Достапни линкови

logo-print

Прилепчани спремни за Пиво фест


Босанскиот бенд Дубиоза Колектив настапи на минатогодишниот Пиво фест во Прилеп.

Босанскиот бенд Дубиоза Колектив настапи на минатогодишниот Пиво фест во Прилеп.

Годинашниот Пиво фест во Прилеп ќе почне в четврток. Еуфоријата во животот на градот и граѓаните е почната.

Привршуваат подготовките за в четврток со импресивен огномет во центарот на Прилеп, на 28 штандови на кои ќе се точи ладно пиво и служи вкусна скара од балкански брендирани пиварници и мајстори на скара, да го означат почетокот на најлудата пиво журка на Балканот, која се одржува по 11 пат. Уште сега животот на градот и граѓаните е во знак на претстојниот Пивофест. Се подготвуваат организаторите, локалните власти, но и прилепчани, кои се и добри домаќини, ќе чекаат гости, но и ќе уживаат во забавата.
Ќе присуствувам на сите концерти задолжително и ќе се забавувам во текот на сите четири дена за време на фестивалот, ќе пијам пиво и ќе одам на скара.

„Се спремаме да излеземе со семејството, да пробаме ладно пиво, да пробаме од скарата, сигурно, очекуваме и гости, многу добра забава.“

„Ќе присуствувам на сите концерти задолжително и ќе се забавувам во текот на сите четири дена за време на фестивалот, ќе пијам пиво и ќе одам на скара“, велат возрасните прилепчани.
Очекуваме по 100.000 гости на ден, односно 400.000 гости за тие четири фестивалски денови. Градот претходно се припреми во однос на потребната инфраструктура, односно околу паркинзите, водоснабдувањето, чистотата која ќе биде редовно одржувана. Околу фестивалот на пиво, секоја година се ангажирани директно или индиректно преку 1000 волонтери за сè да се одвива беспрекорно.

Највозбудени од оваа журка се тинејџерите и децата.

„Бидејќи сум малолетен нема да пијам пиво, но секако ќе пијам сок и ќе јадам сендвич и ќе се возам на пивскиот воз.“

„А, јас ќе возам велосипед.“

„Ќе излезам со мајка ми и со татко ми, ќе јадеме скара, моите ќе пијат пиво, а јас сок“, велат тие.

Најавени се гости од сите градови на Македонија, туристички тури од сите соседни држави, млади и стари, поединци и во групи ги резервираа сите угостителски и сместувачки капацитети. Слободни места има сè уште на Паркот на Револуција, каде за камперите секое утро во знак на добредојде ќе се служи бесплатен чај, кафе и чорба.

„Очекуваме по 100.000 гости на ден, односно 400.000 гости за тие четири фестивалски денови. Градот претходно се припреми во однос на потребната инфраструктура, односно околу паркинзите, водоснабдувањето, чистотата која ќе биде редовно одржувана. Околу фестивалот на пиво, секоја година се ангажирани директно или индиректно преку 1000 волонтери за сè да се одвива беспрекорно“, истакнува градоначалникот Марјан Ристески.

Танчерки ќе ја загреваат атмосферата, на пивскиот воз и велосипед со кригла пиво во рака туристите ќе се прошетаат низ градот, гостите, до раните утрински часови ќе јадат скара, пијат пиво, играат и пеат. На најголемата воопшто бина досега направена во Македонија, како што потенцираат од локалната самоуправа ќе настапат бројните музички ѕвезди од земјава и странство: Маја Оџаклиевска, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалкоски, у челос, Владо Горгиев, Ина, Даниела Мартиновиќ, Халид Бешлиќ и Горан Бреговиќ и неговиот трубачки бенд. Четири дена без политика, само забава и дружење, кое не познава партиска боја, национални и верски разлики, ова е агендата за оваа пиво журка во Прилеп.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG