Достапни линкови

Вашингтон повторно го побара Сноуден


Белата куќа уште еднаш побара од Москва да го протера Едвард Сноуден, кој откри детали за американските шпионски активности и кој побара привремен азил во Русија. Претседателот Владимир Путин денеска оцени дека руско-американските односи се поважни од, како што рече, какви било разузнавачки расправии.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека Едвард Сноуден не е активист за човекови права, туку човек кој е обвинет за одавање доверливи информации.

„Нашата позиција е дека господин Сноуден треба да биде протеран во Соединетите Држави и оти не би требало да му се дозволи натамошно патување во странство, со исклучок на неговото враќање во Соединетите Држави. Тој не е активист за човекови права. Тој не е дисидент“, рече Карни.
портпаролот на Белата куќа Џеј Карни
портпаролот на Белата куќа Џеј Карни

Сноуден аплицираше за привремен азил во Русија по тринеделен престој во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево.

Вашингтон сака да му се суди на поранешниот соработник за разузнавачките служби за откривање детали за американските програми за следење.
Нашата позиција е дека господин Сноуден треба да биде протеран во Соединетите држави и оти не би требало да му се дозволи натамошно патување во странство, со исклучок на неговото враќање во Соединетите држави. Тој не е активист за човекови права. Тој не е дисидент.
Џеј Карни, портпарол на Белата куќа.

Неколку јужноамерикански земји му понудија азил на Сноуден, но тој се плаши да патува, откако во почетокот на месецов авионот на боливискиот претседател беше приземјен во Европа на летот за Ла Паз поради сомневање дека во него се наоѓал и Сноуден.

Михаил Федотов, шеф на рускиот Совет за човекови права, вчера изјави дека на Сноуден би требало да му биде даден привремен азил се додека агенцијата на Обединетите нации за бегалци не му обезбеди сигурен транспорт до некоја земја која му понудила постојан азил.

Белата куќа побара отфрлање на неговото барање за азил во Русија, а портпаролот Карни сугерираше дека токму Путин е тој кој конечно ќе ја донесе одлуката.
Едвард Сноуден
Едвард Сноуден

„Претседателот Путин е претседател на државата, но веруваме дека и владата очигледно има своја улога и можност да работи со нас преку нормални канали со цел да го протера Сноуден“, изјави портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.

Во понеделникот Путин го оцени пристигнувањето на Сноуден во Москва за непожелен американски подарок за Русија.
Нашите билатерални врски, според мое мислење, се многу поважни од било какви расправии околу работата на безбедносните служби.
Владимир Путин, претседател на Русија.

Тој исто така го обвини Вашингтон за застрашување на другите земји со цел да одбијат да го прифатат Сноуден. Сепак, Путин денеска оцени дека руско-американските односи се поважни од расправиите на разузнавачките служби.

„Нашите билатерални врски, според мое мислење, се многу поважни од какви било расправии околу работата на безбедносните служби“, рече Путин.

Руската федерална служба за миграциски прашања соопшти дека барањето на Сноуден за азил ќе биде разгледано во рок од три месеци.
Владимир Путин
Владимир Путин

„Доколку неговото барање биде одобрено, ќе му биде даден едногодишен статус на бегалец. Тој потоа може бескрајно да аплицира за продолжување на ваквиот статус. Сноуден нема да има исти права и обврски како Русите, но ќе може слободно да се движи и да работи“, изјави рускиот адвокат Анатолиј Кучерена, кој работи за Едвард Сноуден, кој и претходно бараше руски азил.

Тогаш Путин изјави дека ќе му биде доделен само ако се согласи да не открива повеќе информации во јавноста. Сноуден потоа, како што соопшти Кремљ, ја повлекол понудата.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG