјади и 620 метри, а од есен, по големите, започнуваме со приклучување и на помали објекти, физички лица во индивидуални или во станбени објекти.
Момчило Мирчевски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

Момчило Мирчевски, директор на Јавното претпријатие „Куманово гас“.
Момчило Мирчевски, директор на Јавното претпријатие „Куманово гас“.
По приклучување на повеќе институции под локална надлежност и веќе доближување и безмалку реализирање на приклучоци на поголеми станбени и помали индивидуални објекти, со голем ентузијазам и оптимизам ја шири гасификационата мрежа во Куманово. Полека, но сигурно, гасифицирано Куманово станува реалност, вели Момчило Мирчевски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

„Точно е дека се бориме зашто гасификацијата на Куманово значеше нешто ново за Македонија. Не постоеја никакви правилници за полиетиленски цевки, технички нормативи за куќен приклучок, како и останати стандарди, ете и тоа не постоеше, а сега е постигнато, сè по иницијатива на „Куманово-гас“, вели Мирчевски.
Од Германија, од еминентен производител на гасомери ќе бидат набавени и воведени електромагнетни вентили сместени во претпријатието, со што ќе се има увид за потрошувачката и наплатата. Потрошувачот ќе има увид исто како за потрошената вода и тој ќе знае колку потрошил, а ние секој ден ќе имаме увид.
Момчило Мирчевски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

По приклучување на повеќе општински институции во тек се подготовки за приклучување на Основно училиште Кочо Рацин, во населбата Гуцман.

„Досега вкупно поставена дистрибутивна мрежа е во должина од 16 илјади и 620 метри, а од есен, по големите, започнуваме со приклучување и на помали објекти, физички лица во индивидуални или во станбени објекти“, вели Мирчевски.

Засега има има стотина поднесени барања. Веќе граѓаните се информирани за ефикасноста, исплатливоста и практичноста на гасот. Мирчевски објаснува дека, според финансиските можности, граѓаните се заинтересирани за користење на гасот. Неодамна, вели тој, и Регулаторната комисија донесе одлука со која на „Куманово-гас“ му се овозможи и добивање на неопходната лиценца со која е покриена и дистрибутивната мрежа.

„Цената на приклучокот е 800 евра со ДДВ, за разлика од Србија и останатите земји во соседството каде таа сума е далеку поголема“, вели Мирчевски.

Со оглед на финансиската состојба на граѓаните, тој објаснува дека се овозможува и отплата на пет-шест рати за што поголем број граѓани да можат да го користат овој енергенс. Меѓутоа, инсталацијата во објектите е на сметка на самите сопственици, што вкупно за простор од 120 квадратни метри ќе изнесува исто така 800 евра, со што, пак, во секое време ќе има топла вода, или севкупно би изнесувало околу 2,5 илјади евра.

За безбедноста на гасот кој за кумановци беше на некој начин енигма, Мирчевски додава:

„Најбезопасен е и полесен е од воздухот. Што и да се случи, има илјада заштити и нема шанса да дојде до некоја хаварија“, вели тој.

„Куманово –гас“ ја напушти идејата за припејд картички.

„Од Германија, од еминентен производител на гасомери ќе бидат набавени и воведени електромагнетни вентили сместени во претпријатието, со што ќе се има увид за потрошувачката и наплатата. Потрошувачот ќе има увид исто како за потрошената вода и тој ќе знае колку потрошил, а ние секој ден ќе имаме увид“, вели Мирчевски.

Со „Гама“ несогласувањата се надминати. Веќе поставената мерно-регулаторна станица е доволна, но се размислува за во иднина да се постави уште една. Засега единствен инвеститор е Општина Куманово, но Мирчевски се надева дека во блиска иднина „Куманово-гас“ ќе се осамостои. За неприклучување на институциите во надлежност на државата, според Мирчевски, тие засега се во финансиска криза. Но, кога ќе посакаат ќе може да се приклучат.

Некои кумановци кои имаат финансиска можност со нетрпение очекуваат гасоводната мрежа да пристигне до нивните домови, меѓутоа дел од запрашаните велат:

„Сакаме, но ние сме сами со бабата, ама син ми да го прашате, тој сигурно ќе сака.“

„Не знам, уште не ни е јасно тоа. На дрва се топлиме, сме се навикнале на тоа. На приземје живееме и добро ни е“, велат анкетираните граѓани.

ЈП „Куманово - гас“ продолжува со својата активност, засега има само осуммина вработени,високообразовани, а во иднина, како што вели Мирчевски, бројот може да се зголеми за уште два-тројца.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG