Достапни линкови

Бавното судство експедитивно кога тужи власта


Лидерот на НСДП Тито Петковски експресно осуден за клевета против премиерот Никола Груевски. Вицепремиерот Ставрески недостапен за судот кога ГЕМ го тужи за клевета.

Експресното донесување на судската пресуда со која лидерот на НСДП Тито Петковски треба да му плати на премиерот Никола Груевски 10.000 евра за клевета и за нарушување на честа и угледот е уште една потврда дека судските процеси се брзи кога тужат претставници на извршната власт, оценуваат судските експерти. Судските процеси не треба да се одложуваат непотребно, но праксата во Македонија покажува дека и тука се применува селективниот пристап, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Да не зборувам за она што се зборуваше во јавноста и во круговите на адвокатите, во круговите на судиите, дека постои некаков однос на укажување дека предметите каде што се јавува како тужена страна државата да се одолговлекуваат, особено во оној дел каде што станува збор за некакви парични побарувања.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Да не зборувам за она што се зборуваше во јавноста и во круговите на адвокатите, во круговите на судиите, дека постои некаков однос на укажување дека предметите каде што се јавува како тужена страна државата да се одолговлекуваат, особено во оној дел каде што станува збор за некакви парични побарувања“, вели Цаца Николовска.
Илустрација.
Илустрација.

Еден од примерите кои потврдуваат дека предметите во кои тужениот е државата или претставниците на извршната власт се одолговлекуваат е и оној на здружението Граѓани за европска Македонија кое го тужи вицепремиерот Зоран Ставрески за клевета. Судскиот спор трае повеќе од две години, а Ставрески ниту еднаш не се појави во судницата.
Овие постапки уште еднаш го потврдуваат фактот дека сè уште нашата судска власт, судството во Македонија не е независно во вистинска смисла на зборот.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

И професор Осман Кадриу вели дека наведените примери за дијаметрално различните временски интервали во кои се решаваат конкретните спорови укажува на заклучокот дека судството во Македонија не е независно.

„Овие постапки уште еднаш го потврдуваат фактот дека сè уште нашата судска власт, судството во Македонија не е независно во вистинска смисла на зборот“, вели Кадриу.

Селективниот пристап во одлучувањето не е лесно да се докаже, но праксата не покажува дека станува збор само за субјективно гледање на работите, вели Цаца Николовска. Состојбата во судството во повеќе сегменти е лоша и постојат многу проблеми кои бараат сериозен пристап и суштинско менување на работите, посочува таа.

„Изборот, разрешувањето, оценката на судиите... Голем број од тие критериуми се доведени во прашање затоа што или нема соодветни критериуми или се тоа такви критериуми што може да се толкуваат различно“, вели Цаца Николовска.

Најавените реформи во судството и законите кои се донесени треба да се почитуваат. Нивното спроведување во праксата наидува на проблеми и токму на тоа треба да се внимава за да се надминат овие состојби во судството, вели професор Кадриу.

„Сè додека не се активира механизмот на одговорност за вршење, односно не вршење на функциите согласно Уставот и законите, ние постојано ќе имаме вакви појави“, заклучува Кадриу.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG